Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да се поучуваат децата за Бог? Кои методи се најуспешни?

Како да се поучуваат децата за Бог? Кои методи се најуспешни?

Како да се поучуваат децата за Бог? Кои методи се најуспешни?

„Овие зборови што ти ги заповедам денес нека ти се врежат во срцето. Всадувај ги во своите деца и зборувај им за нив кога седиш во својата куќа и кога одиш по пат, кога легнуваш и кога стануваш“ (5. МОЈСЕЕВА 6:6, 7)

РОДИТЕЛИТЕ може понекогаш да се чувствуваат притиснати од одговорноста да ги воспитуваат своите деца. Меѓутоа, кога ќе побараат помош, морето од совети на таа тема може да ги удави. Роднините и пријателите честопати веднаш им даваат предлози како да бидат подобри родители. А книгите, списанијата и Интернет-страниците им нудат постојан прилив од совети кои понекогаш се сосема противречни.

Од друга страна, пак, Библијата не само што им кажува на родителите за што да ги поучуваат своите деца туку им кажува и како да го прават тоа. Според библиските стихови наведени погоре, родителите треба да најдат начин секој ден да им зборуваат за Бог на своите деца. Ќе наведеме четири библиски предлози што им помогнале на илјадници родители да ги поучат своите деца за Бог.

1. Учи од созданијата. Апостол Павле напишал: „[Божјите] невидливи својства, имено неговата вечна моќ и божество, јасно се гледаат уште од создавањето на светот, бидејќи се распознаваат по она што е создадено“ (Римјаните 1:20). Родителите можат да им помогнат на своите деца Бог да им биде реален. Тоа ќе го постигнат на тој начин што ќе им го свртат вниманието на Божјите дела на создавање, а потоа ќе им посочат кои особини на Бог се гледаат во тие созданија.

И Исус ги поучувал своите ученици на сличен начин. На пример, тој им рекол: „Погледнете ги птиците небесни, бидејќи тие ниту сеат, ниту жнеат, ниту во амбари собираат, а сепак вашиот небесен Татко ги храни. Зарем вие не вредите повеќе од нив?“ (Матеј 6:26). Овде Исус ги истакнал љубовта и сочувството на Јехова. Но, им помогнал на учениците да размислуваат и за тоа како Бог ги покажал овие особини кон луѓето како негови деца.

Цар Соломон зборувал за мудроста што Бог им ја дал на мравките и ги употребил тие мали суштества за да даде една важна поука. Тој напишал: „Оди кај мравката, мрзливецу, набљудувај ги нејзините патишта и стани мудар. Иако нема ни заповедник, ни управител, ни господар, таа си приготвува храна лете, собира резерви од храна во времето на жетва“ (Изреки 6:6-8). Колку убав начин да се даде поука дека треба да си поставуваме цели и потоа да ги остваруваме со помош на силата што ни ја дава Бог!

За да можат родителите да ги поучуваат своите деца на ист начин како што поучувале Исус и Соломон, треба: 1) да ги прашаат децата кои растенија и животни им се најинтересни, 2) да научат нешто повеќе за тие растенија и животни, и 3) да им помогнат на децата да го запознаат Бог преку нив.

2. Имај го Исусовиот став кон оние што ги поучуваш. Од сите луѓе што некогаш живееле, Исус можел да ги каже најважните работи. Сепак, голем дел од времето поставувал прашања. Многу се интересирал за размислувањата и чувствата на оние што ги поучувал (Матеј 17:24, 25; Марко 8:27-29). Слично на тоа, родителите сигурно имаат да им пренесат на своите деца важни поуки. Но, за да успеат во тоа, треба да се угледаат на Исус и да им остават простор на децата слободно да си кажат како се чувствуваат.

Што ако децата покажуваат лош став или, пак, им треба повеќе време да научат некои важни работи? Размисли за тоа како постапувал Исус со апостолите. Понекогаш тие многу се расправале меѓу себе и им требало повеќе време да научат зошто понизноста е убава особина. Сепак, Исус останал стрплив и постојано им зборувал дека треба да бидат понизни (Марко 9:33, 34; Лука 9:46-48; 22:24, 25). Родителите што сакаат да бидат како Исус, стрпливо ги исправаат своите деца и, ако е потребно, им ги повторуваат поуките сѐ додека децата не ги сфатат потполно. *

3. Поучувај со пример. Добро ќе биде родителите да го послушаат советот што апостол Павле им го дал на христијаните во Рим. Тој им напишал: „Зарем ти, кој учиш други, не се учиш самиот себе? Зарем ти, кој проповедаш: ‚Не кради‘, крадеш?“ (Римјаните 2:21).

Овој совет е на место бидејќи врз децата многу посилен впечаток оставаат постапките отколку зборовите. Всушност, ако родителите постапуваат онака како што зборуваат, децата ќе ги прифатат нивните поуки.

4. Почни додека детето е мало. Тимотеј, кој го придружувал апостол Павле на неговите мисионерски патувања, бил на многу добар глас (Дела 16:1, 2). Една причина за тоа е што „од рано детство“ бил поучуван за „светите списи“. Мајка му и баба му не само што му читале од Светото писмо туку му помогнале и да размислува за вистините запишани во него (2. Тимотеј 1:5; 3:14, 15).

Каде да најдеш помош

Јеховините сведоци издаваат многу публикации наменети да им помогнат на родителите да ги поучуваат своите деца за Бог. Некои се напишани посебно за деца. Други публикации можат да им помогнат на родителите и на нивните тинејџери да имаат подобра комуникација. *

Се разбира, за да можат родителите да ги поучуваат своите деца за Бог, треба да ги знаат одговорите на прашањата што ги поставуваат децата. На пример, како би одговорил на следниве прашања: ‚Зошто Бог ги допушта страдањата? Која е Божјата намера со Земјата? Каде се мртвите?‘ Јеховините сведоци со задоволство ќе ти помогнат да го дознаеш одговорот на овие и на други прашања за да може вашето семејство да се зближи со Бог (Јаков 4:8).

[Фусноти]

^ пас. 10 Хебрејскиот збор што во 5. Мојсеева 6:7 е преведен со „всадувај“ ја пренесува идејата за често повторување на одредена мисла.

^ пас. 15 Ако децата се помали, родителите можат да ја користат книгата Учи од Големиот Учител, во која се изнесени учењата на Исус Христос, или Мојата книга со библиски приказни, во која со едноставни зборови се раскажани поучни настани од Библијата. Ако децата се поголеми, родителите можат да ги користат книгите Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1 и 2.