Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто го отфрлиле Месијата?

Зошто го отфрлиле Месијата?

Зошто го отфрлиле Месијата?

КОГА Исус бил на Земјата, мноштвата биле восхитени од неговите зборови и од чудата што ги правел. Затоа, мнозина ‚поверувале во него‘ и го прифатиле како проречениот Месија, или Христос. Тие си велеле: „Кога ќе дојде Христос, зарем ќе направи повеќе знаци отколку што направи овој?“ (Јован 7:31).

И покрај огромните докази што потврдувале дека Исус бил Месијата, повеќето од оние што го виделе и чуле не поверувале во него. За жал, дури и некои што во почетокот покажале вера во Исус, подоцна престанале да го следат. Зошто толку многу луѓе замижале пред силните докази дека тој бил Месијата? Додека ги разгледуваме причините, прашај се: ‚Дали можеби и јас ја правам истата грешка?‘

Неисполнети очекувања

Во времето кога се родил Исус, многу Евреи очекувале да се појави Месијата. Кога Јосиф и Марија го одвеле малиот Исус во храмот, го пресретнале оние ,што го чекале избавувањето на Ерусалим‘ (Лука 2:38). Подоцна, мнозина од оние што ги гледале делата на Јован Крстител, се прашувале: „Да не е можеби тој Христос?“ (Лука 3:15). Но, што очекувале од Месијата Евреите во првиот век?

Вообичаено верување меѓу Евреите во тоа време било дека Месијата ќе дојде, ќе ги ослободи од угнетувачкиот римски јарем и ќе го обнови израелското царство. Пред Исус да ја започне својата служба, се појавиле некои харизматични водачи кои пружале силен отпор на тогашната политика. Она што го направиле тие луѓе веројатно влијаело врз очекувањата што народот ги имал од Месијата.

Исус многу се разликувал од лажните Месии. Тој не ги поттикнувал луѓето на насилство туку ги поучувал да ги сакаат своите непријатели и да им се потчинуваат на властите (Матеј 5:41-44). Исто така, не ги одобрил обидите на луѓето да го направат цар. Наместо тоа, поучувал дека неговото царство нема да биде „дел од овој свет“ (Јован 6:15; 18:36). Сепак, однапред создадените претстави за Месијата извршиле силно влијание врз гледиштето на народот.

Јован Крстител лично видел и чул чудесни докази што потврдувале дека Исус е Божји син. Сепак, кога бил ставен в затвор, Јован ги испратил учениците да го прашаат Исус: „Ти ли си оној што треба да дојде или да чекаме некој друг?“ (Матеј 11:3). Можеби Јован се прашувал дали Исус навистина бил ветениот Избавител, кој требало да ги исполни сите очекувања на Евреите.

На Исусовите апостоли им било тешко да сфатат дека тој ќе биде убиен и потоа ќе воскресне. Еднаш, кога Исус им објаснил дека Месијата ќе треба да пострада и да умре, Петар ,го тргнал настрана и почнал да го прекорува‘ (Марко 8:31, 32). Тој сѐ уште не можел да сфати што ќе постигне Месијата со својата смрт.

Кога влегол во Ерусалим кратко пред Пасхата во 33 год. од н.е., Исус бил пречекан од восхитени мноштва што го поздравувале како Цар (Јован 12:12, 13). Но таквата еуфорија не траела долго! Истата седмица, Исус бил уапсен и погубен. По неговата смрт, двајца негови ученици рекле: „А ние се надевавме дека тој е оној што ќе го избави Израел“ (Лука 24:21). Дури и кога им се појавил на своите ученици откако воскреснал, народот сѐ уште си мислел дека Месијата ќе воспостави царство на Земјата. Луѓето прашувале: „Господару, дали во ова време ќе му го обновиш царството на Израел?“ Јасно е дека во срцата и во мислите на луѓето на кои им зборувал Исус имало длабоко вкоренети погрешни очекувања за Месијата (Дела 1:6).

Откако Исус се вознел на небото и светиот дух бил излеан врз неговите ученици, тие јасно сфатиле дека Месијата ќе владее како небесен Цар (Дела 2:1-4, 32-36). Апостолите Петар и Јован смело проповедале за воскресението на Исус и правеле чуда кои биле доказ дека Бог им ја давал таа моќ (Дела 3:1-9, 13-15). Илјадници луѓе во Ерусалим ја прифатиле пораката и станале верници. Но, тоа не им се допаднало на еврејските власти. Исто како што му се противеле на Исус, сега тие им се противеле на апостолите и на учениците. Зошто еврејските верски водачи толку жестоко го отфрлиле Исус?

Отфрлен од верските водачи

Во времето кога Исус дошол на Земјата, еврејската религија и обичаи многу застраниле од она што го пишувало во вдахновените списи. Верските водачи во тоа време — садукеите, фарисеите и книжниците — им придавале поголема важност на човечките традиции отколку на Божјата пишана Реч. Постојано го обвинувале Исус дека го крши Законот лекувајќи болни во сабота. Со тоа што цврсто ги побивал нивните небиблиски учења, Исус го оспорил и нивниот авторитет и нивните тврдења дека Бог ги одобрува. За разлика од нив, Исус бил со скромно потекло и го немал формалното верско образование. Не е чудо што на тие горди луѓе им било тешко да го признаат Исус за Месија! Таквите конфронтации толку ги разбесниле што ,почнале да се советуваат како да го погубат‘ (Матеј 12:1-8, 14; 15:1-9).

Но како можеле верските водачи да го објаснат тоа што Исус правел чуда? Тие не ги негирале чудата. Наместо тоа, со хулење се обидувале да ја поткопаат верата во Исус припишувајќи му ја неговата моќ на Сатана. Тие велеле: „Овој не може да истерува демони, освен со помош на Велзевул, владетелот на демоните“ (Матеј 12:24).

Имало уште една длабоко вкоренета причина што толку тврдоглаво одбивале да го признаат Исус за Месија. Откако Исус го воскреснал Лазар, водачите од различни верски групи се советувале и рекле: „Што да правиме? Овој човек прави многу чуда! Ако го оставиме така, сите ќе поверуваат во него, па ќе дојдат Римјаните и ќе ни ги земат и нашиот храм и нашиот народ“. Од страв да не го изгубат своето влијание и положба, верските водачи сковале заговор да ги убијат и Исус и Лазар! (Јован 11:45-53; 12:9-11).

Предрасуди и прогонство

Ставот на еврејските верски водачи во првиот век создал општествена клима која била неповолна за секој што ќе го прифател Исус како Месија. Горди на своите авторитетни положби, тие ги потценувале сите што покажувале вера во Исус, и велеле: „Поверувал ли во него некој од поглаварите или од фарисеите?“ (Јован 7:13, 48). Некои еврејски водачи, како што биле Никодим и Јосиф од Ариматеја, станале ученици на Исус, но од страв го криеле тоа (Јован 3:1, 2; 12:42; 19:38, 39). Еврејските водачи рекле дека ќе го „исклучат од синагогата секој што ќе го признае Исус за Христос“ (Јован 9:22). Таквиот ќе бил отфрлен и презрен од сите.

Противењето со кое се соочувале Исусовите апостоли и ученици на крајот прераснало во жестоко прогонство. Бидејќи смело проповедале, апостолите страдале од рацете на Судскиот совет, односно еврејскиот врховен суд (Дела 5:40). Противниците измислиле лажни обвиненија за богохулење против ученикот Стефан. Судскиот совет го осудил и Стефан бил каменуван до смрт. Тогаш ,почнало големо прогонство на собранието во Ерусалим, па сите, освен апостолите, се распрснале по јудејските и самариските краишта‘ (Дела 6:8-14; 7:54 — 8:1). Савле, кој подоцна станал апостол Павле, учествувал во една хајка против христијаните што официјално ја одобриле првосвештеникот и „целиот совет од старешини“ (Дела 9:1, 2; 22:4, 5).

Дури и под такви тешки околности, христијанството брзо се ширело во годините по смртта на Исус. Сепак, и покрај тоа што илјадници луѓе станале верници, христијаните биле малубројни во Палестина во првиот век. Оној што отворено ќе се изјаснел како следбеник на Христос ризикувал да биде изложен на јавен срам, па дури и да биде безмилосно малтретиран.

Учи од оние што го отфрлиле Исус

Како што видовме, за мнозина во првиот век погрешните претстави, притисокот од околината и прогонството биле пречка да поверуваат во Исус. И денес, погрешните претстави за Исус и за неговите учења може да имаат сличен ефект. На пример, мнозина се поучувани дека Божјето Царство е во срцата на луѓето или дека ќе дојде како резултат на човечки напори. Други, пак, си мислат дека науката или технологијата ќе ги реши проблемите на луѓето, па затоа не гледаат потреба да се верува во Месијата. Многу денешни критичари тврдат дека настаните од Исусовата служба запишани во Библијата не се потврдени со историските факти. На тој начин, овие луѓе ја поткопуваат верата во Исус како Месија.

Како резултат на таквите погрешни претстави и теории, мнозина се или збунети во врска со улогата на Месијата, или не гледаат никаква потреба да размислуваат за таа работа. Меѓутоа, оние што се спремни да ја дознаат вистината, ќе утврдат дека во денешно време има повеќе докази дека Исус е Месијата отколку што имало во првиот век. Ги имаме целите Хебрејски списи што содржат многубројни пророштва за тоа што ќе прави Месијата, како и записот во четирите евангелија за тоа што направил Исус исполнувајќи ги тие пророштва. a

Навистина, секој од нас има доволно докази на темел на кои може да донесе исправна одлука. Нема време за чекање. Зошто? Затоа што Библијата открива дека како месијански Цар на Божјето Царство, Исус Христос наскоро ќе ги отстрани сите оние што ја уништуваат Земјата и ќе воспостави една праведна влада која ќе им овозможи на послушните луѓе да живеат засекогаш во рај на Земјата (Даниел 2:44; Откровение 11:15, 18; 21:3-5). И ти можеш да доживееш таква прекрасна иднина ако научиш нешто повеќе за Исус и ако покажуваш вера во него. Не заборавај ги неговите зборови: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16).

[Фуснота]

a Види ја рамката „Пророштва во врска со Месијата“ на 200. страница од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.

[Истакната мисла на страница 20]

Дали ќе го препознаеше Месијата ако живееше во времето на Исус?

[Слика на страница 21]

Не дозволувај погрешните претстави да те спречат да ја дознаеш вистината за Исус