Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Виденија за духовниот свет

Виденија за духовниот свет

Виденија за духовниот свет

КОЛКУ и да гледаш во небото, нема да видиш ниедно духовно суштество. Колку и да се обидуваш да ги слушнеш, нема да чуеш ниедно од нив. Сепак, биди сигурен дека духовни суштества постојат. Многу се интелигентни и моќни, и секое од нив има свој карактер и свое име. Некои ни прават добро, а други сакаат да ни наштетат. Сите се интересираат за нас.

И самиот Бог е духовно суштество (Јован 4:24). Тој има единствено име што го издвојува од многуте лажни богови. Неговото име гласи Јехова (Псалм 83:18). Псалмистот напишал: „Јехова е велик и достоен за најголема фалба. Влева страв повеќе отколку сите други богови. Зашто, сите богови на другите народи се безвредни, а Јехова ги направи небесата. Честа и величеството се пред него, силата и убавината се во неговото светилиште“ (Псалм 96:4-6).

Виденија за вистинскиот Бог

„Ниту еден човек никогаш не го видел Бог“, пишува во Библијата (Јован 1:18). Ние не можеме да сфатиме како изгледа и колку е величествен тој, исто како што еден човек кој е слеп од раѓање не може да ги сфати боите. Меѓутоа, како што еден добар учител им објаснува на учениците сложени поими користејќи зборови кои тие можат да ги разберат, така и Бог, преку својата Реч, Библијата, користи работи што можеме да ги видиме за да ни го објасни она што не го гледаме. Преку вдахновени виденија што им биле дадени на некои верни луѓе во минатото, Јехова ни помага да си ги замислиме небесните пространства и да го разбереме нашиот однос со духовните суштества што живеат таму.

На пример, во едно видение што му било дадено на пророкот Езекиел, славата на Јехова е претставена со оган, светлина, сафир и виножито. Во едно друго видение апостол Јован го видел Јехова како седи на престол и рекол дека Бог ,изгледал како камен јаспис и како скапоцен камен со црвена боја‘. Опишал дека ,околу престолот имало виножито, слично на смарагд‘. Ваквиот опис ни открива дека Јехова е опкружен со ретка и неопислива убавина, привлечност и спокојство (Откровение 4:2, 3; Езекиел 1:26-28).

И пророкот Даниел имал видение за Бог, во кое видел ,десет илјади по десет илјади ангели што стоеле пред Јехова‘ (Даниел 7:10). Тоа сигурно било величествена глетка! Кога би видел еден ангел, макар во видение, би се исполнил со восхит, а замисли си како би било да видиш милијарди совршени ангели!

Ангелите се спомнуваат во Библијата околу 400 пати и во нив спаѓаат серафимите и херувимите. И грчкиот и хебрејскиот збор што е преведен со „ангел“ во Библијата значи „гласник“. Според тоа, ангелите можат да комуницираат меѓусебно, а во минатото комуницирале и со луѓето. Тие не се суштества кои претходно биле луѓе што живееле на Земјата. Јехова ги создал долго време пред да го создаде човекот (Јов 38:4-7).

Во видението на Даниел, мноштвата ангели се собрале заради еден значаен настан. Тогаш Даниел видел дека „некој како син човечки“ пристапил пред Јеховиниот престол за да му бидат „предадени власта, честа и царството за да му служат сите народи, племиња и јазици“ (Даниел 7:13, 14). Тој „син човечки“, кој има многу важна улога во духовниот свет, е воскреснатиот Исус Христос, кому му е дадено да владее над целата Земја. Наскоро, неговата влада ќе ги замени сите човечки влади и ќе им стави крај на болестите, тагата, угнетувањето, сиромаштијата, па дури и на смртта (Даниел 2:44).

Устоличувањето на Исус сигурно многу ги израдувало мноштвата верни ангели, кои им го посакуваат најдоброто на луѓето. За жал, не биле радосни сите духовни суштества.

Непријатели на Бог и на човекот

На самиот почеток од човечката историја, еден од ангелите, обземен од желба да биде обожаван, се свртел против Јехова и станал Сатана, што значи „Противник“. Како најголемо олицетворение на злото, Сатана му е голем противник на Јехова, кој е олицетворение на љубовта. Во оваа побуна му се придружиле и други ангели. Библијата ги нарекува демони. По примерот на Сатана, и демоните станале крвни непријатели на луѓето. Голем дел од страдањата, неправдите, болестите, сиромаштијата и војните на Земјата се последица од нивното влијание.

Иако во многу цркви на христијанскиот свет сѐ помалку се спомнува Сатана, библиската книга Јов ни помага да дознаеме каква личност е и какви мотиви има овој бунтовен ангел. Таму пишува: „Дојде денот што беше одреден за синовите на Јехова, вистинскиот Бог, да застанат пред него, а меѓу нив дојде и Сатана“. Во разговорот што следел, тој дрско го обвинил Јов дека му служи на Бог само заради она што го добива за возврат. За да го докаже своето тврдење, Сатана му нанел на Јов големи страдања со тоа што му ја убил стоката и сите десет деца. Потоа, го удрил со лути чиреви по целото тело. Сепак, со ниеден напад не успеал да го докаже своето тврдење (Јов 1:6-19; 2:7).

Има добри причини зошто Јехова го поднесува Сатана толку долго време, но тоа нема да биде засекогаш. Наскоро Ѓаволот ќе биде уништен. Веќе се преземени чекори во тој правец. Тоа го пишува во библиската книга Откровение, во која е опишан уште еден важен настан кој се одиграл во духовниот свет, настан што никој не можел да го види. Таму читаме: „Избувна војна на небото: Михаел [воскреснатиот Исус Христос] и неговите ангели се бореа против змејот [Сатана]. И змејот се бореше заедно со своите ангели, но не надвладеа. И за нив повеќе не се најде место на небото. И беше исфрлен големиот змеј, празмијата, кој се вика Ѓавол и Сатана, кој го заведува целиот свет. Беше исфрлен на земјата, а со него беа исфрлени и неговите ангели“ (Откровение 12:7-9).

Забележи дека за Сатана е речено дека „го заведува целиот свет“. Тој ги заведува луѓето ширејќи религиозни лаги за да ги одврати од Јехова и од неговата Реч. Една таква лага е дека секој човек оди во духовниот свет кога ќе умре. Ова верување е раширено во најразлични облици. На пример, во Африка и Азија, мнозина веруваат дека при смртта луѓето преминуваат во духовниот свет каде што живеат и нивните предци. Учењата за чистилиште и пекол исто така се темелат на верувањето дека човекот продолжува да живее по смртта.

Дали по смртта луѓето живеат на небото?

Милиони луѓе во светот веруваат дека сите добри луѓе одат на небото. Дали е тоа точно? Вистина е дека некои добри луѓе ќе одат на небото, но нивниот број е мал во споредба со милијардите луѓе што умреле. Библијата открива дека 144.000 лица ќе бидат „откупени од земјата“, ќе служат како „свештеници“ и „ќе царуваат над земјата“ (Откровение 5:9, 10; 14:1, 3). Заедно со Синот човечки, Исус Христос, тие ќе бидат во составот на една небесна влада, Божјето Царство. Таа влада ќе ги уништи Сатана и неговите демони и ќе ја претвори Земјата во рај. Повеќето од оние што умреле, еден ден ќе бидат вратени во живот и ќе можат да живеат вечно во рај на Земјата (Лука 23:43).

Значи, во духовниот свет има многу суштества. Највисока положба има Јехова Бог, кој го создал животот. Нему верно му служат милијарди ангели. Други ангели, чиј водач е Сатана, се свртеле против Јехова и се обидуваат да ги заведат луѓето. Освен тоа, еден ограничен број луѓе се „откупени“, односно избрани од Земјата за да извршуваат посебни задачи на небото. Имајќи го сево ова на ум, да видиме со кого од духовниот свет можеме да стапиме во контакт, и како.