Мудро избирај ги пријателите
Чекор 4
Мудро избирај ги пријателите
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА? „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар“ (Изреки 13:20).
ЗОШТО НЕ Е ЛЕСНО? Пријателите што ги имаме или ќе ни помогнат да бидеме задоволни или ќе ни влијаат да станеме незадоволни. Нивните ставови и разговори ќе влијаат врз нашиот став кон животот (1. Коринќаните 15:33).
На пример, размисли за она што го пишува во Библијата во врска со една група од 12 мажи што се вратиле од еден извиднички поход во Ханаан. Повеќето од нив ,почнале да им зборуваат лошо на синовите на Израел за земјата што ја извидувале‘. Но, двајца од тие луѓе рекле дека Ханаан била „многу добра земја“. Сепак, меѓу народот се раширил негативниот став на десетте извидувачи. „Тогаш целата заедница почна да вика“ пишува во Библијата, „и сите синови на Израел мрмореа“ (4. Мојсеева 13:30—14:9).
Слично и денес, многу луѓе „приговараат, и се жалат за своите околности во животот“ (Јуда 16). Не е лесно да останеш задоволен кога си со луѓе што никогаш не се задоволни.
ШТО МОЖЕШ ДА СТОРИШ? Размисли малку за што разговараш со твоите пријатели. Дали тие често се фалат со она што го имаат, или пак, постојано се жалат на она што го немаат? А каков пријател си им ти? Дали се обидуваш да предизвикаш завист кај нив или, пак, ги охрабруваш да бидат задоволни со она што го имаат?
Да видиме што се случило со Давид, кој требало да стане цар, и Јонатан, синот на цар Саул. Давид живеел како бегалец во пустината. Цар Саул се чувствувал загрозен од него и ја посакувал неговата смрт. Иако по раѓање Јонатан бил наследник на престолот, тој му станал еден од најблиските пријатели на Давид. Јонатан сфатил дека Бог го поставил Давид за следен цар и бил задоволен што можел да го поддржува својот пријател (1. Самоилова 19:1, 2; 20:30-33; 23:14-18).
И тебе ти се потребни пријатели што се трудат да бидат задоволни со животот и што ти го мислат најдоброто (Изреки 17:17). Се разбира, за да стекнеш такви пријатели, треба и самиот да бидеш таков (Филипјаните 2:3, 4).
[Слика на страница 7]
Дали пријателите ти помагаат да бидеш задоволен или ти влијаат да станеш незадоволен?