Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Библијата менува животи

Библијата менува животи

Библијата менува животи

ШТО поттикнало една млада девојка, која ја отфрлила верската поука од своите родители, повторно да живее според неа? Дознај што има да ни каже таа.

„Најдов вистинска смисла во животот“ — ЛИСА АНДРЕ

РОДЕНА: 1986

ЗЕМЈА: ЛУКСЕМБУРГ

НЕКОГАШ: БУНТОВНО ДЕТЕ

МОЕТО МИНАТО: Пораснав во Бертранж, чисто, мирно и богато гратче во близина на градот Луксембург. Јас сум најмалата од петте деца. Моите родители се Јеховини сведоци и даваа сѐ од себе за да нѐ воспитаат според христијанските мерила.

Кога станав тинејџер, ми се јавија сериозни сомнежи во врска со верувањата на Јеховините сведоци. Во почетокот не им обрнував внимание, но со текот на времето верата ми стануваше сѐ послаба. Моите родители направија сѐ што можеа за да ми дадат исправно водство, но јас ја одбивав нивната помош. Без да знаат, се дружев со млади кои не почитуваа никаков авторитет. Ја сакав слободата што навидум ја имаа. Одев на журки, живеев неморално, земав дрога и пиев. Отпрвин бев среќна што се дружев со луѓе кои, како што ми изгледаше, уживаа во животот.

Сепак, не бев вистински среќна. Животот со такво друштво беше бесмислен. На никого од нив не му беше гајле за ништо. Но, мене ме мачеа неправдите во светот. Како што одминуваше времето, тонев во сѐ подлабока депресија.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Еден ден, кога имав 17 години, бев многу потиштена. Гледајќи колку сум несреќна, мајка ми ме замоли да ѝ дадам на Библијата уште една шанса. Ме поттикна да ги испитам библиските учења и да донесам лична одлука дали да живеам според нив или не. Тој отворен разговор беше вистинска пресвртница во мојот живот. Почнав да ја проучувам Библијата со мојата постара сестра, Каролин, и нејзиниот маж, Акиф. Тој не ги знаел библиските вистини од мали нозе туку станал Јеховин сведок како возрасен. Поради неговото минато, се чувствував слободна да му кажам сѐ што ми лежи на срце. Тоа многу ми значеше.

Знаев дека не живеам како што му доликува на еден Сведок, но мислев дека никој не треба да ми се меша во животот. Меѓутоа, од проучувањето на Библијата сфатив дека моите постапки влијаат врз Јеховините чувства (Псалм 78:40, 41; Изреки 27:11). Исто така, сфатив дека моите постапки влијаат и врз другите луѓе.

Како што ја проучував Библијата, сфатив дека има разумни и цврсти причини да верувам дека таа е Божја Реч. На пример, дознав дека многу библиски пророштва се исполниле до најситен детаљ. Тоа ми помогна да расчистам со сомнежите што ги имав претходно.

Околу една година откако почнав да ја проучувам Библијата, заедно со моите родители отидовме да го посетиме мојот постар брат, кој служеше во подружницата на Јеховините сведоци во Германија. Ме допре до срце кога видов колку е среќен. Толку среќна сакав да бидам и јас. Силен впечаток ми оставија и другите Сведоци кои служеа таму. Тие многу се разликуваа од нечесните луѓе со кои се дружев, чија единствена смисла во животот беше да се забавуваат. По некое време, срдечно му се помолив на Јехова и му ветив дека ќе му служам до крајот на животот. На 19 години се крстив како Јеховин сведок.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Најдов вистинска смисла во животот. Се радувам што можам да ги поучувам другите за Библијата и што можам да им помогнам да го запознаат Јехова и неговите ветувања за иднината. И моето семејство е среќно, бидејќи повеќе не им задавам грижи.

Свесна сум за моите грешки во минатото, но се трудам да не размислувам за нив. Напротив, размислувам за тоа дека Јехова е спремен да прости и дека многу ме сака. Потполно се согласувам со зборовите од Изреки 10:22, каде што пишува: „Благословот од Јехова збогатува, и Бог не задава никаква болка притоа“.

[Истакната мисла на страница 12]

„Одев на журки, живеев неморално, земав дрога и пиев“

[Истакната мисла на страница 13]

„Свесна сум за моите грешки во минатото, но се трудам да не размислувам за нив“