Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Јехова има чувства?

Дали Јехова има чувства?

Приближи му се на Бог

Дали Јехова има чувства?

АКО тоа е точно, се појавуваат и други прашања: ‚Дали со нашето однесување влијаеме врз чувствата на Бог? Дали со нашите постапки можеме да предизвикаме кај него радост или тага?‘ Некои древни филозофи тврделе дека никој не може да влијае врз Бог, што значи дека тој сигурно нема чувства. Но, Библијата ни дава една поинаква слика, имено, дека Јехова има нежни чувства и дека е искрено заинтересиран за она што го правиме. Да ги разгледаме зборовите од Псалм 78:40, 41.

Во 78. Псалм се зборува за начинот на кој Бог постапувал со древните Израелци. Откако ги избавил од ропството во Египет, Јехова сакал да стапи во посебен однос со својот народ. Тој им ветил дека, ако се држат за законите што им ги дава, тие ќе му станат „најмилата сопственост“ и ќе можат да имаат посебна улога во исполнувањето на Божјата намера. Народот се согласил и така бил склучен сојузот на Законот. Дали Израелците си стоеле на зборот? (2. Мојсеева 19:3-8).

Псалмистот напишал: „Колку пати се бунеа против него во пустиот крај“ (стих 40). Следниот стих продолжува: „И секогаш одново го искушуваа Бог“ (стих 41). Забележи дека Израелците имале навика да се бунтуваат. Овој лош став го покажале во пустината кратко откако биле изведени од Египет. Народот почнал да мрмори против Бог, приговарајќи дека Тој не можел и не сакал да се грижи за нив (4. Мојсеева 14:1-4). Во еден прирачник за преведување на Библијата стои дека изразот „се бунеа против него“ би можел да се преведе и со зборовите ‚имаа закоравено срце против Бог‘ или ‚го отфрлија Бог‘. И покрај тоа, Јехова покажувал милост и му простувал на својот народ кога ќе се покаел. Но, Израелците си продолжувале по старо и повторно се бунтувале (Псалм 78:10-19, 38).

Како се чувствувал Јехова секогаш кога неговиот превртлив народ ќе се побунел? „Го жалостеа“, пишува во 40. стих. Во еден друг превод стои дека народот „го растажуваше“. Еден прирачник објаснува: „Овие зборови покажуваат дека однесувањето на Израелците му предизвикувало болка на Јехова, исто како што однесувањето на едно непослушно и бунтовно дете му предизвикува болка на родителот“. Како што тврдоглавото дете може да го разжалости срцето на своите родители, бунтовните Израелци ‚му нанесувале болка на Израеловиот Светец‘ (стих 41).

Што можеме да научиме од овој псалм? Многу нѐ охрабрува тоа што Јехова е приврзан кон своите слуги и не се откажува лесно од нив. Исто така, тоа што Јехова има чувства нѐ прави свесни дека со нашето однесување влијаеме врз нив. На што треба да нѐ мотивира ова? Дали си поттикнат да го правиш она што е исправно?

Наместо да постапуваме погрешно и да му предизвикуваме болка на Јехова, можеме да постапуваме исправно и да го радуваме неговото срце. Токму тоа Бог го бара од своите слуги: „Биди мудар, сине мој, и израдувај ми го срцето“ (Изреки 27:11). Најскапоценото нешто што можеме да му го дадеме на Јехова е да го радуваме со нашиот живот.

Читање на Библијата во јули:

Псалми 60-86

[Истакната мисла на страница 10]

Најскапоценото нешто што можеме да му го дадеме на Јехова е да го радуваме со нашиот живот