Оливетан — „скромниот, безначаен преведувач“ на француската Библија
Оливетан — „скромниот, безначаен преведувач“ на француската Библија
На 13 септември 1540 год., полицијата извршила претрес во домот на Колин Пеленк. Во една тајна просторија пронашла сомнителни документи, меѓу кои имало и една голема книга. На втората страница биле испишани зборовите: „П. Робер Оливетан, скромниот, безначаен преведувач“. Тоа било превод на Библијата финансиран од валдензите! Колин Пеленк бил уапсен, обвинет за ерес и жив запален.
ВО ТОА време во Франција, како и во други земји во Европа, Католичката црква ги прогонувала реформаторите заради нивните „подмолни“ науки. Еден од тие реформатори, ревносниот Гијом Фарел, бил решен да ги убеди луѓето што зборувале француски јазик да ги прифатат гледиштата на Мартин Лутер, кој бил водечка личност во протестантската реформација. Фарел, кој потекнувал од провинцијата Дофине во југоисточна Франција, знаел дека главна улога во битката на идеи има пишаниот збор. За да го придобие населението, му требале многу трактати и статии, како и Библии. Но, кој можел да финансира еден таков потфат? Зошто не валдензите, кои биле независна верска група посветена на проповедањето на Библијата?
Собир во Шанфоран
Во средината на септември 1532 год., пасторите на валдензите, наречени барби, свикале собир во Шанфоран, селце во близина на Торино (Италија). Валдензите и водачите на реформацијата биле во контакт веќе неколку години. Затоа, на собирот биле повикани Фарел и уште неколкумина други. Валдензите сакале да знаат дали нивните учења се во склад со учењата што ги ширеле Лутер и неговите следбеници. *
Во Шанфоран, Фарел бил многу убедлив во своето изнесување. Кога пасторите на валдензите му ги покажале своите стари, рачно препишани Библии на нивниот дијалект, ги убедил да го финансираат печатењето на Библија на француски јазик. За разлика од преводот на Лефевр д’Етапл од 1523 год., кој се темелел на латинската Библија, ова издание требало да се преведе од хебрејски и од грчки јазик. Но, кој можел да го направи тоа?
Фарел го знаел вистинскиот човек за таа работа. Се викал Пјер Робер, но бил познат како Оливетан. * Тој бил млад учител роден во областа Пикардија, во северна Франција. Оливетан, кој му бил братучед на Жан Калвин, бил поранешен реформатор и човек на кого можело да му се верува. Неколку години живеел во Стразбур, каде што марливо ги изучувал јазиците на кои била пишувана Библијата.
И Оливетан нашол засолниште во Швајцарија, како Фарел и многу други. Неговите пријатели го молеле да се согласи да ја преведе Библијата. Откако неколкупати одбил, на крајот сепак ја прифатил задачата да ја преведе Библијата „на француски јазик следејќи го хебрејскиот и грчкиот текст“. Во исто време, валдензите вложиле 500 златни круни — што претставувало вистинско богатство — од вкупно 800 круни потребни за да се финансира печатењето.
Чавка и славеј
Во почетокот на 1534 год., Оливетан се повлекол на Алпите и се фатил за работа, опкружен со своите „безгласни учители“, книгите. Тој имал библиотека на која би му завидувал секој денешен изучувач. Во неа имало сириски, грчки и латински преводи на Библијата, рабински коментари, халдејски граматики и многу други книги. Што е уште поважно, имал најново венециско издание на оригиналниот хебрејски текст на Библијата.
Својот превод на Новиот Завет Оливетан го темелел на францускиот текст на Лефевр д’Етапл, иако честопати го земал предвид и грчкиот текст на холандскиот изучувач Еразмо. Со својот избор на зборови, во многу случаи сакал да го намали влијанието на католицизмот. На пример, го користел зборот „надгледник“ наместо „бискуп“, „тајна“ наместо „мистерија“, и „собрание“ наместо „црква“.
Делот од Библијата што многумина го нарекуваат Стар Завет, Оливетан сакал да го преведе буквално од изворниот хебрејски јазик. На шега рекол дека преведувањето од хебрејски на француски било исто како „да учиш еден милозвучен славеј да грака како чавка!“
Во хебрејскиот текст, Оливетан илјадници пати наишол на Божјето име во облик на тетраграм. Решил да го преведе со „Вечниот“, збор што подоцна често се користел во француските протестантски Библии. Меѓутоа, на неколку места одлучил да го стави името „Јехова“. Еден таков пример е стихот од 2. Мојсеева 6:3.
Значајно е тоа што на 12 февруари 1535 год., по само отприлика една година, Оливетан изјавил дека работата била завршена! Бидејќи кажал дека „долго време сам го носи товарот“ да преведува, во 1534/1535 год. очигледно завршил еден долг, напорен процес. „Направив сѐ што можев“, скромно рекол овој преведувач. Останувало само уште да се отпечати првата француска Библија преведена од изворните јазици.
Во работилницата на Пиро
Тогаш на сцената стапил Пјер де Венгл, наречен Пиро Пикар, кој бил печатар и реформатор и му бил пријател на Фарел. Откако Католичката црква го истерала од Лион, во 1533 год. тој се населил во Нојшател (Швајцарија). Финансиран од валдензите, почнал да печати „субверзивен“ материјал. На пример, во неговата работилница биле направени плакати со кои се осудувала мисата. Некои од нив дошле и до францускиот крал Франсоа I, кој бил католик.
Де Венгл повторно ги пуштил во погон своите печатарски машини — овојпат за да ја отпечати Библијата! За да се забрза процесот, на секоја од двете преси работел тим од четири до пет души, кои ги ределе буквите и ги печателе табаците. Конечно, „на 4 јуни 1535 год.“, Де Венгл ја потпишал првата страница на Библијата што ја превел Оливетан. Во предговорот, преведувачот им го посветил своето дело на сите кутри верници кои биле „скршени и оптоварени“ од „бескорисните традиции“.
Трудот навистина се исплател. Убавиот и едноставен француски текст уште повеќе дошол до израз заради јасното, прекрасно готско писмо испишано во две колони и поделено на поглавја и стихови. Од маргиналните забелешки се гледа колку темелно знаење имал преведувачот. На крајот од книгата, еден краток римуван акростих открива дека „Валдензите, кои го проповедаат евангелието, ова богатство ѝ го ставаат на располагање на јавноста“.
Ремек-дело... и промашување
И покрај тоа што некогаш била потценета, Библијата што ја превел Оливетан денес едногласно е призната како вистинско ремек-дело на книжевноста. Освен тоа, нејзиниот текст три века служел како основа за библиските преводи на протестантите.
Иако од оваа Библија биле отпечатени околу илјада примероци, продажбата не одела добро. Причина било тоа што немало добро развиена дистрибутивна мрежа и тоа што било време кога францускиот јазик претрпувал брзи промени. Освен тоа, како голема книга тешка 5 килограми, не била практична за патувачките проповедници и за оние што ја читале во тајност!
И покрај тоа што еден примерок сепак стигнал во домот на Колин Пеленк во Франција, како што беше спомнато во почетокот, Библијата на Оливетан била чисто промашување во финансиски поглед. Во 1670 год., речиси еден и пол век подоцна, во една книжарница во Женева сѐ уште можело да се купи еден примерок од оваа Библија.
„Без име и без родно место“
Откако завршил со преведувањето на Библијата, Оливетан се повлекол од јавниот живот. Користејќи други имиња, го ревидирал својот Нов Завет и делови од Стариот Завет. Исто така, се посветил на една друга страст — поучувањето. Како совесен учител, тој ја ревидирал својата книга за младите Instruction des enfans (Поуки за деца), во која имало поуки за моралот и основни лекции за читање на француски јазик. Таа книга се темелела на Светото Писмо. Еден од псевдонимите под кои работел бил Белисем де Белимаком, што значи „Без име и без родно место“.
Оливетан умрел во 1538 год., во своите рани 30-ти години, веројатно во Рим. Малкумина денес знаат колку голема улога одиграл овој млад учител од Пикардија во распространувањето на Библијата на француски јазик. Неговото име ретко се појавува во речниците. Но, тоа сигурно не би му пречело на „скромниот, безначаен преведувач“ Луј Робер, наречен Оливетан!
[Фусноти]
^ пас. 5 Нешто повеќе за тоа како валдензите биле претопени од реформацијата можеш да прочиташ во Стражарска кула од 15 март 2002, страници 20-23.
^ пас. 7 Роденото име му било Луј Робер, но го прифатил името Пјер. Прекарот Оливетан, кој доаѓа од еден француски збор што значи маслинка, веројатно го добил поради големата количина маслиново масло што го користел за осветлување додека работел.
[Извор на слика на страница 18]
Archives de la Ville de Neuchâtel, Suisse/Фотографија: Stefano Iori
[Извор на слика на страница 19]
Фотографија лево: Alain Leprince - La Piscine-musée, Roubaix/Со љубезна дозвола на поранешниот Bouchard Museum, Paris Во средина и десно: Société de l’Histoire du Protestantisme Français, Paris
[Извор на слика на страница 20]
Société de l’Histoire du Protestantisme Français, Paris