Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Земи си го синот!“

„Земи си го синот!“

Приближи му се на Бог

„Земи си го синот!“

2. ЦАРЕВИТЕ 4:8-37

СМРТТА на детето е една од најболните загуби. Јехова Бог има моќ да ја отстрани смртта. Можеме да бидеме сигурни во тоа бидејќи во Библијата е запишано дека во минатото Бог им дал моќ на некои луѓе да воскреснуваат мртви. За еден таков случај читаме во 2. Царевите 4:8-37, каде што пишува дека пророкот Елисеј вратил во живот едно дете.

Тоа се случило во градот Сунам. Една жена и нејзиниот маж, кои немале деца, биле добри кон Елисеј со тоа што редовно му давале храна и сместување. Еден ден, овој пророк, кој им бил многу благодарен, ѝ рекол на жената: „Догодина во ова време ќе гушкаш син“. Денот за кој мислела дека никогаш нема да го дочека конечно дошол и, како што кажал Елисеј, таа навистина родила син. За жал, нејзината радост не траела долго. По неколку години, додека детето било во полето, добило силни главоболки и го одвеле дома, каде што умрело на колената на мајка си (стихови 16, 19, 20). Ужалената мајка го подигнала мртвото тело на своето дете и нежно го положила во креветот на кој често спиел пророкот.

Со согласност од својот сопруг, таа веднаш тргнала на пат долг 30 километри до планината Кармил, каде што бил Елисеј. Кога се сретнале, таа не почнала веднаш да плаче, да тагува или, пак, на некој друг начин да ја изразува својата длабока болка. Дали се однесувала така затоа што чула дека Илија, кој бил пророк пред Елисеј, веќе го имал воскреснато синот на една вдовица? (1. Царевите 17:17-23). Дали Сунамката верувала дека Елисеј може да го направи истото и за нејзиниот син? Како и да е, таа не сакала да се врати дома сѐ додека Елисеј не се согласил да појде со неа.

Откако пристигнале во Сунам, Елисеј влегол сам во собата што му била добро позната и на „неговата постела“ го видел безживотното тело на детето (стих 32). Почнал да го преколнува Јехова од дното на душата. Така, додека Елисеј бил наведнат над синот на Сунамката, ‚телото на детето се загреало‘. Младото детско срце почнало повторно да чука! Елисеј ја викнал мајката и ѝ рекол нешто што сигурно ја претворило нејзината болка во неизмерна радост: „Земи си го синот!“ (стихови 34, 36).

Извештајот за воскресението на синот на Сунамката ни влева надеж и утеха. Јехова е свесен за болката што ја чувствуваат родителите кога ќе им почине дете. Освен тоа, тој копнее да ги врати во живот децата што умреле (Јов 14:14, 15). Тоа што Елисеј и други верни слуги во минатото вратиле во живот некои починати лица ни покажува што ќе направи Јехова во уште поголеми размери во праведниот нов свет што наскоро ќе дојде. *

Ветувањето дека Бог ќе ги воскресне мртвите не ја отстранува болката од загубата на некој од најмилите. Еден верен христијанин на кого му умрело единственото дете, рекол: „Мојата болка нема целосно да исчезне сѐ додека не бидам пак со мојот син“. Претстави си како би било да бидеш повторно со твоите најмили што умреле! Самата помисла дека ќе можеш пак да ги прегрнеш може да ти ја олесни болката. Дали сакаш да научиш нешто повеќе за Бог, кој ни ја дава оваа скапоцена надеж?

[Фуснота]

^ Нешто повеќе за библиското ветување дека ќе има воскресение можеш да прочиташ во 7. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.