Пружи си ги нозете колку што ти е долга чергата
Пружи си ги нозете колку што ти е долга чергата
ЗАМИСЛИ СИ дека имаш дупнат балон, кој мора постојано да биде надуен. Што ќе правиш? Сѐ додека количеството воздух што го дуваш во него е еднакво на количеството воздух што излегува од дупката, балонот ќе остане надуен.
Тоа значи да живееш во границите на своите можности, односно да си ги пружиш нозете колку што ти е долга чергата. Твоите приходи може да се споредат со воздухот што го дуваш во балонот. Трошоците што ги имаш се како воздухот што излегува од него. Клучот за да успееш е да не трошиш повеќе отколку што заработуваш.
Иако сево ова звучи едноставно, не е секогаш лесно да се спроведе на дело. Луѓето би се поштедиле од многу финансиски проблеми ако постапуваат според ова основно начело. Како да се успее во тоа? Каде да најдеме практични совети? Библијата може многу да ни помогне. Да видиме што вели таа.
Корисни библиски начела
Библијата содржи многу начела што можат да ти помогнат добро да ракуваш со парите. Ќе спомнеме само неколку. Сигурно ќе се согласиш дека тие можат да ти помогнат да живееш во границите на своите можности.
Планирај како да ги трошиш парите. За да ракуваш добро со твоите средства, треба да знаеш колкави ти се примањата и каде ти одат парите. Библијата вели: „Замислите на трудољубивиот сигурно донесуваат корист, а секој што избрзува, сигурно оди кон немаштија“ (Изреки 21:5). Некои користат едноставен систем со пликови. Секој плик претставува една категорија трошоци, како на пример, „храна“, „кирија“ или „облека“. Сеедно дали ќе го користиш овој едноставен метод или, пак, некој друг, важно е да знаеш на што ги трошиш парите и секогаш на прво место да ги ставаш потребите а не желбите.
Не завидувај. Многумина во сиромашните земји го посакуваат она што го имаат луѓето во богатите земји. Мнозина почнуваат да копнеат по она што го има комшијата. Тоа може да биде опасно. Можеби ни тој не може да си ги дозволи тие работи. Зошто да се поведеш по нечија лекоумност и да заглавиш во долгови? Библијата предупредува: „Алчното око по богатство трча и не насетува кога тоне во беда“ (Изреки 28:22, Радосна Вест).
Живеј скромно. Исус ги советувал своите следбеници да имаат „едноставно“ Матеј 6:22, фуснота). Ако бараш преку леб погача, можеш да си навлечеш финансиски проблеми. Азиската банка за развој известува дека скоро една третина од луѓето на Филипините, како и повеќе од половина од населението во Индија, живеат со помалку средства од минималниот личен доход во Азија, кој изнесува околу 1,35 долари на ден. Кога некој има толку ниски примања, мудро е да троши само на најосновното. Меѓутоа, истото начело може да ги спаси луѓето од финансиски проблеми дури и во побогатите земји.
око, што значи да живеат скромно (Биди задоволен со основните работи. Ова е поврзано со советот да живееш скромно и едноставно. Во Библијата го пишува следново: „Ако имаме храна, облека и покрив над главата, со тоа да бидеме задоволни“ (1. Тимотеј 6:8). Некои од најсреќните луѓе во светот не се богати, а сепак се задоволни со она што го имаат. За нив не се важни само материјалните работи туку и љубовта од семејството и од пријателите (Изреки 15:17).
Не влегувај во непотребни долгови. Сосема е вистинито она што го вели Библијата: „Богаташот владее над сиромасите, и кој зема на заем, слуга му е на оној што му го дава заемот“ (Изреки 22:7). Иако има околности во кои е неизбежно да се задолжиш, оние што непотребно влегуваат во долгови само за да си ги задоволат желбите, честопати си ставаат на врат преголем финансиски товар. Ова важи особено кога се плаќа со кредитна картичка. Во списанието Time пишуваше: „Штом ја земеме в раце кредитната картичка, веднаш ги трошиме парите без размислување и без потреба“. Ерик, кој живее на Филипините, вели: „Честопати, со кредитната картичка купувам повеќе работи отколку кога плаќам во готово. Кога треба да ја подмирам сметката, морам да земам од парите што сум ги испланирал за нешто друго“. Затоа, мудро е да бидеме многу, многу внимателни кога користиме лесно достапен кредит! (2. Царевите 4:1; Матеј 18:25).
Штеди пред да купиш нешто. Иако може да звучи старомодно, еден од најмудрите начини да не си навлечеш финансиски проблеми е да заштедиш пари пред да купиш нешто. Така ќе избегнеш долгови и други проблеми, како што се високите камати, кои драстично ја покачуваат цената на она што ќе го купиш. Во Библијата, за мравката се вели дека е мудра затоа што си собира „резерви од храна во времето на жетва“ (Изреки 6:6-8; 30:24, 25).
Учи од другите
Сите библиски совети што ги разгледавме можеби звучат добро, ама дали навистина им помагаат на луѓето да си ги пружат нозете колку што им е долга чергата? Да кажеме нешто за некои лица што ги примениле овие совети и успеале да излезат на крај со финансиските проблеми.
Диосдадо, кој има четири деца, вели дека по една неодамнешна финансиска криза не му е лесно да го издржува своето семејство. Сепак, сфатил колку е важно
да планира како ги троши парите. „Водам сметка за секоја пара што ќе ја заработам“, вели тој. „Си запишувам на што ги давам парите.“ И Данило го следи истиот принцип. Иако им пропаднал бизнисот, тој и жена му успеваат да врзат крај со крај бидејќи внимателно ги планираат парите. Данило вели: „Знаеме колкави ни се приходите и колкави ни се трошоците за секој месец. Врз основа на тоа, подробно дискутираме колку можеме да потрошиме“.За да живеат во границите на своите можности, некои увиделе дека треба да бидат поекономични. Марна, која е вдовица со три деца, вели: „Наместо да користиме јавен превоз, одиме пеш на нашите христијански состаноци“. Таа се труди да им помогне на своите деца да сфатат колку е мудро да живеат скромно. Марна вели: „Сакам да им оставам пример со тоа што го применувам начелото од 1. Тимотеј 6:8-10, кое покажува дека треба да бидеме задоволни со она што го имаме“.
И Џералд, кој има две деца, постапува слично. Тој вели: „Додека ја проучуваме Библијата, разговараме за примерот на христијаните кои не го губат од вид она што е навистина важно, т.е. духовните работи. Од тие разговори нашите деца учат да не бараат да им купиме нешто што не е толку потребно“.
Џенет од Филипините не е мажена и поголем дел од своето време посветува за да ги поучува другите за Библијата. Неодамна ја изгубила работата, но се труди да живее во границите на своите можности. „Тоа го постигнувам на тој начин што многу внимавам што купувам и колку трошам“, вели таа. „Наместо да одам во шопинг-центри, барам поевтини продавници. Зошто да давам повеќе пари кога можам да си поминам поевтино? Исто така, не купувам без размислување.“ Џенет сфаќа колку е мудро да си има заштеда. „Дури и ако ми се случи да ми останат пари“, вели таа, „ги тргам настрана за да ми се најдат кога ќе ми излезат непланирани трошоци.“
Во врска со кредитните картички, Ерик вели: „Решив да плаќам со кредитна картичка само во итни случаи“. Диосдадо се согласува: „За да не се заборавам, обично ја оставам кредитната картичка в канцеларија“.
Ти можеш да си ја измериш чергата
Мнозина сфаќаат дека, иако Библијата е книга што главно зборува за духовни работи, таа содржи и совети кои можат да ни користат во секојдневниот живот (Изреки 2:6; Матеј 6:25-34). Ако ги применуваш библиските начела што ги разгледавме во оваа статија и ако учиш од оние што извлекле корист од нив, и ти ќе успееш да живееш во границите на своите можности. Така ќе се поштедиш од многу неволји и грижи кои ги снаоѓаат милиони луѓе денес.
[Истакната мисла на страница 10]
‚Подробно дискутираме колку можеме да потрошиме‘
[Истакната мисла на страница 11]
‚Наместо да користиме јавен превоз, одиме пеш на нашите христијански состаноци‘
[Истакната мисла на страница 11]
‚Не купувам без размислување‘