Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Библијата менува животи

Библијата менува животи

Библијата менува животи

КАКО успеала да го промени својот живот една келнерка која многу пцуела, пиела и земала дрога? Зошто еден поранешен политичар што не сакал ни да чуе за религијата станал проповедник? Кои препреки морал да ги совлада еден инструктор на руските специјални единици за да стане Јеховин сведок? Прочитај што имаат да ни раскажат тие.

„Јас и мајка ми повторно сме блиски“ — НАТАЛИ ХАМ

РОДЕНА: 1965

ЗЕМЈА: АВСТРАЛИЈА

НЕКОГАШ: ЗЕМАЛА ДРОГА

МОЕТО МИНАТО: Пораснав во малото рибарско гратче Роуб во Јужна Австралија. Во таквите места луѓето се собираат во локалниот хотел за да се дружат. Родителите минуваат голем дел од времето таму, па затоа нивните деца растат во средина каде што многу се пие, се пцуе и се пуши.

Уште на 12 години пушев, пцуев и постојано се расправав со мајка ми. Кога имав 15 години, татко ми и мајка ми се разведоа. По една и пол година заминав од дома и почнав да пијам, да земам дрога и да живеам неморално. Бев збунета и исполнета со гнев. Пет години тренирав боречки вештини и самоодбрана за жени и сметав дека можам сама да се грижам за себе. Сепак, во деновите кога бев смирена и размислував подлабоко, ме обземаше тага и му се молев на Бог да ми помогне. „Само не барај од мене да одам в црква“, му велев.

По некое време, еден пријател, кој беше многу побожен но не припаѓаше на ниедна религија, ми даде Библија. И тој земаше дрога, како и сите со кои се дружевме. Сепак, тврдеше дека искрено верува во Бог и ме убеди да се крстам. Ме однесе на блиското езеро и ме крсти. Од тој момент чувствував дека имам посебен однос со Бог. Меѓутоа, никогаш не најдов време да ја читам Библијата.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Во 1988 год., на мојата врата тропнаа двајца Јеховини сведоци. Едниот од нив ме праша: „Знаеш ли како се вика Бог?“ Ја отвори Библијата кај Псалм 83:18 и ми прочита: „Да се знае дека единствено ти, чие име е Јехова, си Севишен над целата земја!“ Бев запрепастена кога го чув тоа! Откако заминаа, седнав во автомобилот и поминав 56 километри за да стигнам до една книжарница во која се продаваше верска литература. Сакав да видам што пишува и во други преводи на Библијата. Потоа го побарав Божјето име и во речник. Откако се уверив дека Бог се вика Јехова, ми стана јасно дека има уште многу други работи што треба да ги дознаам.

Мајка ми ми имаше речено дека Јеховините сведоци се чудни луѓе. Бидејќи не ги познавав добро, мислев дека се премногу старомодни и дека не знаат да го живеат животот. Решив да не ја отворам вратата следниот пат кога ќе ме посетат. Но, се премислив кога повторно дојдоа кај мене. Ги поканив да влезат и веднаш почнав да ја проучувам Библијата.

По секоја посета од Сведоците, му раскажував на моето момче, Крег, што сум научила. Еднаш многу се изнервира, ми ја зеде од рака книгата што ја проучував и почна да ја чита. Така, за три седмици сфати дека ја нашол вистината за Бог. Престанавме да земаме дрога и да пиеме, а јас престанав да работам како келнерка. За да го доведеме животот во склад со библиските мерила, решивме да се венчаме.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Кога почнавме да ја проучуваме Библијата со Јеховините сведоци, Крег и јас само што не ја прекинавме врската. Но, денес Крег е прекрасен сопруг и татко на нашите две слатки дечиња. Исто така, имаме добри пријатели, кои се и наши соверници.

Во почетокот, мајка ми се лутеше затоа што се поврзав со Јеховините сведоци. Меѓутоа, причина за тоа биле предрасудите што ги имала. Сега јас и мајка ми повторно сме блиски. Повеќе не чувствувам празнина во душата. Наместо тоа, водам смисловен и исполнет живот и радосна сум што моите духовни потреби се задоволени (Матеј 5:3).

„Се изненадив од она што го научив од Библијата“ — ИЗАКАЛА ПАЕНУ

РОДЕН: 1939

ЗЕМЈА: ТУВАЛУ

НЕКОГАШ: ПОЛИТИЧАР

МОЕТО МИНАТО: Роден сум на Нукулаелае, прекрасен пацифички остров кој сега припаѓа на Тувалу. Со животот на островите управуваа свештеници кои го стекнуваа своето верско образование на училиште во Самоа. Населението мораше да се грижи за свештениците и нивните фамилии, да им обезбеди кров над глава и, всушност, да им го даде најдоброто од сѐ. Дури и ако жителите на островот немаа доволно храна за своите семејства, мораа да им обезбедат јадење на свештениците.

Свештеникот на мојот остров раководеше со селското училиште и држеше часови по религија, математика и географија. Еднаш го видов како крвнички ги тепа учениците. Меѓутоа, никој не се осмели да приговори — дури ни родителите. Свештеникот беше почитуван како да е Бог.

Кога имав 10 години, заминав од дома за да одам во единственото државно училиште во таа област, кое се наоѓаше на еден друг остров. Откако завршив со школувањето, почнав да работам за владата. Во тоа време, островите беа дел од британската колонија позната како Гилбертови и Елис Острови. Работев во различни сектори на владата, а потоа станав уредник на владиниот неделен весник. Сѐ беше добро до моментот кога го објавив писмото од еден читател, кој го критикуваше трошењето на пари во подготовките за посетата на принцот од Велс. Авторот го потпиша писмото со лажно име, па затоа шефот ме тераше да му го откријам вистинското. Јас не сакав да му го кажам, и за таа расправија се расчу насекаде.

Кратко по тој немил настан, дадов отказ и влегов во политичките кругови. Победив на изборите на Нукулаелае и бев назначен за министер за трговија и природни ресурси. Подоцна, кога народот од островите Кирибати (поранешни Гилберт) и Тувалу (поранешни Елис) стекна независност од Британија, гувернерот ми понуди положба на шеф на администрацијата на Тувалу. Меѓутоа, не сакав да имам ништо со колонијалната влада. Затоа, ја одбив понудата и како самостоен кандидат се вклучив во трката за министер во владата. Откако изгубив на изборите, јас и жена ми се вративме на нашиот остров за да живееме нормален селски живот.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Во недела на островот не се работеше и сите го сметаа тој ден за свет, освен јас. Тогаш пловев со брод и одев по риба. Не сакав да ме знаат како верник. Татко ми ми рече дека тој и другите луѓе се разочарани од мене. Но, јас решив да немам никаква врска со црквата.

Еднаш, кога бев на Фунафути — островот на кој се наоѓа главниот град на Тувалу — мојот помлад брат ме покани да присуствувам на состанок на Јеховините сведоци. Подоцна, еден од нивните мисионери ми даде да прочитам еден куп списанија Стражарска кула и Разбудете се! Ми остави и книга во која беше разоткриено паганското потекло на учењата на многу таканаречени христијански цркви. Ја прочитав неколкупати. Се изненадив од она што го научив од Библијата. Меѓу другото, дознав дека христијаните не се обврзани да го држат денот за одмор. * За сѐ што учев ѝ раскажував и на жена ми, и таа веднаш престана да оди в црква.

Меѓутоа, јас не сакав да имам ништо со религијата. Сепак, иако поминаа речиси две години, не можев да го заборавам она што го имав научено. По некое време, му напишав писмо на мисионерот што служеше на Фунафути и му реков дека решив да се сменам. Тој се качи на првиот брод и дојде да ја проучува Библијата со мене. Татко ми збесна кога дозна дека сакам да станам Јеховин сведок. Но, му реков дека донесов цврста одлука бидејќи од Сведоците научив многу за Библијата.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Во 1986 год. станав Јеховин сведок, а жена ми се крсти по една година. И нашите две ќерки ја проучуваа Библијата и одлучија да станат Јеховини сведоци.

Сега сум радосен што припаѓам на религија во која нема поделба на свештеничка класа и обични верници, како што немало ни меѓу христијаните во првиот век (Матеј 23:8-12). Исто така, Јеховините сведоци понизно го следат Исусовиот пример и им проповедаат на другите за Божјето царство (Матеј 4:17). Многу сум му благодарен на Јехова Бог што ми дозволи да ја пронајдам вистината за него и за неговиот народ!

„Сведоците не ми ја наметнаа верата“ — АЛЕКСАНДАР СОСКОВ

РОДЕН: 1971

ЗЕМЈА: РУСИЈА

НЕКОГАШ: ВОЕН ИНСТРУКТОР

МОЕТО МИНАТО: Роден сум во Москва, главниот град на тогашниот Советски Сојуз. Живеевме во една голема зграда, и многу наши соседи работеа во иста фабрика. Се сеќавам дека се жалеа што бев немирно дете и мислеа дека поради тоа или ќе умрам многу млад или ќе завршам зад решетки. И навистина, веќе на 10 години имав криминално досие.

Кога наполнив 18 години, отидов во војска, каде што служев како граничар. По две години се вратив дома и најдов работа во една фабрика. Но, ми беше здодевно да работам таму. Затоа, станав дел од посебната единица за справување со уличниот криминал во Москва и работев како инструктор на борба гради в гради. Учествував во неколку акции со кои ги приведувавме криминалците во Москва, а патував и до други места во земјата каде што ќе избиеја немири. Бев под притисок како затегнат федер. Кога ќе се вратев дома, понекогаш морав да спијам сам, бидејќи можеше да се случи во сон да ја повредам жена ми.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Кога почнав да ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци, сфатив дека со моето насилно однесување ги кршам библиските начела. Ми стана јасно дека треба да престанам да пушам и премногу да пијам. Меѓутоа, мислев дека нема никакви шанси да најдам друга работа, бидејќи не знаев на друг начин да го издржувам семејството. Исто така, мислев дека никогаш нема да можам да проповедам како Сведоците.

Со текот на времето, се уверив дека она што го пишува во Библијата е точно. Многу ме утешија зборовите од Езекиел 18:21, 22, каде што пишува: „Ако злосторникот се одврати од сите свои гревови што ги направил... сите престапи што ги направил ќе му бидат заборавени“.

Ми се допадна тоа што Сведоците не ми ја наметнаа верата, туку ми помогнаа самиот да размислувам на темел на она што го учев. Зедов еден куп од 40-ина нивни списанија и ги прочитав за три седмици. Она што го научив ме увери дека ја најдов вистинската религија.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Пред да почнеме да ја проучуваме Библијата, јас и жена ми само што не се разведовме. Но, сега нашиот брак стана поцврст. Жена ми почна да ја проучува Библијата во исто време кога почнав да проучувам и јас. Одлучивме заедно да му служиме на Јехова и сега имаме среќен семеен живот. Јас успеав да најдам работа која не се коси со библиските начела.

Кога првпат почнав да проповедам од врата до врата, бев многу напнат, бидејќи ми навираа чувствата што ги имав пред да тргнам во некоја рација. Сега сум уверен дека ќе останам смирен дури и кога некој ќе ме испровоцира. Со текот на времето, научив да бидам стрплив. Жал ми е што залудно потрошив дел од мојот живот, но сега најдов смисла во животот. Се радувам што својата сила ја трошам да му служам на Јехова Бог и да им помагам на другите.

[Фуснота]

^ пас. 24 Нешто повеќе во врска со денот за одмор можеш да прочиташ во статијата „Треба ли да ја држиш саботата?“, која беше објавена во Стражарска кула од 1 февруари 2010 год., на страници 11-15.