Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Теши ги ужалените како што правел Исус

Теши ги ужалените како што правел Исус

Теши ги ужалените како што правел Исус

ЛАЗАР, кој живеел во Витанија, тешко се разболел. Неговите сестри, Марта и Марија, испратиле гласници кај нивниот близок пријател, Исус. Но, во меѓувреме Лазар умрел. Додека лежел в гроб, пријателите и соседите оделе кај Марта и Марија „за да ги утешат“ (Јован 11:19). Конечно, Исус стигнал во Витанија и пошол кај своите драги пријателки. Ако размислиме подлабоко за она што го рекол и направил во тие моменти, можеме да научиме како да ги тешиме ужалените.

Со своето присуство покажуваш грижа

За да стигне во Витанија, Исус морал да патува околу два дена, да ја премине реката Јордан и да се искачи по стрмниот, кривулест пат од Ерихон. Марта веднаш отрчала да го поздрави кога наближил до селото. Штом Марија чула дека дошол Исус, и таа побрзала да го пресретне (Јован 10:40-42; 11:6, 17-20, 28, 29). Самото присуство на Исус било извор на утеха за сестрите на Лазар, кои биле скршени од болка.

И денес, со нашето присуство можеме да ги утешиме оние што оплакуваат нечија смрт. Скот и Лидија, кои во несреќен случај го изгубиле својот 6-годишен син Тео, раскажуваат: „Ни беше потребно семејството и пријателите да бидат крај нас. Тие дојдоа сред ноќ, право во болницата“. Како ги утешиле тие пријатели? „Во тие моменти не ни требаа зборови. Нивното присуство кажуваше сѐ — беше јасно дека се грижат за нас.“

Библијата вели дека, кога Исус ги видел луѓето што ја оплакувале смртта на Лазар, бил длабоко потресен и почнал да рони солзи‘ (Јован 11:33-35, 38). Исус не сметал дека на вистинскиот маж не му личи да плаче пред други. Сочувствувал со нивната болка и загуба. Што учиме од тоа? Кога одиме кај некој што оплакува нечија смрт, не треба да се срамиме да плачеме со оние што плачат (Римјаните 12:15). Од друга страна, пак, немој да мислиш дека мора да го тераш ужалениот да плаче. Некои можеби повеќе сакаат да се исплачат додека се сами.

Сочувствително слушај

Исус можеби имал на ум некои охрабрувачки зборови што можел да им ги каже на Марта и Марија, но изгледа дека оставил прво тие да зборуваат (Јован 11:20, 21, 32). Кога ѝ се обратил на Марта, ѝ поставил прашање, а потоа ја слушал (Јован 11:25-27).

Ако слушаме внимателно, покажуваме искрена грижа за ужалениот. За да го утешиме, треба добро да го слушаме кога зборува. Тоа ќе го постигнеме ако поставуваме прашања што ќе му помогнат да си каже сѐ што му лежи на душа. Меѓутоа, внимавај да не го тераш да зборува сосила ако сака да молчи. Можеби едноставно е исцрпен и му треба одмор.

Ужалените може да се чувствуваат парализирани од шокот и понекогаш да повторуваат едни исти работи. Некои, пак, отворено ги искажуваат своите чувства. Кога Марија и Марта го сретнале Исус, секоја од нив му рекла: „Господару, да беше ти овде, брат ми немаше да умре“ (Јован 11:21, 32). Што направил Исус? Стрпливо и сочувствително слушал. Не им кажувал како да се чувствуваат. Сигурно му било јасно дека оној што изгубил некој од најмилите е под влијание на чувствата и длабоката болка во срцето.

Ако не си сигурен што да речеш кога одиш да посетиш некој ужален, би можел да почнеш разговор со прашањето: „Сакаш ли да зборуваме за тоа?“ Потоа, внимателно слушај. Следи го додека зборува. Гледај во него и потруди се да ги разбереш неговите чувства.

Не е лесно да се разберат чувствата на оној што претрпел болна загуба. „Нашите потреби се менуваа“, објаснува Лидија. „Понекогаш не можевме да престанеме да плачеме пред другите. Во тие моменти сѐ што сакавме беше другите да бидат позитивни. Нашите пријатели навистина се потрудија да ги разберат нашите чувства.“

Исус совршено го правел тоа. Знаел дека секој има ,своја неволја и своја болка‘ (2. Летописи 6:29). Кога секоја од двете сестри на Лазар дошла да го поздрави, Исус постапил различно. Марта продолжила да зборува, па затоа и Исус зборувал со неа. Но, бидејќи Марија плачела, Исус не зборувал многу (Јован 11:20-28, 32-35). Што можеме да научиме од неговиот пример? Можеби ќе биде најдобро да оставиме ужалениот да го води разговорот. Твојата спремност да слушаш додека си ја искажува болката може многу да го утеши.

Зборови што лекуваат

Кога Марија и Марта му рекле на Исус: „Да беше ти овде“, тој не ги обвинил ниту се навредил од она што го рекле, туку ја успокоил Марта со зборовите: „Твојот брат ќе стане“ (Јован 11:23). Со тие неколку, збора Исус ѝ помогнал да гледа позитивно на иднината и љубезно ја потсетил дека има надеж.

Кога зборуваш со ужалените, мисли на тоа дека дури и само неколку искрени, позитивни зборови, можат да им значат многу. Такви утешни зборови можеш да им кажеш или да им напишеш. Бидејќи писмата и картичките можат постојано да се препрочитуваат, секое ново читање може да им биде извор на утеха и долго време по загубата. Девет месеци откако на Кејт ѝ умрел маж ѝ, Боб, таа повторно ги прочитала сите картички што ги добила. „Во тие моменти ми помогнаа уште повеќе“, рекла Кејт. „Тогаш бев вистински утешена.“

Што би можел да напишеш во картичката со сочувство? Би можел да напишеш нешто за починатиот — нешто што сте доживеале заедно или некоја особина што многу ти се допаѓала кај него. Кејт вели: „Срдечните зборови за Боб и за неговата личност ми изнудуваа насмевки и истовремено ми ги полнеа очите со солзи. Смешните приказни за него ме тераа да се смеам и да се потсетам на среќниот живот што го поминав со Боб. Во многу картички што сега ми се посебно драги имаше наведено библиски стихови“.

Дај практична помош

За да му помогне на семејството на Лазар, Исус го направил она што ние не можеме да го направиме. Тој го воскреснал Лазар (Јован 11:43, 44). Сепак, можеме да помогнеме на практичен начин. На пример, би можеле да подготвиме оброк, да ги земеме гостите да ноќеваат кај нас, да испереме, да ги почуваме децата, да завршиме разни работи или да обезбедиме превоз. Ужалените сигурно многу ќе бидат благодарни за малите работи со кои ќе им покажеме дека искрено ги сакаме.

Се разбира, понекогаш можеби ќе имаат потреба да бидат сами. Сепак, можеш да преземеш соодветна иницијатива да бидеш во контакт со нив. „Нема пропишано колку време да се жали, нема датум кога ќе почнеш да се чувствуваш подобро“, вели една ужалена мајка. Некои се трудат да им се најдат на ужалените на клучни датуми, како што е годишнината од свадбата или денот на смртта. Ако си крај нив во тие моменти, ќе покажеш дека си вистински пријател (Изреки 17:17).

Утехата што ја дал Исус ја вклучувала и надежта што им ја пренел на своите ученици: „Нашиот пријател Лазар заспа, но јас одам да го разбудам“ (Јован 11:11). Исус ги уверил своите следбеници дека мртвите ќе воскреснат. Ја прашал Марта: „Веруваш ли во тоа?“ Таа одговорила: „Да, Господару“ (Јован 11:24-27).

Веруваш ли дека Исус ќе ги воскресне мртвите? Ако имаш таква вера, пренеси им ја оваа скапоцена надеж на ужалените. Пружи им практична помош. Со твоите зборови и постапки ќе можеш да им дадеш голема утеха (1. Јованово 3:18).

[Карта на страница 9]

(Види во публикацијата)

ПЕРЕЈА

Јордан

Ерихон

Витанија

Соленото Море

Ерусалим

САМАРИЈА