„Ти постапуваш верно“
Приближи му се на Бог
„Ти постапуваш верно“
СИГУРНО ќе се согласиш дека најмногу сме повредени тогаш кога ќе нѐ разочара или ќе нѐ изневери некој во кого сме имале доверба. Таквите разочарувања се сосема вообичаени во овој нелојален свет (2. Тимотеј 3:1-5). Постои ли некој што секогаш ќе ни остане потполно верен и лојален? Да видиме што имал да каже за тоа Давид, царот на древниот Израел.
Неколкупати во животот Давид почувствувал што значи некој да те изневери. Љубоморниот Саул, кој бил прв цар на Израел, неправедно го прогласил за одметник и го прогонувал. Во семејството, жена му Михала не му останала лојална, туку ‚го презрела во своето срце‘ (2. Самоилова 6:16). Ахитофел, кој му бил доверлив советник, станал предавник и се приклучил на еден бунт против него. Кој бил водачот на тој бунт? Неговиот сопствен син, Авесалом! Откако толку често му ја изневерувале довербата, дали Давид се откажал и заклучил дека нема никој што секогаш ќе му биде лојален и верен?
Одговорот го наоѓаме во неговите зборови запишани во 2. Самоилова 22:26. Како човек со непоколеблива вера, Давид во една поетска песна го рекол следново за Јехова Бог: „Со верниот ти постапуваш верно“. Давид бил уверен дека, без оглед на тоа колку ќе го разочараат другите луѓе, Јехова ќе му остане лојален и верен.
Да ги разгледаме зборовите на Давид малку подлабоко. Хебрејскиот израз преведен со „постапуваш верно“ може да се преведе и како „постапуваш со лојална љубов“. Значи, вистинската верност и лојалност се темелат на љубов. Јехова со љубов се приврзува кон оние што му се верни и лојални. *
Забележи дека верноста не е само чувство. Таа е активна, а не пасивна особина. Јехова постапува верно, како што лично искусил Давид. Во најтешките моменти од животот на Давид, Јехова дејствувал во негова корист, лојално штитејќи го и водејќи го овој верен цар. Тој бил свесен дека Јехова го избавил „од рацете на сите негови непријатели“, и му бил благодарен за тоа (2. Самоилова 22:1).
Какво значење имаат за нас зборовите на Давид? Јехова не е превртлив и не се менува (Јаков 1:17). Тој секогаш се држи за своите мерила и го исполнува она што ќе го вети. Во еден друг псалм, Давид напишал: „Јехова... нема да ги остави оние што му се лојални“ (Псалм 37:28).
Јехова ја цени нашата лојалност. Мило му е кога верно го слушаме и нѐ поттикнува да бидеме лојални и верни и во односите со другите луѓе (Ефешаните 4:24; 5:1). Ако покажуваме таква лојалност и верност, ќе можеме да имаме доверба дека тој никогаш нема да нѐ остави. Колку и да нѐ разочараат другите луѓе, можеме да бидеме сосема сигурни дека Јехова ќе постапи верно и лојално кон нас и ќе ни помогне успешно да се соочиме со неволјите. Дали имаш желба да станеш уште поблизок со лојалниот Бог, Јехова? (Откровение 16:5).
[Фуснота]
^ пас. 4 Стихот од 2. Самоилова 22:26 е паралелен со Псалм 18:25. Во еден библиски превод тој псалм гласи вака: „Кон верниот покажуваш неизмерна љубов“ (The Psalms for Today).