Зошто Сатана употребил змија за да зборува со Ева?
Читателите прашуваат...
Зошто Сатана употребил змија за да зборува со Ева?
▪ Можеби ќе се согласиш дека, како што беше спомнато на 8. страница, Сатана ѝ зборувал на Ева преку една змија. Библијата јасно го покажува тоа. Меѓутоа, можеби ќе се прашаш: ‚Зошто едно моќно духовно суштество се послужило со змија исто како што еден стомакозборувач користи кукла?‘
Во Библијата, тактиките на Сатана се наречени „сплетки“, а овој настан потврдува дека тоа е точно (Ефешаните 6:11). Она што се случило во градината во Еден не е бајка за некое животно што зборувало, туку отрезнувачки пример за лукаво скроен план што имал за цел да ги одвлече луѓето од Бог. На кој начин?
Сатана внимателно си ја избрал жртвата. Во целата вселена, Ева била најмладото суштество обдарено со разум. Искористувајќи го нејзиното неискуство, тој решил да ја измами и да ја заведе. Криејќи се зад една змија, која е многу претпазливо животно, Сатана лукаво ги скрил своите дрски и амбициозни намери (1. Мојсеева 3:1). Да видиме што друго постигнал со тоа што направил да изгледа дека змијата зборува.
Најнапред го придобил вниманието на Ева. Таа знаела дека змиите не зборуваат. Нејзиниот сопруг, веројатно откако добро ги набљудувал, им дал имиња на сите животни, вклучувајќи ја и змијата (1. Мојсеева 2:19). Сигурно и Ева го набљудувала ова претпазливо животно. Затоа, итрината на Сатана ја разбудила нејзината љубопитност, па од тој момент не ѝ излегувала од глава единствената работа што ѝ била забранета од целата градина. Второ, ако змијата била на гранките на забранетото дрво, до каков заклучок ќе дошла Ева? Зар не би помислила дека ова обично животно, кое не зборува, и самото јадело од плодот па од тој момент прозборело? Ако плодот ѝ помогнал на една змија да зборува, тогаш колку ќе ѝ помогнел на Ева? Не можеме со сигурност да кажеме што си мислела Ева и дали змијата каснала од плодот. Но, знаеме дека, кога Ева чула дека ќе стане „како Бог“ ако јаде од плодот, веднаш поверувала.
Можеме многу да дознаеме и од зборовите со кои ѝ се обратил Сатана. Тој ѝ посеал сомнежи, наведувајќи ја да помисли дека Бог крие нешто добро од неа и дека непотребно ѝ ја ограничува слободата. Шансите да успее сплетката на Сатана зависеле од тоа дали себичноста на Ева ќе ја потисне во втор план нејзината љубов кон Бог, кој ѝ дал сѐ што имала (1. Мојсеева 3:4, 5). За жал, тактиката на Сатана успеала. Ниту Ева ниту Адам немале во срцето љубов и ценење кон Јехова какви што би требало да имаат. И денес, Сатана шири такви себични ставови.
Но, какви биле мотивите на Сатана? Што сакал да постигне? Во рајската градина, тој се обидел да ги скрие и својот идентитет и своите мотиви. Но, со текот на времето се покажал во вистинско светло. Кога го искушувал Исус, сигурно знаел дека не вреди да се крие зад некаква маска. Затоа, отворено му рекол ‚да падне и да му се поклони‘ (Матеј 4:9). Очигледно е дека Сатана одамна го мачи љубомора затоа што луѓето му служат на Јехова Бог. Тој ќе направи сѐ што може за да нѐ спречи да му служиме на Бог на исправен начин. Многу сака луѓето да не му останат верни на Јехова.
Значи, Библијата открива дека Сатана е опасен сплеткар кој вешто го лови својот плен. За среќа, не мора и ние да бидеме измамени како Ева, „бидејќи неговите намери не ни се непознати“ (2. Коринќаните 2:11).