Тој „ќе ти дозволи да го најдеш“
Приближи му се на Бог
Тој „ќе ти дозволи да го најдеш“
ГО ПОЗНАВАШ ЛИ Бог? Одговорот на ова прашање не е толку едноставен како што изгледа. Вистински да се познава Бог значи добро да се запознае неговата волја и неговите мерила. Така стануваме блиски со него, а таа блискост длабоко влијае врз целиот наш живот. Дали е навистина можно да стекнеме такво блиско пријателство? Ако да, како? Одговорите може да ги пронајдеме во советот што цар Давид му го дал на својот син Соломон, запишан во 1. Летописи 28:9.
Претстави си ја сцената. Давид владеел со Израел речиси 40 години, и народот живеел многу убаво за време на неговото владеење. Соломон, кој наскоро требало да го наследи, бил многу млад (1. Летописи 29:1). Кои проштални зборови му ги кажал Давид на својот син?
Зборувајќи од своето богато лично искуство во службата за Бог, Давид почнал: „Ти, сине мој Соломоне, запознај го Богот на својот татко“. Давид сигурно не мислел само на тоа неговиот син да ја наполни главата со знаење. Соломон веќе му служел на Давидовиот Бог, Јехова. Дотогаш била завршена околу една третина од Хебрејските списи, а Соломон сигурно добро знаел што пишува за Бог во нив. Еден изучувач вели дека хебрејскиот збор преведен со „запознај“ може да се однесува на „многу блиско пријателство“. Да, Давид сакал неговиот син да го стекне она што и за самиот Давид било многу вредно — блиско пријателство со Бог.
Таквата блискост требало да има длабоко влијание врз гледиштата и животот на Соломон. Давид го советувал својот син: „Служи му [на Бог] со потполно оддадено срце и со радосна душа“. a Забележи дека поттикот да му служи на Бог дошол по советот да го запознае. Оној што вистински ќе го запознае Бог почнува и да му служи. Но, не треба да му се служи колебливо, со половина срце или лицемерно (Псалм 12:2; 119:113). Давид го молел својот син да му служи на Бог спремно и со цело срце.
Зошто Давид го поттикнал својот син да му служи на Бог од исправни мотиви и со исправни мисли? Давид објаснил: „Зашто Јехова ги испитува сите срца и ја распознава секоја помисла и желба“. Соломон не смеел да му служи на Бог само за да му угоди на својот татко, Давид. Бог ги бара оние што сакаат искрено да му служат.
Дали Соломон ќе се поведе по примерот на својот татко и ќе стане близок со Јехова? Тоа зависело од него самиот. Давид му рекол на својот син: „Ако го бараш, ќе ти дозволи да го најдеш. Но, ако го оставиш, ќе те отфрли засекогаш“. За да му служи на Бог и да биде близок со него, Соломон морал да вложи напори да го запознае Јехова. b
Татковскиот совет на Давид нѐ уверува дека Јехова сака да бидеме блиски со него. Но, за да стекнеме таква блискост, треба ‚да го бараме‘, копајќи низ страниците на Библијата за добро да го запознаеме. Кога ќе го запознаеме, тоа ќе нѐ поттикне да му служиме спремно и со цело срце. Јехова многу сака — и заслужува — да ја вршиме неговата волја на таков начин (Матеј 22:37).
[Фусноти]
a Некои преводи на ова место гласат: „Да му служиш од сѐ срце и со сиот ум“.
b За жал, иако Соломон на почетокот служел со цело срце, не останал верен (1. Царевите 11:4).