Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Обиди за крај на сиромаштијата

Обиди за крај на сиромаштијата

Обиди за крај на сиромаштијата

БОГАТИТЕ веќе ѝ ставиле крај на сиромаштијата — ама само за себе. Но, обидите да се искорени сиромаштијата во целиот свет секогаш завршувале со неуспех. Зошто? Затоа што богатите обично не сакаат некој или нешто да им го расипе уживањето. Цар Соломон, кој живеел во древниот Израел, напишал: „Гледај, солзи на угнетуваните, а нема кој да ги утеши. Моќта е во рацете на нивните угнетувачи“ (Проповедник 4:1).

Дали луѓето што се на власт и што имаат влијание можат да го променат светот и да го решат проблемот со сиромаштијата? Соломон напишал: „Гледај, сето тоа е суета и трчање по ветар. Она што е искривено, не може да се исправи“ (Проповедник 1:14, 15). Денешните обиди да се искорени сиромаштијата ги потврдуваат овие зборови.

Теории за тоа како сите да станат богати?

Во 19 век, кога неколку земји натрупаа огромно богатство преку трговијата и индустријата, некои луѓе на високи положби почнаа сериозно да размислуваат за сиромаштијата во светот. Размислуваа за тоа дали е возможно да се направи еднаква распределба на природните богатства на Земјата.

Некои сметаа дека со помош на социјализмот или комунизмот ќе може да се постигне бескласно општество во кое богатството ќе биде еднакво распределено. Се разбира, богатите беа многу вознемирени од таа идеја. Но, мотото „Секој според можностите, секому според потребите“ беше нашироко прифатено. Многумина се надеваа дека сите земји ќе го прифатат социјализмот за да може целиот свет да стане Утопија. Неколку богати земји прифатија извесни аспекти на социјализмот воведоа социјално осигурување и ветија дека ќе се грижат за своите граѓани „од лулка до гроб“. Тие тврдат дека ја искорениле тешката сиромаштија од нивните земји.

Меѓутоа, социјализмот не успеа да изгради едно несебично општество. Желбата граѓаните да прават сѐ за доброто на другите наместо за свое добро остана неостварена. Некои не сакаа да донираат средства затоа што тоа би ги навело сиромашните да живеат на туѓ грб наместо да работат. Се покажа дека се точни следниве зборови од Библијата: „Нема праведен човек на земјата, кој прави само добро и никогаш не греши... Вистинскиот Бог ги направил луѓето чесни, но тие одат по многуте свои замисли“ (Проповедник 7:20, 29).

Друга работа во која се полагаа големи надежи беше таканаречениот Американски сон — сон за место во кое ќе може да се збогати секој што сака да работи. Многу земји во светот ги прифатија принципите кои навидум придонесоа Соединетите Држави да станат богати — демократија, слободен бизнис и слободна трговија. Но, Американскиот сон не можеше да се повтори во сите земји бидејќи богатството на Северна Америка не се должеше само на политичкиот систем. Голема улога одиграа огромните природни богатства и лесниот пристап до меѓународните трговски патишта. Меѓутоа, светскиот економски систем во кој владее голема конкуренција не создава само победници што се збогатуваат туку и губитници што страдаат. Можеше ли да се направи нешто за да се поттикнат богатите земји да им помогнат на земјите во развој?

Маршаловиот план во борбата против сиромаштијата

По виорот на Втората светска војна, Европа беше опустошена и многу луѓе беа во опасност да умрат од глад. Владата на САД беше загрижена што во Европа почна да цвета социјализмот. Затоа, четири години донираше огромни суми пари за обнова на индустријата и на земјоделството во земјите што ја прифатија политиката на САД. Се сметаше дека оваа Програма за обнова на Европа, позната и како Маршалов план, успеа. Во Западна Европа, влијанието на САД се зголеми и крајната сиромаштија беше ретка појава. Но, дали на тој начин се искорени и сиромаштијата во целиот свет?

Успехот на Маршаловиот план ја поттикна владата на САД да им понуди помош и на сиромашните земји во целиот свет за да ги развијат земјоделството, здравството, образованието и транспортот. Соединетите Држави отворено изјавуваа дека мотивот им е да ги остварат своите лични интереси. И други земји се обидоа да го зголемат своето влијание нудејќи помош. По 60 години, откако потрошија многу поголеми средства од оние што беа вложени во Маршаловиот план, тие беа разочарани од конечниот исход. Точно е дека некои земји што претходно беа сиромашни, особено земјите во Источна Азија, стекнаа големо богатство. Меѓутоа, многу земји сѐ уште останаа сиромашни иако, благодарение на добиената помош, бројот на децата што умираа се намали, а бројот на децата што стекнуваа образование се зголеми.

Зошто проблемот не се решава со помошта од странство

Се покажа дека е потешко да им се помогне на сиромашните земји да излезат од сиромаштијата отколку да им се помогне на богатите земји да се обноват по војната. Европа веќе имаше индустрија, трговија и транспорт, а единствено што требаше да се обнови беше економијата. Во сиромашните земји, дури и откако со помош на донации се изградија патишта, училишта и клиники, луѓето сѐ уште живееја во крајна сиромаштија затоа што тие држави немаа развиено стопанство, немаа природни богатства и немаа пристап до трговските патишта.

Сиромаштијата води до еден сложен затворен круг од проблеми кој не може лесно да се прекине. На пример, болестите водат до сиромаштија, а сиромаштијата води до болести. Неисхранетите деца може толку да се исцрпат физички и умствено што, кога ќе станат возрасни, не можат да се грижат за сопствените деца. Исто така, кога богатите земји им го даваат вишокот храна на сиромашните земји како „хуманитарна помош“, локалните земјоделци и трговци остануваат без работа, а тоа води до уште поголема сиромаштија. Кога им се испраќаат пари на владите на сиромашните земји, може да почне уште еден затворен круг: Средствата што се донираат лесно може да завршат во погрешни раце, а тоа, пак, да води до корупција и до уште поголема сиромаштија. Всушност, помошта од странство не ја постигнува својата цел бидејќи не може да ја искорени главната причина за сиромаштијата.

Причина за сиромаштијата

Крајната сиромаштија е резултат на тоа што многу држави, влади и поединци се трудат да ги остварат и да ги штитат само своите интереси. На пример, на владите на богатите земји не им е битно да ја искоренат сиромаштијата во светот бидејќи се избрани по демократски пат и настојуваат да им угодат на своите гласачи. Затоа, им забрануваат на земјоделците од сиромашните земји да ги продаваат своите производи во богатите земји бидејќи би можело да се случи земјоделците од богатите земји да не најдат пласман за своите производи. Исто така, владите на богатите земји ги субвенционираат своите земјоделци за да останат конкурентни на пазарот.

Јасно, причината за сиромаштијата — склоноста на луѓето и на владите да ги штитат само своите интереси — лежи во човекот. Библискиот писател Соломон рекол: „Човек владее над човек на негова штета“ (Проповедник 8:9).

Според тоа, има ли некаква надеж дека ќе се искорени сиромаштијата? Може ли некоја влада да го промени човекот?

[Рамка на страница 6]

Закон што спречувал сиромаштија

Јехова Бог му дал на древниот Израел закони кои спречувале луѓето да станат сиромашни. Според тие закони, секое семејство, освен свештеничкото племе на Леви, добивало земја како наследство. Семејното наследство не се губело бидејќи земјата не смеела да се продава засекогаш. На секои 50 години, сета земја требало да му се врати на првобитниот сопственик или на неговото семејство (3. Мојсеева 25:10, 23). Ако поради болест, природна непогода или мрзливост некој морал да ја продаде својата земја, во прошталната година требало да му се врати без да се бара надомест. Така, ниедно семејство не би ги оставило своите потомци да тонат во сиромаштија.

Според една друга одредба која ја одразувала Божјата милост, ако некој човек бил на мака, можел да се продаде себеси во ропство. На тој начин, однапред ќе ја добиел сумата што му требала за да ги исплати долговите. Ако не успеел да се откупи до седмата година, господарот требало да го пушти на слобода и да му даде семе и стока за да почне одново да се занимава со земјоделство. Освен тоа, ако некој сиромашен човек побарал пари назаем, Законот им забранувал на Израелците да му земат камата на својот сонародник. Исто така, Законот му заповедал на народот да ги остава краевите од полињата неожнеани за да можат сиромашните да доприбираат. Така, ниеден Израелец немало да дојде до питачки стап (5. Мојсеева 15:1-14; 3. Мојсеева 23:22).

Меѓутоа, историјата покажува дека некои Израелци сепак станале сиромашни. Зошто? Израелците не го слушале Јеховиниот закон. Затоа, како што е случај во повеќето земји, некои станале богати земјопоседници, а други останале без своите ниви и осиромашиле. Меѓу Израелците се јавила сиромаштија затоа што некои го занемариле Божјиот закон и своите интереси ги ставале пред туѓите (Матеј 22:37-40).