Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Дали Јехова нѐ сака иако сме Индијанци?“

„Дали Јехова нѐ сака иако сме Индијанци?“

Писмо од Мексико

„Дали Јехова нѐ сака иако сме Индијанци?“

МЕЛЕСИО, кој зборува на јазикот одам, понекогаш се симнуваше од планините во градот за да најде работа. Доаѓаше на христијанските состаноци и земаше библиска литература за да им ја однесе на луѓето во неговото место. Нѐ молеше некој да отиде таму и да ги поучи за Библијата.

Народот Одам е многу изолирана етничка група, која живее високо на планините Сиера Мадре во северниот дел на централно Мексико. Најблиското собрание на Јеховините сведоци се наоѓа на околу 240 километри. Неколкумина од нас решивме да ги посетиме овие луѓе.

Земавме комбе во кое натоваривме шатори, вреќи за спиење и доволно храна за три дена. Наполнивме и доволно бензин и во 4 часот наутро тргнавме од градот Дуранго. Патувавме осум часа сѐ додека не дојдовме до местото каде што завршуваше правливиот планински пат. Оттаму почнува пределот каде што живее народот Одам. Пред нас се испречи една длабока клисура и уште една планина.

Го оставивме комбето во едно село и, носејќи ја на раце нашата опрема, следните три часа одевме пеш до подножјето на клисурата. Таму ги поставивме шаторите, собравме дрва и запаливме голем оган за да не ни се приближуваат дивите животни. Спиевме на смени од по три часа бидејќи некој мораше да остане буден за да става дрва во огнот.

Уште в зори следното утро почнавме да се искачуваме по планината. Имаше многу патеки, па затоа неколкупати се изгубивме. Еден од нашата група го зборуваше малку локалниот јазик, па така им ја пренесовме библиската порака на луѓето што живееја по патот. На наше големо изненадување, тие ни кажуваа дека во Лос Ареналес, местото каде што сакавме да отидеме, некои жители се нарекувале Јеховини сведоци и одржувале состаноци на кои ја проучувале Библијата. Штом го чувме тоа се изненадивме, но и се охрабривме.

Кога конечно стигнавме во Лос Ареналес, нозете ни беа полни со плускавци. Здогледавме раштркани куќички од плитар со картонски покриви. Немаше училиште и немаше струја. Отсечени од надворешниот свет, луѓето живееја во крајна сиромаштија, опстанувајќи само од пченкарни тортиљи и едвај уште нешто за јадење. Го најдовме Мелесио, слаб млад човек кој многу се израдува кога нѐ виде. Нѐ покани во својот скромен дом и ни рече дека секој ден го молел Јехова да ги испрати своите Сведоци да ги поучат за Библијата неговото семејство и другите луѓе од овој народ, бидејќи Мелесио не знаел да им одговори на сите прашања.

Народот Одам се занимава со шаманизам. Користи пердуви и коски од орел како амајлии, ги обожава силите на природата и живее во страв од шаманите, кои ги искористуваат луѓето. Мелесио ни објасни дека, откако на своите патувања до градот дознал дека Јехова е вистинскиот Бог, ги уништил сите идоли што ги имал. Соседите чекале боговите да го казнат со смрт. Кога не му се случило ништо, сфатиле дека Јехова е помоќен од нивните богови. Затоа, и тие почнале да доаѓаат кај него кога ја проучувал Библијата со своето семејство, користејќи ја нашата литература.

„Им кажав дека прво мора да ги запалат сите амајлии и идоли“, рече Мелесио. Мнозина го победиле суеверниот страв и на состаноците доаѓале дури и до 80 лица. Се изненадивме кога го чувме тоа, па решивме да имаме состанок уште истиот ден. Неколку души веднаш ги јавнаа коњите за да им го кажат ова на оние што редовно доаѓаа кај Мелесио. Иако беше на сред седмица и беа известени во последен момент, дојдоа 25 луѓе. Некои од нив патуваа пеш, а некои на магаре.

Мелесио преведуваше, а ние одговаравме на прашањата што луѓето ги поставуваа во врска со Библијата. Тие прашуваа: „Дали Јехова нѐ сака иако сме Индијанци?“ „Дали ги слуша молитвите на нашиот јазик?“ „Кога ќе дојде Армагедон, дали Јехова ќе се погрижи за нас, иако живееме далеку од градовите?“ Многу се радувавме што со помош на Библијата ги уверивме овие понизни луѓе дека Јехова се грижи за кротките, сеедно на кој јазик зборуваат или колку далеку живеат. Нѐ молеа да им испратиме некој што ќе може да ги поучи уште повеќе.

По состанокот, со нашите нови пријатели поделивме сѐ што имавме за јадење. Кога се стемни, многу застуде бидејќи бевме на планина. Се израдувавме кога ни понудија да спиеме во една соба, иако сѐ уште не беше довршена. Следното утро ни помогнаа да се вратиме кај нашето комбе по еден скратен пат, а потоа ние продолживме за Дуранго. Бевме преморени, но задоволни.

Многу ни беше мило што ги запознавме тие искрени луѓе, од кои повеќето не знаат да читаат, да пишуваат или да зборуваат шпански. Сепак, сакаат да го запознаат и да му служат на вистинскиот Бог! Подоцна, кај нив отидоа шест други Сведоци и останаа три седмици. Им помогнаа духовно да напредуваат на околу 45 души што искрено сакаат да му служат на Јехова. Сите тие редовно одат на христијанските состаноци.

Во единствената продавничка во Лос Ареналес повеќе не се продаваат цигари. Зошто? Затоа што многу луѓе престанаа да пушат откако почнаа да ја проучуваат Библијата. Исто така, многумина го озаконија својот брак.

[Слика на страница 24]

Мелесио со сопругата, четирите ќерки и тештата

[Слика на страница 25]

Проучување на Библијата и христијански состанок во Лос Ареналес

[Извор на слика на страница 25]

Servicio Postal Mexicano Correos de Mexico