Дали си бил излажан?
Дали си бил излажан?
САМО неколку работи болат повеќе од сознанието дека некој во кого си имал доверба те лажел. Кога си го сфатил тоа, можеби си се чувствувал понижен, гневен, па дури и изневерен. Лагите уништуваат пријателства и бракови, и заради лаги многу луѓе претрпуваат финансиски загуби.
Затоа, замисли си како би се чувствувал кога би дознал дека некој ти кажувал лаги за Бог. Ако си искрен верник, тоа сигурно многу би те погодило, како што погодило и некои други побожни луѓе, кои рекле:
● „Се чувствував изневерена од црквата“ (ДАЈЕН).
● „Бев лут. Се чувствував измамен — како напразно да сум се надевал“ (ЛУИС).
Можеби не ти е лесно да се помириш со мислата дека некој ти кажувал лаги за Бог. Она што го знаеш можеби си го чул од некој во кого си имал доверба и кој никогаш намерно не би те повредил — твоите родители, свештеникот или некој близок пријател. Можеби цел живот си верувал во нешто. Но, зар не мислиш дека дури и некое раширено верување може да биде погрешно? Франклин Рузвелт, поранешен претседател на САД, рекол: „Колку и да повторуваш една лага, таа никогаш нема да стане вистина“.
Како можеш да утврдиш дали си бил излажан? Додека му се молел на Бог, Исус рекол: „Твојата реч е вистина“ (Јован 17:17). Да, Божјата Реч, Библијата, може да ни помогне да препознаеме што е вистина, а што лага.
Со помош на Библијата, ќе разоткриеме пет лаги за Бог кои се раширени денес. Ќе видиш како вистината може да ти го промени животот.