Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Тој „го смилостиви лицето на Јехова“

Тој „го смилостиви лицето на Јехова“

Приближи му се на Бог

Тој „го смилостиви лицето на Јехова“

„СЕ ЧУВСТВУВАВ толку безвреден“, вели еден човек што престанал да живее според Божјите мерила за кои го поучувале родителите. Кога почнал да прави промени во животот, се плашел дека Бог никогаш нема да му прости. Но, овој човек што се каел за своите гревови се утешил од библискиот извештај за Манасија, запишан во 2. Летописи 33:1-17. Ако некогаш си се чувствувал безвреден поради гревовите во минатото, и ти можеш да се утешиш од примерот на Манасија.

Манасија пораснал во побожно семејство. Татко му, Езекија, бил еден од најистакнатите цареви на Јуда. Манасија се родил околу три години откако Бог со чудо му го продолжил животот на неговиот татко (2. Царевите 20:1-11). Сигурно дека Езекија го сметал својот син за подарок добиен благодарение на Божјата милост и се трудел да всади во него љубов кон обожавањето на вистинскиот Бог. Но, не значи дека секое дете ќе оди по стапките на своите побожни родители. Така било и со Манасија.

Манасија имал околу 12 години кога умрел татко му. За жал, овој млад цар ‚го правел она што е зло во Јеховини очи‘ (стихови 1, 2). Дали врз него влијаеле советниците што немале почит кон обожавањето на вистинскиот Бог? Библијата не ни дава одговор. Но, таа ни открива дека Манасија станал голем идолопоклоник и многу суров човек. Им подигнал жртвеници на лажни богови, ги принесувал за жртва своите синови, се занимавал со спиритизам и поставил режан лик во Јеховиниот храм во Ерусалим. Тврдоглавиот Манасија не ги послушал предупредувањата од Јехова Бог, кој го овозможил неговото раѓање (стихови 3-10).

На крајот, Јехова дозволил Манасија да биде ставен во окови и одведен во Вавилон. Таму, додека бил во изгнанство, имал можност да размислува за своите постапки. Дали тогаш му станало јасно дека неговите немоќни, безживотни идоли не успеале да го заштитат? Дали размислувал за она што го научил во детството од својот побожен татко? Како и да е, Манасија многу се променил. Во Библијата пишува: „Го смилостиви [омекна, фуснота] лицето на Јехова, својот Бог, и многу се понизи... Му се молеше“ (стихови 12, 13). Но, дали Бог може да му прости на човек што направил толку тешки гревови?

Јехова бил трогнат од искреното каење на Манасија. Ги чул неговите молби за милост ‚па го вратил во Ерусалим и му ја вратил царската власт‘ (стих 13). Како доказ дека се кае, Манасија дал сѐ од себе за да ги исправи своите грешки, го исчистил идолопоклонството од своето царство и го поттикнал народот „да му служи на Јехова“ (стихови 15-17).

Ако мислиш дека не си достоен Бог да ти ги прости гревовите што си ги направил во минатото, охрабри се од примерот на Манасија. Овој извештај е дел од Божјата вдахновена Реч (Римјаните 15:4). Значи, Јехова сака да знаеме дека тој е ‚спремен да прости‘ (Псалм 86:5). На Бог не му е најбитен гревот туку она што се крие во срцето на грешникот. Ако таквиот човек искрено се моли за простување, престане да греши и се труди да го прави она што е исправно, ќе може „да го смилостиви лицето на Јехова“, како што направил Манасија (Исаија 1:18; 55:6, 7).

Читање на Библијата во јануари:

2. Летописи 29—36Езра 1—10