Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Патување до крајот на Земјата

Патување до крајот на Земјата

Животот на христијаните во првиот век

Патување до крајот на Земјата

„Утредента со Варнава замина за Дерва. Кога му ја објавија добрата вест на тој град и направија многу ученици, се вратија во Листра, во Иконија и во Антиохија“ (ДЕЛА 14:20, 21).

СТУДЕНИОТ утрински воздух ги исполнува белите дробови на патникот. Тој ги навира износените сандали на уморните нозе. Го чека уште еден ден пешачење.

На раното утринско сонце, чекори по правливиот пат минувајќи низ едно лозје, маслинарник, а потоа преку една стрмна падина. Попат сретнува и други патници — земјоделци што одат накај своите полиња, трговци што тераат животни натоварени со стока, и аџии што одат во Ерусалим. Патникот и неговите придружници разговараат со секого што ќе го сретнат. Која е нивната цел? Да ја исполнат задачата што им ја дал Исус и да му бидат сведоци „до крајот на земјата“ (Дела 1:8).

Тој патник би можел да биде апостол Павле, Варнава или некој смел мисионер од првиот век (Дела 14:19-26; 15:22). Тие биле издржливи, решителни луѓе. Не било лесно да се патува. Зборувајќи за своите неволји на море, апостол Павле напишал: „Трипати доживеав бродолом, цела ноќ и цел ден поминав во длабокото море“. Не било ништо полесно ни да се патува по копно. Павле рекол дека честопати наидувал на „опасност од реки“ и „опасност од разбојници“ (2. Коринќаните 11:25-27).

Како би ти било да патуваш со тие мисионери? Колкав пат би поминал на ден? Што би требало да си понесеш, и каде би преноќевал?

Патување по копно. До првиот век, Римјаните изградиле богата мрежа патишта кои ги поврзувале главните центри на нивното царство. Тие патишта биле внимателно осмислени и добро изградени. Многу од нив биле широки 4,5 метри, биле поплочени со камен, порабени со ивичници и означени со камења на кои било напишано растојанието. По еден таков пат, мисионер како Павле поминувал и по 30-тина километри на ден.

Меѓутоа, во Палестина повеќето патишта претставувале опасни правливи друмови, кои воделе низ полиња и клисури. Патникот можел да наиде на грабливи ѕверки или на разбојници, а патиштата можеле да бидат тешко проодни.

Што имал со себе еден патник? Некои од основните работи што ги носел биле стап кој му служел за заштита (1), рогозина (2), ќесе за пари (3), резервен пар сандали (4), торба за храна (5), како и облека (6). Носел и кожно ведро на склопување за да црпи вода од бунарите на кои ќе наидел по патот (7), матарка за вода (8) и голема кожна торба за личните предмети (9).

Мисионерите сигурно сретнувале трговци, кои пренесувале стока од еден до друг пазар. На тие трговци им било неопходно издржливо магаре. Ништо не можело да го замени по стрмните и каменливи патишта. Се вели дека едно јако магаре, кога било максимално натоварено, можело да помине околу 80 километри на ден. Воловските запреги и товарни коли биле побавни и поминувале 8-20 километри на ден. Но, воловите можеле да носат потешки товари и биле идеални за кратки патувања. Патникот можел да сретне и караван — десетици камили или магариња натоварени со стока од целиот свет. Покрај него можеби брзо поминувал гласник на коњ — тој носел пошта и царски одредби до далечните краеви од царството.

Кога ќе се стемнело, патниците спиеле покрај патот во набрзина подигнати логори. Некои можеби отседнувале во караван-сараи, заградено земјиште околу чиј двор имало неопремени соби. Тие валкани, непријатни места нуделе само делумна заштита од лошото време или од крадците. Веројатно секогаш кога било можно, на својот пат мисионерите преноќевале кај роднини или кај некои соверници (Дела 17:7; Римјаните 12:13).

Патување по море. Малите бротчиња превезувале стока и луѓе пловејќи по крајбрежјето и од другата страна на Галилејското Море (Јован 6:1, 2, 16, 17, 22-24). Илјадници поголеми бродови крстосувале по Средоземното Море, носејќи товар кон и од далечни пристаништа. Овие бродови го снабдувале Рим со прехранбени продукти и превезувале владини службеници и пораки од пристаниште до пристаниште.

Додека пловеле, морнарите се ориентирале според впечатливите објекти дење, а според ѕвездите ноќе. Од оваа причина, патувањето по море било релативно безбедно само од мај до средината на септември, кога водите обично биле помирни. Често доаѓало и до бродоломи (Дела 27:39-44; 2. Коринќаните 11:25).

Патувањето по море не било попријатно од патувањето по копно. Товарните бродови, кои биле главно превозно средство, не им нуделе никаква удобност на патниците, кои живееле и спиеле на палубата при различни временски услови. Сувиот простор под палубата бил полн со скапоцена стока. Патниците го јаделе само она што ќе си го понеле со себе. Добивале само вода за пиење. Понекогаш, времето било многу нестабилно. Силните бури и немирното море предизвикувале морска болест, која честопати траела со денови.

И покрај неудобностите што ги носело патувањето по копно и по море, мисионерите, како што бил Павле, ја ширеле ‚добрата вест за царството‘ насекаде во тогаш познатиот свет (Матеј 24:14). Само 30 години откако Исус им рекол на учениците да сведочат за него, Павле можел да напише дека добрата вест била проповедана „меѓу сите суштества под небото“ (Колошаните 1:23).