Дали Јеховините сведоци исцелуваат со вера?
Читателите прашуваат...
Дали Јеховините сведоци исцелуваат со вера?
▪ Јеховините сведоци никогаш не се занимавале со верски исцелувања. Исто како Исус, тие се уверени дека нивната главна задача е да ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство. Освен тоа, веруваат дека вистинските христијани нема да се препознаваат по тоа што ќе исцелуваат со вера, туку по нешто многу поважно.
Се разбира, тоа што во првиот век Исус Христос сочувствително ги лекувал болните има големо значење за сите нас. Со тоа дал гаранција дека, кога ќе владее како Цар на Божјето Царство, „никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“ (Исаија 33:24).
Но, како е денес? Верските исцелители во христијанскиот свет, како и во некои нехристијански религии, тврдат дека можат да извршуваат чудотворни лекувања. Меѓутоа, Исус строго предупредил дека ќе има лица што ќе тврдат дека ‚правеле многу чуда‘ во негово име. Но, тој ќе им рече: „Никогаш не сум ве познавал; бегајте од Мене вие што правите незаконски дела!“ (Матеј 7:22, 23, Превод на МПЦ). Според тоа, дали наводните чуда што денес ги прават верските исцелители се доказ дека Бог ги одобрува или ги благословува?
Да видиме што вели Библијата за лекувањата што ги извршил Исус. Ако ги споредиме овие записи со методите што ги користат верските исцелители денес, ќе биде лесно да утврдиме дали зад денешните исцелувања стои Бог.
Исус никогаш не ги лекувал луѓето за да придобие повеќе следбеници или за да собере поголема публика. Напротив, тој излекувал многу луѓе далеку од очите на јавноста. Честопати, на оние што ќе ги излекувал им велел да не кажуваат никому (Лука 5:13, 14).
Исус никогаш не земал пари за чудата што ги правел (Матеј 10:8). Исто така, тој секогаш лекувал со успех. Сите болни што дошле кај него биле потполно излекувани, без разлика колкава вера имале (Лука 6:19; Јован 5:5-9, 13). Исус воскреснувал дури и мртви! (Лука 7:11-17; 8:40-56; Јован 11:38-44).
Иако Исус правел такви чуда, додека проповедал, неговата цел не била да придобие што повеќе преобратеници правејќи чудесни дела придружени со театрални изливи на емоции. Наместо тоа, најважно му било да ја објави добрата вест за Божјето Царство. Исус ги подготвил своите следбеници да прават ученици, кои потоа ќе им кажуваат и на другите за надежта дека може да имаат совршено здравје во Божјето Царство (Матеј 28:19, 20).
Точно, некои следбеници на Исус во првиот век имале посебни дарови на лекување, но тие дарови требало да престанат (1. Коринќаните 12:29, 30; 13:8, 13). Вистинските христијани денес не се препознаваат по тоа што исцелуваат со вера, туку по самопожртвуваната љубов што ја покажуваат еден кон друг (Јован 13:35). Верските исцелувања денес не придонеле христијаните од различни раси и со различно потекло да бидат една вистинска фамилија во која владее љубов.
Сепак, постои група христијани кои ги обединува толку силна љубов што не сакаат да си наштетуваат меѓу себе — или на некој друг — дури ни кога се водат најжестоки конфликти меѓу луѓето. Кои се тие? Јеховините сведоци. Во целиот свет се познати по тоа што покажуваат љубов како Христовата. Самото тоа што се обединети луѓе од различно расно, национално, културно и етничко потекло претставува чудо кое е возможно само со помош на Божјиот свет дух. Би можел да појдеш на еден од нивните состаноци и самиот да се увериш дека е така.
[Слика на страница 13]
Дали зад денешните верски исцелители навистина стои Бог?