Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Бог знаел дека Адам и Ева ќе згрешат?

Дали Бог знаел дека Адам и Ева ќе згрешат?

Дали Бог знаел дека Адам и Ева ќе згрешат?

МНОГУ луѓе искрено го поставуваат ова прашање. Кога ќе стане збор за тоа зошто Бог го допуштил злото, веднаш се спомнува гревот на првата човечка двојка во еденската градина. Фактот дека ‚Бог знае сѐ‘, лесно може да наведе некого да помисли дека тој сигурно однапред знаел дека Адам и Ева ќе бидат непослушни.

Ако Бог навистина знаел дека таа совршена двојка ќе направи грев, до каков заклучок би водело тоа? Би испаднало дека Бог има многу лоши особини и дека не ги сака луѓето, не е праведен и не е искрен. Некои можеби ќе речат дека е сурово првите луѓе да се стават во ситуација која требало да има лош исход. Тогаш би изгледало дека Бог е одговорен, или во најмала рака има некаков удел во сите злобни работи и страдања што се случиле во историјата. Во очите на некои луѓе, нашиот Творец би бил дури и немудар.

Дали и во Светото писмо Јехова Бог е опишан на ваков начин? За да одговориме на ова прашање, да видиме што вели Библијата за делата и личноста на Јехова.

„Беше многу добро“

Во врска со Божјите творби, меѓу кои биле и првите луѓе на Земјата, во 1. Мојсеева пишува: „Бог го погледна сето она што го беше направил, и гледај, беше многу добро“ (1. Мојсеева 1:31). Адам и Ева биле совршено создадени и живееле во идеални услови. Тие немале никаков недостаток. Бидејќи биле „многу добро“ создадени, сигурно можеле да постапуваат исправно, како и што се очекувало од нив. Адам и Ева биле создадени „според Божјиот лик“ (1. Мојсеева 1:27). Затоа можеле до извесна мера да ги покажуваат особините што ги имал и Бог. Некои од нив се мудроста, љубовта, правдата и добротата. Ваквите особини требало да им помогнат да донесуваат одлуки што ќе биле за нивно добро и со кои ќе го радувале својот небесен Татко.

Јехова им дал слободна волја на овие совршени, интелигентни суштества. Значи, тие не биле како роботи програмирани да му угодуваат на Бог. Размисли за следново. Што би ти значело повеќе — некој да ти даде подарок од чувство на должност или да ти даде подарок од срце? Одговорот е јасен. Слично на тоа, ако Адам и Ева му биле послушни на Бог од срце, нему уште повеќе ќе му значела нивната послушност. Тоа што биле создадени со способност да донесуваат одлуки им дало можност да го слушаат Јехова од љубов (5. Мојсеева 30:19, 20).

Праведен и добар

Библијата ни открива какви особини има Јехова. Со оглед на тие особини, не е можно тој да има некаква врска со гревот. Јехова „ги сака праведноста и правдата“, пишува во Псалм 33:5. А во Јаков 1:13 стои: „Бог не може да се искуша со зло, а и тој никого не искушува со зло“. Бидејќи е праведен и грижлив, Бог го опоменал Адам: „Од секое дрво во градината можеш да јадеш до ситост. А од дрвото на спознанието на доброто и злото не смееш да јадеш, зашто во оној ден кога ќе каснеш од него, сигурно ќе умреш“ (1. Мојсеева 2:16, 17). На Адам и Ева им било дадено да изберат помеѓу вечен живот и смрт. Зар не би било лицемерно Бог да ги опомене да не направат одреден грев, а во исто време да знае дека ќе згрешат? Бидејќи „ги сака праведноста и правдата“, Јехова не би им дал избор кој, всушност, не постои.

Освен тоа, Јехова е неизмерно добар (Псалм 31:19). Кога зборувал за Јеховината добрина, Исус рекол: „Кој од вас, ако неговиот син го замоли за леб, ќе му даде камен? Или, ако го замоли за риба, зар ќе му даде змија? И така, ако вие, иако сте зли, знаете да им давате добри дарови на своите деца, колку повеќе вашиот Татко кој е на небесата ќе им даде добри работи на оние што го молат?“ (Матеј 7:9-11). Бог им дава „добри работи“ на луѓето. Доказ за неговата добрина е начинот на кој ги создал и рајот што го подготвил да биде нивни дом. Зар еден таков Владетел би бил толку суров да им даде прекрасен дом што знаел дека ќе го изгубат? Не. Значи, нашиот праведен и добар Творец воопшто не е виновен за побуната на човекот.

Единствено „мудар“

Светото писмо исто така покажува дека Јехова е единствено „мудар“ (Римјаните 16:27). Божјите небесни ангели биле сведоци на многу прилики во кои ја покажал својата неограничена мудрост. Тие почнале да ‚воскликнуваат од радост‘ кога Јехова создавал сѐ на Земјата (Јов 38:4-7). Без сомнение, овие интелигентни духовни суштества со голем интерес ги следеле настаните во рајската градина. Според тоа, сигурно не е логично дека еден мудар Бог, откако пред очите на своите ангели ја создал величествената вселена и многуте чудесни дела на Земјата, би создал две суштества што знаел дека ќе згрешат. Се разбира дека не е разумно да се испланира една таква трагедија.

Сепак, некој можеби ќе рече: ‚А како е можно еден семудар Бог да не знаел однапред?‘ Се разбира, еден аспект на Јеховината голема мудрост е способноста ‚од почетокот да го јавува завршетокот‘ (Исаија 46:9, 10). Меѓутоа, не мора да ја користи таа своја способност, исто како што не мора секогаш да ја користи потполно ни својата огромна моќ. Јехова покажува мудрост со тоа што селективно ја употребува способноста однапред да ги знае работите. Ја користи само кога тоа е разумно и во склад со околностите.

Една споредба од современата технологија може да ни помогне да сфатиме што значи да не се користи секогаш способноста да се знае нешто однапред. Некој што гледа снимка од спортски натпревар има можност најнапред да ги гледа последните минути од мечот за да го дознае резултатот. Но, не мора да го направи тоа. Кој може да му приговори што решил да го гледа целиот натпревар од почеток? Слично на тоа, и Творецот очигледно избрал да не види однапред како ќе се одвиваат настаните. Напротив, решил да чека и да види како ќе постапат неговите деца на Земјата.

Како што спомнавме, во својата мудрост Јехова не ги создал првите луѓе како роботи програмирани да постапуваат на одреден начин. Наместо тоа, со љубов им дал слободна волја. Ако одлучеле да постапат исправно, ќе ја покажеле својата љубов, благодарност и послушност. Така ќе биле уште порадосни, а ќе го израдувале и Јехова како свој небесен Татко (Изреки 27:11; Исаија 48:18).

Библијата покажува дека во многу прилики Бог не ја користел својата способност однапред да ги знае работите. На пример, кога верниот Авраам покажал спремност да го жртвува својот син, Јехова можел да рече: „Сега, кога не одби да ми го дадеш својот син, својот единец, навистина знам дека се боиш од [мене]!“ (1. Мојсеева 22:12). Од друга страна, пак, имало и прилики кога лошите постапки на некои луѓе ‚го жалостеле‘ Бог. Дали тој би чувствувал таква болка ако веќе знаел како ќе постапат? (Псалм 78:40, 41; 1. Царевите 11:9, 10).

Значи, сосема е логично да се заклучи дека еден семудар Бог не ја употребил способноста однапред да ги знае работите за да види дека нашите прародители ќе згрешат. Не бил толку немудар да започне некаков чуден потфат, применувајќи ја својата способност однапред да го знае исходот, а потоа да ја постави сцената за да се одигра она што веќе го знаел.

„Бог е љубов“

Побуната во градината во Еден ја започнал Божјиот непријател, Сатана. Таа побуна имала горки последици, како што се гревот и смртта. Со тоа Сатана станал „човекоубиец“. Тој се покажал и како „лажливец и татко на лагата“ (Јован 8:44). Воден од погрешни мотиви, се обидува да му припише лоши мотиви и на нашиот грижлив Творец. Својствено за него е да ја префрли на Јехова вината за гревот на човекот.

Љубовта е најголема причина што Јехова не одлучил да дознае однапред дека Адам и Ева ќе згрешат. Таа е главната особина на Бог. Во 1. Јованово 4:8 пишува: „Бог е љубов“. Љубовта е позитивна, а не негативна особина. Таа го бара доброто кај другите. Да, мотивиран од љубов, Јехова Бог ѝ го мислел најдоброто на првата човечка двојка.

Иако Божјите деца на Земјата можеле да направат и погрешен избор, нашиот грижлив Бог не сакал да биде негативен ниту, пак, да се сомнева во своите совршени созданија. Им дал сѐ во изобилство и им кажал сѐ што требало да знаат. Сосема било на место што за возврат не очекувал побуна туку послушност од љубов. Знаел дека Адам и Ева можеле да бидат верни, како што подоцна биле дури и некои несовршени луѓе, меѓу кои Авраам, Јов, Даниел и многу други.

„За Бог сѐ е возможно“, рекол Исус (Матеј 19:26). Тоа е утешна мисла. Јеховината љубов и другите негови главни особини, како што се правдата, мудроста и моќта, се гаранција дека во свое време тој може да ги отстрани сите последици од гревот и смртта, и дека навистина ќе го направи тоа (Откровение 21:3-5).

Значи, Јехова не знаел однапред дека првата човечка двојка ќе згреши. Иако многу го болело што човекот бил непослушен и што од тоа произлегле многу страдања, Бог знаел дека таа привремена ситуација нема да го спречи исполнувањето на неговата вечна намера со Земјата и со луѓето на неа. Би било убаво да дознаеш нешто повеќе за таа намера и за нејзиното величествено исполнување, кое ќе биде и за твое добро. *

[Фуснота]

^ пас. 23 Нешто повеќе за Божјата намера со Земјата можеш да прочиташ во 3. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.

[Истакната мисла на страница 14]

Јехова не ги создал првите луѓе како роботи програмирани да постапуваат на одреден начин

[Истакната мисла на страница 15]

Бог знаел дека Адам и Ева можеле да бидат верни