Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Ќе копнееш“

„Ќе копнееш“

Приближи му се на Бог

„Ќе копнееш“

СРЦЕТО ни се кине од болка кога гледаме како страда и умира некој што ни е многу драг. Нормално е да тагуваме откако ќе доживееме една таква загуба. Сепак, утешно е што знаеме дека нашиот Творец, Јехова Бог, разбира како се чувствуваме. Освен тоа, Тој копнее да ја употреби својата неограничена моќ за да ги врати мртвите во живот. Забележи каква надеж зрачи од зборовите запишани во Јов 14:13-15.

Да спомнеме нешто повеќе за Јов, човек кој имал многу цврста вера. Во еден период од животот минувал низ големи искушенија — го изгубил имотот, му умреле сите деца и се разболел од една тешка болест. Додека страдал, тој му рекол на Бог: „О, да ме скриеше во гробот!“ (стих 13). За Јов, гробот бил посакуваниот спас од маките. Во него, скриен како некое богатство, ќе нашол спас од неволјите и од болката. *

Дали Јов вечно ќе останел во гробот? Тој не мислел така. Во својата молитва понатаму рекол: „Да ми одредеше рок и потоа да се сетеше на мене!“ Јов бил цврсто уверен дека ќе останел во гробот само привремено и дека Јехова немало да го заборави. Рекол дека времето додека ќе бил во гробот би му било „одредено“ — период кога ќе морал да чека. Колку долго? „Додека не дојде моето ослободување“, рекол тој (стих 14). Тоа ослободување ќе значело и избавување од гробот или со други зборови — воскресение!

Зошто Јов бил уверен дека ќе се спаси од гробот? Затоа што знаел колку му се драги на неговиот грижлив Творец верните слуги што умреле. Јов рекол: „Ќе повикаш, и јас ќе ти се одѕвијам. Ќе копнееш по делото на своите раце“ (стих 15). Тој добро знаел дека е Божје создание. Бил уверен дека Оној што го дал животот и овозможил Јов да се развие во утробата на мајка му, може да му го врати животот откако ќе умре (Јов 10:8, 9; 31:15).

Од зборовите на Јов учиме колку убави особини има Јехова: Тој неизмерно ги сака оние кои, како Јов, се препуштаат во Божји раце за да бидат обликувани во личности што се пожелни во негови очи (Исаија 64:8). Јехова многу ги цени оние што верно му служат. Тој ‚копнее‘ по верните луѓе што умреле. Хебрејскиот збор преведен со „копнее“ е „без сомнение еден од најсилните зборови со кои се изразуваат емоциите што се јавуваат кога гориме од желба за нешто“, вели еден изучувач. Да, Јехова не само што се сеќава на оние кои му служеле туку и копнее да ги врати во живот.

Во книгата Јов — една од првите библиски книги што биле напишани — Јехова открил дека има намера да ги воскресне мртвите. * Тој сака повторно да бидеш со твоите блиски што умреле. Ако размислуваш за тоа, полесно ќе ја поднесеш загубата. Би можел да научиш нешто повеќе за овој грижлив Бог и за тоа како да дозволиш тој да те обликува во личност која ќе го доживее исполнувањето на неговата намера.

Читање на Библијата во март:

Естира 1Јов 15

[Фусноти]

^ пас. 2 Во еден прирачник пишува дека изразот „да ме скриеше“ може да значи „да [ме] ставеше на безбедно место како скапоцен залог“. Во друго дело пишува дека овој израз значи „скриј ме како богатство“.

^ пас. 6 Нешто повеќе за библиското ветување дека ќе има воскресение во еден праведен нов свет можеш да прочиташ во 7. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.