Разговор на библиски теми — што е светиот дух?
Разговор на библиски теми — што е светиот дух?
ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ со задоволство разговараат со другите луѓе за Библијата. Имаш ли некое прашање за кое многу сакаш да знаеш каков одговор дава таа? Дали сакаш да дознаеш нешто повеќе за Јеховините сведоци и нивните верувања? Ако е така, слободно прашај што и да те интересира кога ќе сретнеш некој од нив. Сигурно со задоволство ќе ти одговори.
Следи еден типичен разговор на Јеховин сведок со некој станар. Да замислиме дека Јеховиниот сведок по име Тони отишол кај некој човек по име Драган.
На што мислите кога ќе речете „свет дух“?
Драган: Сум чул дека Јеховините сведоци не се христијани бидејќи не веруваат во светиот дух.
Тони: Најнапред сакам да Ви кажам дека ние сме христијани. Денес сум на Вашата врата баш затоа што верувам во Исус Христос. Всушност, тој им заповедал на своите следбеници да проповедаат. Но, може ли да Ве прашам на што мислите кога ќе речете „свет дух“?
Драган: Мислам на Божјиот дух, третата личност во тројството, помошникот што Исус ветил дека ќе ни го прати. За мене тој помошник е многу важен. Сакам да го чувствувам светиот дух во мојот живот.
Тони: И многу други луѓе така го сфаќаат светиот дух. Пред некое време истражував што вели Библијата за тоа. Ако имате неколку минути, би сакал Ви покажам што дознав.
Драган: Во ред, ама само кратко.
Тони: Да Ви се претставам, јас сум Тони.
Драган: Јас сум Драган.
Тони: Мило ми е, Драган. За да не Ви одземам многу време, ќе спомнам само една работа. Рековте дека светиот дух е помошникот што ни го ветил Исус. Се согласувам со Вас. А што мислите, дали светиот дух е личност и дали е едно со Бог?
Драган: Да, така ме учеа.
Дали светиот дух е личност?
Тони: Да прочитаме неколку стихови од Библијата што ќе ни помогнат да видиме дали светиот дух е личност или не. Можеби веќе сте ги читале. Во Дела 2:1-4 пишува: „На денот на Педесетницата, сите беа заедно на исто место. И одеднаш настана шум од небото, како при налет на силен ветар, и ја исполни целата куќа во која седеа. И здогледаа нешто како пламени јазици, кои се разделија, па на секого од нив слезе по еден. И сите се исполнија со свет дух и почнаа да зборуваат на разни јазици, како што им даваше духот да зборуваат“.
Драган: Да, сум го читал тоа.
Тони: Да Ве прашам нешто, Драган: Може ли една личност да се исполни со друга личност?
Драган: Се разбира дека не.
Тони: Да видиме што пишува малку понатаму во истото поглавје, во 17. стих. Првиот дел од тој стих гласи: „,Во последните денови‘, вели Бог, ‚ќе го излеам својот дух на најразлични луѓе‘“. Драган, зар би можел Бог да излее дел од некој со кого е едно исто?
Драган: Па и тоа не е баш логично.
Тони: Во една ситуација и Јован Крстител зборувал за излевањето на светиот дух, но тоа го опишал со поинакви зборови. Запишано е во Матеј 3:11. Ќе сакате Вие да го прочитате овој стих?
Драган: „Јас ве крштавам со вода поради вашето покајание, но оној што доаѓа по мене е посилен од мене. Нему јас не сум достоен да му ги собујам ни сандалите. Тој ќе ве крсти со свет дух и со оган.“
Тони: Фала. Забележавте ли што рекол Јован Крстител за светиот дух?
Драган: Па, рекол дека ќе има крштавање со свет дух.
Тони: Така е. А спомнал и крштавање со оган. Јасно, огнот не е личност, нели? Тогаш, дали од овој стих произлегува дека светиот дух е личност?
Драган: Не.
Тони: Значи, библиските стихови што ги прочитавме покажуваат дека светиот дух не е личност.
Драган: По сѐ изгледа не е.
Во која смисла е ‚помошник‘?
Тони: Но, пред малку го спомнавте и зборот ‚помошник‘. Исус го нарекол светиот дух ‚помошник‘, како што пишува во Јован 14:26. Да го прочитаме тоа заедно: „Помошникот, светиот дух, кого Таткото ќе го испрати во мое име, тој ќе ве поучи за сѐ и ќе ве потсети на сѐ што сум ви кажал“. Некои мислат дека овој библиски стих ја поткрепува идејата дека светиот дух е личност, некој што ќе помага и ќе поучува.
Драган: Да, јас отсекогаш сум мислел така.
Тони: Но, можно ли е Исус да користел само стилска фигура? На пример, видете што рекол за мудроста, во Лука 7:35: „Сепак, мудроста ја оправдуваат сите нејзини деца“. Дали според ова би заклучиле дека мудроста е личност и дека навистина има деца?
Драган: Не, очигледно станува збор за симболика.
Тони: Така е. Исус сакал да каже дека мудроста се гледа по резултатите. Во Библијата често се користи една стилска фигура наречена персонификација — односно, се зборува за нешто неживо како да е живо. Во нашите разговори често користиме такви стилски фигури. На пример, воопшто не би било чудно ако ова убаво утро некој рече: „Тргни ги завесите, нека влезе сонце во собата“?
Драган: Па и јас самиот би рекол така.
Тони: А дали тоа значи дека сонцето е личност што би дошла на гости кај Вас?
Драган: Јасно дека не. Тоа е само симболика.
Тони: Значи, кога Исус го нарекол светиот дух помошник, или учител, зар не користел само симболика?
Драган: Можно е. Тоа би било во склад со стиховите кај што пишуваше дека духот бил излеан и дека луѓето
биле крстени со него. Но, ако светиот дух не е личност, тогаш што е?Што е светиот дух?
Тони: Во Дела 1:8, Исус ни кажува што е светиот дух. Ќе сакате ли да го прочитате тоа?
Драган: „Ќе примите сила кога светиот дух ќе дојде врз вас, и ќе ми бидете сведоци во Ерусалим, во цела Јудеја и Самарија и сѐ до крајот на земјата“.
Тони: Тука Исус го поврзува светиот дух со сила. Врз основа на претходните стихови што ги прочитавме, што мислите, од каде доаѓа таа сила?
Драган: Од Бог, Отецот.
Тони: Така е. Светиот дух е истата сила што Бог ја употребил за да ја создаде вселената. Тоа се гледа од вториот стих што е запишан во Библијата. Во 1. Мојсеева 1:2 пишува: „Божјиот дух дејствуваше над површината на водите“. Божјиот дух е невидливата сила што ја користи Бог за да ја исполни својата намера и да ја открие својата волја. Да разгледаме само уште еден библиски стих. Тоа е Лука 11:13. Ќе сакате да го прочитате и овој стих?
Драган: „Ако вие, иако сте зли, знаете да им давате на своите деца добри дарови, колку повеќе Таткото, кој е на небото, ќе им даде свет дух на оние што го молат за тоа!“
Тони: Ако Таткото на небото има власт над светиот дух и им го дава на оние што го молат, дали е логично светиот дух да биде еднаков со Таткото?
Драган: Не. Сега сфаќам што сакате да кажете.
Тони: Добро, Драган, да не Ве задржувам повеќе. Рековте дека немате многу време. Само уште едно прашање како резиме на нашиов разговор. Врз основа на стиховите што ги разгледавме, што би рекле, што е светиот дух?
Драган: Силата што ја користи Бог.
Тони: Така е. И кога Исус, според Јован 14:26, го нарекол светиот дух помошник, или учител, употребил една стилска фигура наречена персонификација.
Драган: Да, тоа не сум го знаел.
Тони: Можеме да научиме нешто многу утешно од зборовите на Исус.
Драган: На што мислите?
Тони: Можеме да го молиме Бог да ни помага со својот свет дух кога ни е тешко. Исто така, можеме да го молиме со својот свет дух да ни помогне да ја дознаеме вистината за него.
Драган: Интересно. Треба да размислам за овие работи.
Тони: Пред да си заминам, ќе Ви спомнам уште нешто вредно за размислување. Бидејќи светиот дух е силата со која се служи Бог, тогаш сигурно се согласувате дека Бог може да ја користи за да исполни сѐ што ќе намисли.
Драган: Секако.
Тони: Тогаш, зошто сѐ уште не ја употребил таа безгранична сила за да им стави крај на страдањата и на злото што ги гледаме насекаде околу нас? Дали некогаш сте размислувале за ова? a
Драган: Да, да, сум размислувал.
Тони: Како би било да дојдам пак следната седмица во истово време и да поразговараме за тоа?
Драган: Баш би сакал. Ќе се видиме.
[Фуснота]
a Нешто повеќе на оваа тема можеш да прочиташ во 11. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.