Тајни на семејната среќа
Да се преживее првата година од бракот
Тој: „Не ми се верува колку сме различни со жена ми! На пример, јас сакам да станувам порано наутро, додека таа сака да седи до доцна навечер. А да не ги спомнувам нејзините промени во расположението! Никако не можам да ги разберам! И уште нешто — кога готвам, за сѐ ми наоѓа маани, а најмногу за тоа со која крпа си ги бришам рацете“.
Таа: „За разлика од моето семејство, маж ми не е зборлив. Кај нас дома многу разговаравме, особено за време на оброците. А кога готви тој, со истата крпа ги брише и рацете и садовите! Тоа страшно ме нервира! Зошто е толку тешко да се разберат мажите? Како им успева бракот на луѓето?“
АКО сте скоро венчани, дали и вам ви се случуваат вакви работи? Ти се чини ли дека кај твојот брачен другар одеднаш се појавуваат грешки и слабости што ги немаше додека бевте во врска? Како можете да го намалите притисокот од ‚телесните неволји во животот‘ што доаѓаат со бракот? (1. Коринќаните 7:28, Превод на д-р Д. Х. Константинов).
Прво, не очекувајте дека, со самото тоа што стапувате во брак автоматски станувате експерти за брачен живот. Можеби пред бракот и двајцата сте научиле некои работи што се потребни за да имате добри односи со другите, а откако сте започнале врска, веројатно и сте се подобриле во тоа. Но, бракот носи нови ситуации кои ќе ве стават на испит и веројатно ќе бараат да научите и други вештини. Дали ќе правите грешки? Секако. А можете ли да ги стекнете тие вештини? Апсолутно!
Најдобриот начин човек да се подобри во нешто е да побара помош од некој стручњак на тоа поле, а потоа да ги примени неговите совети. Најдобриот стручњак за брак е Јехова Бог. И логично е да е така, затоа што токму тој нѐ создал со желбата да стапиме во брак (1. Мојсеева 2:22-24). Да видиме како неговата Реч, Библијата, може да ви помогне да ги совладате тешкотиите и да ги стекнете потребните вештини што ќе му помогнат на вашиот брак да трае уште долго по првата година.
ВЕШТИНА 1. НАУЧЕТЕ ДА СЕ ДОГОВАРАТЕ ЗА РАБОТИТЕ
Зошто не е лесно?
Кејџи, * од Јапонија, понекогаш заборавал дека неговите одлуки ја засегаат и неговата жена. „Ќе прифатев покана за на гости без најпрво да се договорам со жена ми. Подоцна ќе увидев дека нејзе не ѝ одговара она што сум го договорил“, раскажува тој. Ален, од Австралија, вели: „Сметав дека не си маж ако ја прашуваш жена ти што да правите“. На Ален не му било лесно да се договара со жена му поради начинот на кој бил воспитан. Истото било случај и со Дијана, која живее во Британија. Таа вели: „Бев навикната да ги прашувам татко ми и мајка ми за совет. Затоа, во почетокот, кога требаше да одлучам нешто, ги прашував нив наместо маж ми“.
Како да се успее?
Бидете свесни дека за Јехова Бог еден брачен пар е „едно тело“ (Матеј 19:3-6). Во негови очи, не постои поважна врска меѓу луѓето од брачната. За таа врска да остане цврста, неопходно е да постои добра комуникација.
Во тој поглед, брачните парови можат многу да научат од начинот на кој Јехова комуницирал со Авраам. На пример, прочитајте го разговорот запишан во 1. Мојсеева 18:17-33. Забележете дека Бог му укажал чест на Авраам на три начини. 1) Јехова му кажал каква намера има. 2) Го сослушал Авраам кога си го кажал мислењето. 3) Направил разумни отстапки за да ги исполни барањата на Авраам. Како можете да го следите овој пример кога се договарате како брачен пар?
ПРЕДЛОГ: Кога разговараш за нешто што ќе влијае и врз твојот брачен другар, 1) објасни што би направил ти во ситуацијата, но изнеси го тоа како предлог, а не како веќе завршена работа или како безусловно барање; 2) прашај го твојот брачен другар што мисли за тоа и не заборавај дека има право на поинакво мислење; и 3) покажи разумност така што, колку што е можно, ќе бидеш спремен да направиш отстапки за да ги исполниш желбите на твојот брачен другар (Филипјаните 4:5).
ВЕШТИНА 2. НАУЧЕТЕ ДА БИДЕТЕ ТАКТИЧНИ
Зошто не е лесно?
Зависно од семејството или културата во која сте израснале, можеби сте стекнале навика да си го кажувате мислењето решително, па дури и грубо. На пример, Лијам кој живее во Европа вели: „Во мојата земја луѓето не ги кажуваат работите баш тактично. И јас имав навика да зборувам грубо, а тоа често ја
вознемируваше жена ми. Морав да научам да бидам понежен“.Како да се успее?
Не тргнувајте од претпоставката дека брачниот другар сака со него да се зборува онака како што секој од вас веќе си е навикнат (Филипјаните 2:3, 4). Советот што апостол Павле му го дал на еден мисионер е корисен и за нововенчаните парови. Тој напишал: „Робот на Господарот не смее да се кара, туку треба да биде благ“. Изворниот грчки збор преведен со „благ“ може да се преведе и како „тактичен“ (2. Тимотеј 2:24, фуснота). Тактичното лице согледува на што треба да внимава во дадена ситуација за да постапи љубезно, без некој да биде навреден.
ПРЕДЛОГ: Кога брачниот партнер ќе те изнервира, замисли си дека наместо со него зборуваш со некој добар пријател или со својот шеф. Дали би зборувал со истиот тон или би ги кажал истите зборови? Потоа, размисли зошто твојот брачен другар заслужува со него да разговараш дури и со поголема почит и тактичност отколку со твојот пријател или шеф (Колошаните 4:6).
ВЕШТИНА 3. НАУЧЕТЕ ДА СЕ ПРИСПОСОБИТЕ НА НОВИТЕ УЛОГИ
Зошто не е лесно?
Во почетокот, можеби мажот не го спроведува вешто поглаварството, а жената, пак, можеби не е навикната тактично да дава предлози. На пример, Антонио од Италија вели: „Татко ми речиси никогаш не ја прашуваше мајка ми за мислење во врска со некоја семејна одлука. Затоа, кога се оженив, се однесував како газда“. Деби, од Канада, кажува: „Постојано барав од маж ми да биде поуреден. Но изгледа дека мојот шефовски тон го тераше само уште повеќе да води инает“.
Како да успее мажот?
Некои мажи го мешаат она што го пишува во Библијата за подложноста на жената со она што го пишува за послушноста на детето кон родителите (Колошаните 3:20; 1. Петрово 3:1). Во Библијата пишува дека мажот треба да се ‚прилепи до својата жена, и двајцата да бидат едно тело‘ (Матеј 19:5). Вакво нешто не пишува за родителот и за детето. Јехова ја опишува жената како помошничка, како дополнение на својот маж, а тоа никогаш не го кажува за односот помеѓу родителот и детето (1. Мојсеева 2:18). Што мислиш — дали мажот го почитува брачното уредување ако ја третира својата жена како дете?
Всушност, Божјата Реч те поттикнува да постапуваш со својата жена како што постапува Исус со христијанското собрание. Можеш да ѝ олесниш да те почитува како свој поглавар 1) ако не очекуваш таа веднаш и беспрекорно да покаже подложност кон тебе, и 2) ако ја сакаш како што го сакаш своето тело, дури и кога ќе дојде до проблеми (Ефешаните 5:25-29).
Како да успее жената?
Прифати го фактот дека твојот маж отсега е поставен од Бог за твој поглавар (1. Коринќаните 11:3). Ако го почитуваш својот маж, го почитуваш и Бог. Ако не го почитуваш како свој поглавар, покажуваш што мислиш не само за својот маж туку и за Бог и за неговите барања (Колошаните 3:18).
Кога разговарате за некој тежок проблем, нападни го проблемот, а не карактерот на својот маж. На пример, царицата Естира сакала нејзиниот маж, царот Ахасвер, да исправи една неправда. Наместо да го нападне, таа му се обратила тактично. Маж ѝ го прифатил нејзиниот предлог и на крај постапил исправно (Естира 7:1-4; 8:3-8). Многу поголема е веројатноста маж ти да научи длабоко да те сака 1) ако му дадеш време да ја совлада својата нова улога на семеен поглавар и 2) ако се однесуваш со него со почит, дури и кога прави грешки (Ефешаните 5:33).
ПРЕДЛОГ: Наместо да мислиш на оние работи кои сметаш дека треба да ги смени твојот брачен другар, направи си список на работи што треба да ги смениш кај себе. За мажот: Кога ќе ја повредиш својата жена со начинот на кој го спроведуваш или пропушташ да го спроведеш поглаварството, прашај ја како би можел да се поправиш и потоа запиши си го предлогот. За жената: Кога твојот маж смета дека не покажуваш почит кон него, прашај го како би можела да се поправиш и запиши си го предлогот.
Имај разумни очекувања
Да научиш да одржуваш среќен, урамнотежен брачен однос е слично како да учиш да возиш велосипед. Очекуваш дека неколку пати ќе паднеш пред да научиш да возиш. Слично на тоа, и пред да стекнеш брачно искуство, можеш да очекуваш дека ќе направиш грешки поради кои ќе ти биде непријатно.
Имај смисла за хумор. Сфати го сериозно она што го загрижува твојот брачен другар, но научи да се смееш на сопствените грешки. Потруди се твојот брачен другар да ужива во првата година од бракот (5. Мојсеева 24:5). А пред сѐ, дозволете и двајцата да ве водат советите од Божјата Реч. Тоа е клучот за вашиот брак од година во година да станува сѐ поцврст.
^ Некои имиња се сменети.
ПРАШАЈ СЕ...
-
Дали му се доверувам на мојот брачен другар за сѐ или попрво барам мислење од некој друг?
-
Што направив во последниве 24 часа за да му покажам на мојот брачен другар дека го сакам и дека го почитувам?