Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Јехова, ти... ме познаваш“

„Јехова, ти... ме познаваш“

Приближи му се на Бог

„Јехова, ти... ме познаваш“

„НЕМА потежок товар од сознанието дека никој не те сака и не те разбира.“ * Дали и ти си го доживеал тоа? Дали некогаш си мислел дека никој не те сака ниту, пак, сфаќа низ што минуваш, а уште помалку сфаќа како се чувствуваш? Ако да, ќе те утеши мислата дека Јехова е искрено заинтересиран за своите слуги и знае сѐ што им се случува во животот. Во тоа нѐ уверуваат зборовите што ги запишал Давид во 139. Псалм.

Со доверба дека Бог се грижи за него, Давид рекол: „Јехова, ти проникна во мојата внатрешност и ме познаваш“ (стих 1). Колку убав опис дал Давид! Хебрејскиот глагол што е преведен со изразот „проникна во мојата внатрешност“ ја пренесува мислата да се копа за да се најде руда (Јов 28:3), да се истражува некоја земја (Судии 18:2) или да се испитуваат фактите во некој судски случај (5. Мојсеева 13:14). Навистина, Јехова нѐ познава толку добро што може да се рече дека знае сѐ за нас. Од зборовите на Давид учиме дека Бог е заинтересиран за секој поединец што му служи. Тој проникнува во неговата внатрешност и го запознава.

За да покаже колку добро Јехова нѐ познава, Давид рекол: „Ти знаеш кога седнувам и кога станувам, оддалеку ми ги распознаваш мислите“ (стих 2). Во некоја смисла, Јехова навистина е ‚далеку‘ на небото. Сепак, знае кога седнуваме, можеби по еден напорен ден, и кога стануваме наутро и започнуваме со секојдневните обврски. Исто така, тој ги знае нашите мисли, желби и намери. Дали на Давид му пречело тоа што некој толку внимателно го набљудувал? Не. Тој се радувал што можел да биде испитан толку добро (стихови 23, 24). Зошто?

Давид бил свесен дека Јехова ги испитува своите слуги од исправни мотиви. Тој напишал: „Ти ме испитуваш кога одам и кога се одморам, и добро ги познаваш сите мои патишта“ (стих 3). Секој ден, Јехова ги гледа ‚сите наши патишта‘ — кога ќе згрешиме, но и кога ќе постапиме исправно. Дали мисли само на лошите работи или, пак, мисли и на добрите? Хебрејскиот израз што овде е преведен со „испитуваш“ значи да „просејуваш“ или да „вееш“, исто како што еден земјоделец ја вее непотребната плева за да го исчисти житото. Изразот „добро ги познаваш“ е превод на еден хебрејски збор што може да значи „длабоко да цениш“. Кога го испитува она што секојдневно го прават или го велат неговите слуги, Јехова го бара доброто. Зошто? Тој го цени она што го прават за да му угодат.

Од 139. Псалм учиме дека Јехова е искрено заинтересиран за своите слуги. Тој проникнува во нивната внатрешност и ги набљудува додека ги извршуваат своите секојдневни обврски. Затоа, знае со какви проблеми се соочуваат и покажува разбирање за тешкотиите и болката во срцето што ги имаат како последица од нив. Зар не си поттикнат да му служиш на еден ваков Бог? Ако имаш таква желба, биди уверен дека Јехова никогаш нема ‚да го заборави твоето дело и љубовта што ја покажуваш кон неговото име‘ (Евреите 6:10).

Читање на Библијата во септември:

Псалми 119-150

[Фуснота]

^ пас. 1 Зборови на писателот Артур Х. Стајнбак.