Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Тој „растеше пред Јехова“

Тој „растеше пред Јехова“

Угледајте се на нивната вера

Тој „растеше пред Јехова“

САМОИЛ стоел, загледан во лицата на луѓето од својот народ. Тие се собрале во градот Гилгал затоа што ги свикал овој човек кој со децении служел верно како пророк и судија. Било мај или јуни според денешниот календар, што значи дека сушната сезона одамна почнала. Полињата биле позлатени од зрелото жито. Меѓу народот завладеала потполна тишина. Како можел Самоил да им допре до срцето?

Луѓето немале претстава колку сериозна била нивната ситуација. Претходно упорно барале да им биде поставен некој човек кој ќе владее над нив. Не сфаќале дека со тоа покажале големо непочитување кон својот Бог, Јехова, и кон неговиот пророк. Тие, всушност, го отфрлиле Јехова како свој Цар! Што можел да направи Самоил за да ги поттикне да се покаат?

Тишината ја прекинал неговиот глас. „Јас остарев и оседев“, им рекол на насобраните луѓе. Неговата бела коса им додавала уште поголема тежина на неговите зборови. Потоа продолжил: „Одев пред вас од својата младост до денешен ден“ (1. Самоилова 11:14, 15; 12:2). Иако бил стар, Самоил не заборавил на својата младост. Сѐ уште имал живи сеќавања на тие денови. Одлуките што ги донел во минатото, додека растел, му помогнале цел живот да му остане верен и оддаден на својот Бог, Јехова.

Самоил морал постојано да ја гради и да ја одржува својата вера, иако бил опкружен со безверни и нелојални луѓе. И денес е тешко да се гради верата, бидејќи живееме во исто толку безверен и расипан свет. Да видиме што можеме да научиме од примерот на Самоил, почнувајќи од неговото рано детство.

„Момчето Самоил служеше пред Јехова“

Самоил имал необично детство. Кратко откако мајка му престанала да го дои, веројатно кога имал околу четири години, почнал да служи во светиот шатор на Јехова во Сило, на околу 30 километри од неговиот дом во Рама. Неговите родители, Елкана и Ана, му го посветиле своето синче на Јехова за да му служи на еден посебен начин. Така детето било назареец целиот свој живот. a Дали тоа значело дека родителите го напуштиле Самоил и дека не го сакале?

Воопшто не! Тие знаеле дека нивниот син ќе биде добро згрижен во Сило. Првосвештеникот Илиј ги надгледувал работите, а Самоил тесно соработувал со него. Во шаторот служеле и жени, кои грижливо ги извршувале задачите што им биле доделени (2. Мојсеева 38:8).

Освен тоа, Ана и Елкана не го заборавиле својот сакан првороден син, чие раѓање било одговор на една молитва. Ана го молела Јехова за син, ветувајќи му дека ќе му го посвети детето да му извршува света служба целиот свој живот. Секоја година кога одела да го види, таа му давала на Самоил нова туника што самата ја шиела за да ја носи додека служи во светиот шатор. Малото дете сигурно многу се радувало кога ќе му дошле родителите. Не треба воопшто да се сомневаме дека добро напредувало благодарение на љубезните охрабрувања и совети што му ги давале неговите родители, кои го учеле колкава чест било што му служи на Јехова на тоа посебно место.

Денес родителите можат многу да научат од Ана и Елкана. Вообичаено е родителите најмногу да мислат на материјалните потреби на своите деца, а да ги занемарат нивните духовни потреби. Но, татко му и мајка му на Самоил ги ставиле на прво место духовните работи, што многу влијаело врз тоа во каков човек пораснал нивниот син (Изреки 22:6).

Можеме да си го замислиме како расте и како сѐ почесто ужива во прошетките по ридовите околу Сило. Кога оттаму ќе го вперел погледот кон градот и долината под него, срцето веројатно му потскокнувало од радост и гордост штом ќе го здогледал Јеховиниот шатор. Тој бил свето место во вистинска смисла на зборот. b Подигнат речиси 400 години претходно под водство на Мојсеј, шаторот бил единствен центар на обожавањето на вистинскиот Бог Јехова во светот.

Малиот Самоил многу го засакал светиот шатор. Во извештајот што го напишал подоцна, читаме: „Момчето Самоил служеше пред Јехова опашано со ленен ефод“ (1. Самоилова 2:18). По сѐ изгледа таа едноставна туника покажувала дека Самоил им помагал на свештениците во шаторот. Иако не припаѓал на свештеничката класа, Самоил бил задолжен наутро да ги отвора вратите во дворот на шаторот и да му помага на остарениот Илиј. Но, колку и да уживал во своите задачи, неговото детско срце почнало да се измачува. Во Јеховиниот дом се случувало нешто многу лошо.

Останал чист иако видел лоши работи

Уште од мал, Самоил со свои очи видел голема злоба и расипаност. Илиј имал два сина, Офни и Финес. Еве што напишал Самоил: „Синовите на Илиј беа никаквеци. Не им беше грижа за Јехова“ (1. Самоилова 2:12). Во овој стих се изнесени две мисли што се тесно поврзани една со друга. Офни и Финес биле „никаквеци“ — што на оригиналниот јазик буквално значи „безвредни синови“ — затоа што немале никаква почит кон Јехова. Воопшто не им биле важни неговите праведни мерила и барања. Од тој пропуст произлегле сите други гревови што ги направиле.

Во Божјиот закон било јасно наведено кои биле свештеничките должности и како требало да се принесуваат жртвите во Јеховиниот шатор. Имало силна причина за тоа! Тие жртви го претставувале сето она што го прави Бог за да им ги прости гревовите на луѓето и тие да бидат чисти во негови очи, подобни да ги благослови и да ги води. Но, Офни и Финес ги навеле и другите свештеници да постапуваат со големо непочитување кон жртвите. c

Замисли си го малиот Самоил како со широко отворени очи гледа толку сериозна злоупотреба на положбата, а никој не мрднува со прст за да го спречи тоа. Колку ли луѓе видел — сиромашни, бедни, угнетени — како доаѓаат во тој свет шатор со надеж дека ќе најдат утеха и сила, но заминуваат разочарани, повредени или понижени? И како ли се чувствувал кога дознал дека Офни и Финес ги погазуваат Јеховините закони во врска со моралот и имаат полови односи со некои од жените што служеле таму? (1. Самоилова 2:22). Можеби се надевал дека Илиј ќе преземе нешто.

Илиј најдобро можел да го среди тој голем проблем. Како првосвештеник, тој бил одговорен за она што се случувало во шаторот. А како татко, бил должен да ги исправи своите синови. Всушност, тие си наштетувале и себеси и на безброј други луѓе во земјата. Меѓутоа, Илиј потфрлил во двете работи — и како татко и како првосвештеник. Тој само благо, нежно ги скарал своите синови (1. Самоилова 2:23-25). Но, на неговите синови им требал многу построг укор. Тие правеле гревови за кои заслужувале смрт!

Работите стигнале дотаму што Јехова испратил кај Илиј „еден Божји човек“, односно пророк чие име не ни е кажано, кој носел силна порака на осуда. Јехова му рекол на Илиј: „Им укажуваш поголема чест на своите синови отколку мене“. Тогаш Бог прорекол дека злобните синови на Илиј ќе умрат во ист ден и дека семејството на Илиј многу ќе страда, па дури и ќе ја изгуби својата повластена положба во свештеничката класа. Дали ова силно предупредување предизвикало некаква промена во таа фамилија? Извештајот открива дека нивните срца не се смениле (1. Самоилова 2:27—3:1).

Како влијаела таа расипаност врз младиот Самоил? Одвреме-навреме во овој мрачен извештај наоѓаме блескави зраци на светлина, добри вести за растот и напредокот на Самоил. Сети се дека во 1. Самоилова 2:18 читаме дека „момчето Самоил служеше пред Јехова“ верно. Дури и на толку рана возраст, на Самоил најважно во животот му било да му служи на Бог. Во 21. стих од истото поглавје читаме нешто уште поутешно: „Момчето Самоил растеше пред Јехова“. Додека растел, станувал сѐ поблизок со својот небесен Татко. Таквиот близок личен однос со Јехова е најсигурна заштита од секаква расипаност.

Самоил лесно можел да почне да си мисли дека, ако првосвештеникот и неговите синови можат да грешат, и тој може да прави што сака. Но, расипаноста на другите, вклучувајќи ги и оние што се на одговорна положба, не е никакво оправдување да се прави грев. Денес, многу млади христијани го следат примерот на Самоил и ‚растат пред Јехова‘ — дури и кога некои околу нив не им оставаат добар пример.

Дали вредело што Самоил постапувал така? Да. Во Библијата читаме: „А момчето Самоил растеше и им стануваше сѐ помило и на Јехова и на луѓето“ (1. Самоилова 2:26). Значи, Самоил им бил омилен на другите, барем на оние чие мислење било важно. Јехова многу го сакал ова момче затоа што постапувало верно. А Самоил сигурно знаел дека неговиот Бог ќе дејствува против сето зло што се случувало во Сило, но можеби се прашувал кога.

„Зборувај, зашто твојот слуга слуша“

Една ноќ го добил одговорот на своите прашања. Биле рани мугри, а светилникот во шаторот сѐ уште ја ширел својата треперлива светлина. Во тишината, Самоил чул глас што го викнал по име. Си помислил дека тоа е Илиј, кој веќе бил многу стар и речиси слеп. Самоил станал и ‚отрчал‘ кај старецот. Можеш ли да си го замислиш како босоног брза да види што му треба на Илиј? Трогателно е да се забележи дека Самоил се однесувал кон Илиј со почит и љубезност. И покрај сите гревови што ги правел, Илиј сѐ уште му бил првосвештеник на Јехова (1. Самоилова 3:2-5).

Самоил го разбудил Илиј и му рекол: „Еве ме, ме викаше“. Но, Илиј му одговорил дека не го викнал и му рекол пак да си легне. Сепак, истото се случило уште два пати! На крајот, Илиј сфатил што се случува. Во тоа време било реткост Јехова да му испрати видение или пророчка порака на својот народ, и не е тешко да разбереме зошто. Но, на Илиј му станало јасно дека Јехова почнал пак да зборува со некого — овојпат со тоа дете! Тогаш му рекол на Самоил да си легне и му кажал како да одговори. Самоил го послушал. Наскоро повторно го чул гласот како го вика: „Самоиле! Самоиле!“ Момчето одговорило: „Зборувај, зашто твојот слуга слуша!“ (1. Самоилова 3:1, 5-10).

Конечно, Јехова имал во Сило слуга што слушал. Самоил продолжил да слуша целиот свој живот. Дали и ти слушаш? Не мора да чекаме да ни се обрати некаков натприроден глас во ноќта. Во извесна смисла, и денес Божјиот глас е секогаш со нас. Го слушаме преку неговата Реч, Библијата. Колку повеќе слушаме што ни кажува Бог и постапуваме така, толку повеќе расте нашата вера. Истото било и со Самоил.

Таа ноќ во Сило била пресвртница во животот на Самоил, бидејќи оттогаш почнал да развива блискост со Јехова на еден посебен начин, и станал Божји пророк и говорник. Во почетокот ова дете се плашело да му ја пренесе на Илиј Јеховината порака, бидејќи таа претставувала последна опомена дека пророштвото против тоа семејство наскоро ќе се исполни. Но, Самоил собрал храброст — и Илиј понизно се помирил со осудата од Бог. По кратко време, сѐ што рекол Јехова се исполнило. Израелците отишле во војна против Филистејците, а Офни и Финес загинале во ист ден. И самиот Илиј умрел кога дознал дека бил запленет Јеховиниот свет ковчег (1. Самоилова 3:10-18; 4:1-18).

Меѓутоа, Самоил сѐ повеќе стекнувал глас на верен пророк. „Јехова беше со него“, ни кажува извештајот, и Јехова не допуштил да остане неисполнето ниту едно пророштво што го кажал Самоил (1. Самоилова 3:19).

„Самоил го повика Јехова“

Но, дали тоа значело дека Израелците го следеле водството на Самоил и станале духовен, верен народ? Не. По некое време решиле да не им суди повеќе еден обичен пророк. Сакале да бидат како другите народи и врз нив да владее човек како цар. На заповед од Јехова, Самоил се согласил. Но, морал да им каже на Израелците колку бил тежок нивниот грев. Тие не отфрлале човек, туку самиот Јехова! Затоа, Самоил го собрал народот во Гилгал.

Да си ги претставиме тие напнати моменти кога им се обратил на Израелците во Гилгал. Таму, остарениот Самоил ги потсетил на тоа дека бил верен целиот живот. Потоа читаме: „Самоил го повика Јехова“. Го замолил да испрати бура (1. Самоилова 12:17, 18).

Бура? За време на суша? Такво нешто нити се чуло нити се видело! Ако имало макар и ронка сомнеж или потсмевање меѓу народот, не траеле долго. Одеднаш, небото го прекриле темни облаци. Задувал ветер кој го разбранувал житото во полињата. Зататнале силни, заглушувачки громови и почнало да врне дожд. Како реагирале луѓето? „Целиот народ го обзеде страв од Јехова и од Самоил.“ Конечно сфатиле колку бил тежок нивниот грев (1. Самоилова 12:18, 19).

Не Самоил, туку неговиот Бог, Јехова, допрел до нивните бунтовни срца. Од својата младост па сѐ до староста, Самоил покажувал вера во својот Бог. А Јехова го наградил. До денешен ден Јехова не се променил. Тој и понатаму им помага на оние што се угледуваат на верата на Самоил.

[Фусноти]

a Назарејците биле под завет што вклучувал забрана да пијат алкохолни пијалаци и да си ја потстрижуваат косата. Повеќето давале таков завет само за одредено време, но некои, како што биле Самсон, Самоил и Јован Крстител, биле назарејци целиот свој живот.

b Светилиштето имало правоаголна форма, и во основа претставувало голем шатор оптегнат врз дрвена конструкција. Меѓутоа, било направено од најквалитетни материјали — фокини кожи, прекрасно извезени ткаенини и скапоцени дрва обложени со сребро и злато. Било поставено во еден правоаголен двор во кој имало и еден импресивен жртвеник. Со текот на времето, изгледа дека на страните на шаторот биле доградени и други простории за потребите на свештениците. Веројатно Самоил спиел во една таква просторија.

c Овој извештај ни открива два примера на непочитување. Како прво, Законот јасно пропишувал кои делови од жртвата требало да ги добие свештеникот (5. Мојсеева 18:3). Но, во светиот шатор, злобните свештеници вовеле една сосема поинаква практика. Тие ги терале своите слуги да пикнат голема вилушка во котелот во кој се варело месото, и ги земале убавите парчиња месо што ќе се забоделе на неа! Второ, кога луѓето ќе ги донеле своите жртви да се изгорат на жртвеникот, овие расипани свештеници ќе испрателе некој од слугите да му се заканува на човекот што ја принесувал жртвата, барајќи да им даде живо месо уште пред да му се принесе на Јехова лојот од жртвата (3. Мојсеева 3:3-5; 1. Самоилова 2:13-17).

[Слика на страница 17]

И покрај стравот, Самоил верно му ја пренел на Илиј Јеховината осуда

[Слика на страница 18]

Самоил се молел со вера, а Јехова одговорил со тоа што предизвикал бура