Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Од што се плашат мнозина?

Од што се плашат мнозина?

Од што се плашат мнозина?

„Не мора да бидеш верник за да ти биде јасно дека сме на работ на катастрофа“ (СТИВЕН О’ЛИРИ, ВОНРЕДЕН ПРОФЕСОР НА УНИВЕРЗИТЕТОТ ВО ЈУЖНА КАЛИФОРНИЈА) *

СЕ СОГЛАСУВАШ ЛИ со горните зборови? Во овие неколку статии ќе разгледаме некои причини зошто луѓето се плашат од иднината. Но, во нив е објаснето и зошто можеш да бидеш уверен дека нема да му дојде крај на животот на Земјата. И покрај отрезнувачките факти што ќе ги прочиташ сега, постои добра причина за оптимизам.

Сѐ уште има голема опасност од нуклеарна војна. Во 2007 год., во едно списание беше објавено следново предупредување: „Светот никогаш порано не стоел пред толку ризични одлуки како од времето кога беа фрлени првите атомски бомби врз Хирошима и Нагасаки“ (Bulletin of the Atomic Scientists). Од каде произлегува таквата загриженост? Во истото списание пишуваше дека во 2007 год. сѐ уште имало околу 27.000 нуклеарни боеви глави и дека 2.000 од нив биле „спремни да се лансираат за неколку минути“. Да се активираше дури и само еден мал дел од тоа оружје, последиците ќе беа катастрофални!

Дали оттогаш се намали опасноста од нуклеарна војна? Петте најголеми нуклеарни сили — Кина, Обединетото Кралство, Русија, САД и Франција  — „користат нови системи за нуклеарно оружје или, пак, најавуваат дека имаат намера да ги користат во иднина“, пишува во Годишниот зборник за 2009 на Стокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања (SIPRI Yearbook 2009). * Но, во истата публикација се тврди дека тие земји не се единствените што имаат нуклеарно оружје. Истражувачите проценуваат дека Индија, Пакистан и Израел поседуваат по 60-80 нуклеарни бомби. Исто така, тие велат дека во целиот свет се распоредени вкупно 8.392 нуклеарни боеви глави, спремни да бидат лансирани во секој момент!

Климатските промени можат да предизвикаат катастрофа. „Опасноста што ја носат климатските промени е речиси исто толку сериозна како опасноста од нуклеарното оружје“, стои во Bulletin of the Atomic Scientists. И угледни научници, меѓу кои Стивен Хокинг, почесен професор на универзитетот во Кембриџ, како и сер Мартин Рис, директор на Тринити Колеџот на универзитетот во Кембриџ, ги даваат истите сериозни предупредувања. Тие сметаат дека несовесната употреба на технологијата и влијанието на човекот врз животната средина можат неповратно да го изменат животот на Земјата, па дури и да ѝ стават крај на цивилизацијата.

Мрачните предвидувања загрижуваат милиони луѓе. Пребарувај на Интернет под зборовите „крај на светот“ и годината „2012“ и ќе најдеш стотици страници со шпекулации дека крајот ќе дојде тогаш. Зошто? Според многумина, еден древен календар на Маите, познат како „Долго сметање“, ќе заврши во 2012 год. Мнозина стравуваат дека тоа на некој начин го навестува крајот на нашава цивилизација.

Многу побожни луѓе веруваат дека во Библијата пишува дека ќе биде уништена дословната Земја. Тие мислат дека сите верници ќе бидат земени на небото, а другите ќе бидат оставени да страдаат на Земјата на која ќе владее хаос или, пак, ќе бидат фрлени во пекол.

Но, дали Библијата навистина вели дека Земјата ќе биде сосема упропастена или уништена? „Не верувајте ѝ на секоја изјава“, предупредил апостол Јован, „туку испитајте дали таквите изјави потекнуваат од Бог“ (1. Јованово 4:1). Наместо слепо да го прифатиш она што го кажуваат другите, отвори ја Библијата и самиот провери што вели таа за крајот на светот. Можеби ќе се изненадиш од она што ќе го прочиташ во неа.

[Фусноти]

^ Од статијата „Заради катастрофите има сѐ повеќе предвидувања за судниот ден“, објавена на веб-страницата на ТВ-куќата MSNBC, на 19 октомври 2005 год.

^ Извештајот во Годишниот зборник за 2009 го напишала Шанон Н. Кајл, искусен истражувач, која раководи со проектот за нуклеарно оружје на отсекот за контрола и неширење на оружјето при SIPRI; Виталиј Федченко, истражувач во истиот отсек; и Ханс М. Кристенсен, директор на проектот за нуклеарни информации при Федерацијата на американските научници.

[Извори на слики на страница 4]

Атомска печурка: U.S. National Archives photo; фотографии на ураган: WHO/League of Red Cross and U.S. National Archives photo