Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кога бил уништен древниот Ерусалим? — Прв дел

Кога бил уништен древниот Ерусалим? — Прв дел

Кога бил уништен древниот Ерусалим? — Прв дел

Зошто е важно да знаеме

Што покажуваат доказите

Ова е прва од двете статии што ќе излезат во Стражарска кула во кои се разгледани некои прашања во врска со датумот на уништувањето на древниот Ерусалим. Во овие две статии се изнесени детално истражени библиски одговори на прашањата што си ги поставуваат голем број читатели.

„Според историчарите и археолозите, 586 или 587 год. пр.н.е. е општо прифатена како година кога бил уништен Ерусалим. a Тогаш, зошто Јеховините сведоци велат дека тоа се случило во 607 год. пр.н.е.? Како сте дошле до овој датум?“

ОВА прашање е од еден наш читател. Но, зошто е важно да го знаеме точниот датум кога вавилонскиот цар Навуходоносор II го разорил градот Ерусалим? Прво, затоа што тој настан претставува значајна пресвртница во историјата на Божјиот народ. Еден историчар рекол дека тоа водело до „катастрофа, и тоа невидена катастрофа“. Тој датум го означил крајот на еден храм што повеќе од 400 години бил центар на обожавањето на Семоќниот Бог. „Боже“, оплакувал еден библиски псалмист, „го осквернија светиот Твој храм, Ерусалим го претворија во урнатини“ (Псалм 79:1, Превод на МПЦ). b

Второ, тоа што ќе ја знаеш точната година кога почнала оваа „невидена катастрофа“ и ќе разбереш на кој начин со обновата на обожавањето на вистинскиот Бог во Ерусалим се исполнило едно библиско пророштво, ќе се зголеми твојата доверба во Божјата Реч. Значи, зошто Јеховините сведоци се држат за година која за цели 20 години се разликува од општоприфатената хронологија? Едноставно речено, заради доказите што ги содржи самата Библија.

За кого „седумдесет години“?

Со години пред уништувањето, еврејскиот пророк Еремија спомнал еден важен детаљ за временската рамка што е дадена во Библијата. Тој ги предупредил „сите ерусалимски жители“ со зборовите: „Целата таа земја ќе стане пустиња и ужас; и тие народи ќе му служат на вавилонскиот цар седумдесет години“ (Еремија 25:1, 2, 11, Превод на МПЦ). Подоцна, истиот пророк додал: „Вака вели Јехова: ‚Кога ќе навршат седумдесет години во Вавилон, ќе ве посетам и ќе ви го исполнам својот добар збор дека ќе ве вратам на ова место‘“ (Еремија 29:10). Што означуваат тие „седумдесет години“? И како тој временски период ни помага да го утврдиме датумот кога бил уништен Ерусалим?

Наместо да пишува 70 години „во Вавилон“, во некои преводи стои „на Вавилон“ (Превод на д-р Д. Х. Константинов). Затоа, некои историчари тврдат дека овој 70-годишен период се однесува на Вавилонското Царство. Според световната хронологија, Вавилонците владееле со древна Јуда и со Ерусалим околу 70 години, некаде од 609 год. пр.н.е. до 539 год. пр.н.е., кога бил освоен главниот град, Вавилон.

Меѓутоа, Библијата покажува дека тие 70 години требало да бидат период на тешка казна од Бог — казна наменета посебно за жителите на Јуда и на Ерусалим, кои имале склучено сојуз со него дека ќе му бидат послушни (2. Мојсеева 19:3-6). Кога одбиле да го остават злото, Бог рекол: „Ќе го испратам... Навуходоносор, вавилонскиот цар... против оваа земја и против нејзините жители и против сите овие околни народи“ (Еремија 25:4, 5, 8, 9). Иако и околните народи требало да го осетат гневот на Вавилон, уништувањето на Ерусалим и 70-годишното изгнанство што требало да следи, Еремија ги нарекол „казната за... мојот народ“ бидејќи Ерусалим „тешко згреши“ (Плач Еремиин 1:8; 3:42; 4:6, Превод на МПЦ).

Значи, според Библијата, тие 70 години биле период на тешка казна за Јуда, а Бог ги употребил Вавилонците да ја извршат. Сепак, на Евреите им рекол: „Кога ќе навршат седумдесет години... ќе ве посетам и ќе ви го исполнам својот добар збор дека ќе ве вратам на ова место“, односно во земјата Јуда и во Ерусалим (Еремија 29:10).

Кога почнале тие „седумдесет години“?

Историчарот Езра, кој пишувал под водство на светиот дух, живеел по исполнувањето на пророштвото за 70-те години. Тој напишал: „Избавените од меч Навуходоносор ги пресели во Вавилон, и тие му беа робови нему, до зацарувањето на персискиот цар, додека, за да се исполни зборот Господов, кажан преку устата на Јеремија, земјата не ги отпразнува своите саботи. Преку сите денови на запустувањето свое таа саботничеше, додека се наполнија седумдесет години“ (2. Летописи 36:20, 21, Превод на МПЦ).

Значи, тие 70 години требало да бидат период кога земјата Јуда и градот Ерусалим ќе имале „саботи“. Ова значело дека земјата немало да се обработува — немало да има ниту сеидби ниту кроење на лозјата (3. Мојсеева 25:1-5, Превод на МПЦ). Поради непослушноста на Божјиот народ, во чии гревови можеби спаѓало и тоа што не ги држеле саботите, односно годините за одмор, земјата требало да остане необработувана и напуштена 70 години (3. Мојсеева 26:27, 32-35, 42, 43).

Кога се случило тоа? Всушност, предводени од Навуходоносор, Вавилонците двапати го нападнале Ерусалим во период од неколку години. Кога почнале тие 70 години? Секако не откако Навуходоносор првпат го опсадил Ерусалим. Зошто? Иако во тоа време Навуходоносор одвел во Вавилон голем број заробеници од Ерусалим, сепак оставил и многу други во земјата. Исто така, не го разурнал градот. Со години по ова прво изгнанство, оние што останале во Јуда, „сиромашниот народ“, живееле од земјоделие (2. Царевите 24:8-17). Но, тогаш работите драстично се промениле.

По еден бунт на Евреите, Вавилонците повторно го нападнале Ерусалим (2. Царевите 24:20; 25:8-10). Потполно го уништиле градот, вклучувајќи го и неговиот свет храм, а многу од жителите ги одвеле во ропство во Вавилон. За два месеца, ‚сиот народ [што останал во земјата], од малиот до големиот, и сите заповедници на четите, станале и отишле во Египет, зашто се боеле до Халдејците‘ (2. Царевите 25:25, 26, ДХК). Дури тогаш, во седмиот еврејски месец, тишри (септември/октомври) од таа година можело да се рече дека земјата, која останала запустена и необработувана, ја почнала годината на одмор. Преку Еремија, на еврејските бегалци во Египет Бог им рекол: „Вие ја видовте сета беда, што ја испратив врз Ерусалим и врз сите градови јудејски; ете, тие се сега запустени и никој не живее во нив“ (Еремија 44:1, 2, Превод на МПЦ). Според тоа, овој настан очигледно го означил почетокот на 70-те години. Која година било тоа? За да одговориме, треба да видиме кога завршил тој период.

Кога завршиле тие „седумдесет години“?

Пророкот Даниел, кој живеел до времето на „зацарувањето на персискиот цар“ бил во Вавилон и пресметал кога требало да завршат 70-те години. Тој напишал: „Јас, Даниил, го разбрав според книгите бројот на годините за словото што беше му го кажал Господ на пророкот Јеремија, дека седумдесет години ќе се навршат над опустошениот Ерусалим“ (Даниел 9:1, 2, Превод на МПЦ).

Езра размислувал за пророштвата на Еремија и го поврзал крајот на ‚седумдесетте години‘ со времето кога ‚Господ го подбудил духот на Кир, персискиот цар, и тој заповедал‘ да се објави проглас (2. Летописи 36:21, 22, Превод на МПЦ). Кога биле ослободени Евреите? Одредбата со која било укинато нивното ропство била донесена во „првата година на Кир, персискиот цар“. (Види ја рамката  „Значајна година во историјата.“) Така, до есента 537 год. пр.н.е., Евреите се вратиле во Ерусалим за да го обноват обожавањето на вистинскиот Бог (Езра 1:1-5; 2:1; 3:1-5).

Значи, според библиската хронологија, тие 70 години биле дословен временски период кој завршил во 537 год. пр.н.е. Ако се брои наназад 70 години, почетокот на тој период би бил во 607 год. пр.н.е.

Но, ако доказите од Светото писмо јасно укажуваат на 607 год. пр.н.е. како година на уништувањето на Ерусалим, зошто толку многу историчари се држат за 587 год. пр.н.е.? Затоа што се потпираат на два извора на информации — записите на историчарите од класичниот период и канонот на Птолемеј. Дали овие извори се поверодостојни од Светото писмо? Да видиме.

Колку можеме да се потпреме на историчарите од класичниот период?

Историчарите кои живееле во времето кога бил уништен Ерусалим даваат контрадикторни информации за неовавилонските цареви. c (Види ја рамката  „Неовавилонските цареви“.) Хронолошкиот преглед што се темели на нивните информации не се совпаѓа со библиската хронологија. Сепак, дали можеме да имаме доверба во нивните записи?

Еден од историчарите кој живеел најблизу до неовавилонскиот период бил Верозус, вавилонски „свештеник на Ваал“. Неговото оригинално дело, Babyloniaca, напишано некаде околу 281 год. пр.н.е., е изгубено, а зачувани се само извадоци од него во делата на други историчари. Верозус тврдел дека користел „книги кои биле внимателно зачувани во Вавилон“.1 Дали Верозус бил навистина историчар во кој може да се има доверба? Да разгледаме еден пример.

Верозус напишал дека асирскиот цар Сенахирим дошол „на престолот по [својот] брат“, а „по него неговиот син [Есар-Адон царувал] 8 години; потоа Самугес [Шамаш-шум-укин царувал] 21 година“ (III, 2.1, 4). Меѓутоа, според вавилонските документи напишани долго пред времето на Верозус, Сенахирим седнал на престолот по својот татко, Саргон II, а не по својот брат; Есар-Адон владеел 12 години, а не 8; а Шамаш-шум-укин владеел 20 години, а не 21. Изучувачот Р. Џ. ван дер Спек, иако се согласува дека Верозус ја консултирал Вавилонската хроника, напишал: „Тоа не го спречило да додава свои информации и лични толкувања“.2

Што мислат за Верозус другите изучувачи? „Во минатото, Верозус обично се сметал за историчар“, вели С. М. Бурштајн, кој темелно ги истражил делата на Верозус. Сепак, тој заклучил: „Дури и да се смета за историчар, мора да се признае дека неговите дела не се сосема веродостојни. Иако не е целосна, книгата Babyloniaca содржи неверојатно многу грешки кои се многу очигледни... Неприфатливо е еден историчар да направи такви грешки но, на крајот на краиштата, Верозус не ни имал намера да изнесува историски факти“.3

Со оглед на сево ова, што мислиш ти? Треба ли да ги сметаме за точни пресметките на Верозус? А што е со другите историчари од класичниот период кои, во најголем број случаи, ја темелеле својата хронологија на записите на Верозус? Можат ли нивните заклучоци навистина да се сметаат за веродостојни?

Канонот на Птолемеј

Како поткрепа за општоприфатената 587 год. пр.н.е., се користи и канонот на цареви составен од Клавдиј Птолемеј, астроном од 2 век од н.е. Неговиот список на цареви се смета за столб на хронологијата на древната историја, вклучувајќи го и неовавилонскиот период.

Птолемеј го направил својот список околу 600 години по неовавилонскиот период. Тогаш, на кој начин ја утврдил годината кога почнал да владее првиот цар што го навел во списокот? Птолемеј објаснил дека, со помош на астрономски пресметки делумно направени на темел на затемнувањата на Месечината, „одредивме кога почнал да царува Набонасар“, првиот цар од овој список.4 Затоа, Кристофер Вокер од Британскиот музеј вели дека канонот на Птолемеј бил „направен за да им даде на астрономите доследна хронологија“, а „не да им даде на историчарите точен запис за владеењето и смртта на царевите“.5

„Одамна е познато дека овој канон е точен што се однесува до астрономските податоци“, пишува Лео Депаут, еден од најголемите застапници на Птолемеј, „но тоа не значи дека е и историски точен.“ Во врска со овој список на цареви, професор Депаут додава: „Што се однесува до претходните владетели [во кои спаѓале и неовавилонските цареви], канонот треба да се спореди со документите напишани со клинесто писмо за да се одреди времето кога владеел секој цар“.6

Кои се „документите напишани со клинесто писмо“ благодарение на кои можеме да ја одредиме точноста на канонот на Птолемеј? Во нив се вклучени и Вавилонската хроника, списоци на цареви и економски глинени плочки — документи со клинесто писмо кои ги напишале писари што живееле за време на или кратко пред или по неовавилонскиот период.7

Каков е списокот на Птоломеј во однос на извештаите со клинесто писмо? Во рамката  „Канонот на Птолемеј и древните глинени плочки“ (види подолу) е прикажан дел од овој канон спореден со еден древен документ испишан со клинесто писмо. Забележи дека Птолемеј наведува само четири цареви помеѓу вавилонските владетели Кандалану и Набонид. Меѓутоа, Списокот на цареви од Урук — кој е дел од извештаите со клинесто писмо — открива дека во тој период владееле уште седум цареви. Дали нивното царување било кратко и небитно? Според економските глинени плочки испишани со клинесто писмо, едниот од нив владеел седум години.8

Документите со клинесто писмо содржат цврсти докази дека пред царувањето на Набополасар (првиот цар од неовавилонскиот период), во Вавилонија четири години владеел еден друг цар (Ашур-етел-илани). Исто така, подолго од една година во земјата немало цар.9 Сепак, во канонот на Птолемеј не се спомнува ништо од сето тоа.

Зошто Птолемеј не навел некои владетели? Очигледно не ги сметал за законски владетели на Вавилон.10 На пример, не го вклучил Лабаши-Мардук, кој бил неовавилонски цар. Сепак, според документите со клинесто писмо, во Вавилонија навистина владееле и царевите кои Птолемеј не ги спомнал.

Општо земено, канонот на Птолемеј се смета за веродостоен. Но, со оглед на сите пропусти во него, треба ли да се користи за да се утврди точна хронологија?

Заклучок на темел на овие докази

Значи, Библијата јасно покажува дека Израелците биле во изгнанство 70 години. Има цврсти докази — и повеќето изучувачи се согласуваат со нив — дека еврејските изгнаници се вратиле во својата татковина во 537 год. пр.н.е. Броејќи наназад од таа година, доаѓаме до тоа дека Ерусалим бил уништен во 607 год. пр.н.е. Иако историчарите од класичниот период и канонот на Птолемеј не се согласуваат во врска со оваа година, може да се покренат основани прашања за точноста на нивните дела. Всушност, овие два извора на докази не можат да ја побијат библиската хронологија.

Меѓутоа, се поставуваат и други прашања. Дали навистина не постојат историски докази што укажуваат на 607 год. пр.н.е., како што потврдува библиската хронологија? Кои докази ги даваат документите со клинесто писмо, од кои голем број се напишани и од очевидци? Овие прашања ќе ги разгледаме во следното издание.

[Фусноти]

a Во световните извори се спомнуваат и едната и другата година. Заради едноставност, во оваа статија ќе се осврнуваме на 587 год. пр.н.е.“

b Јеховините сведоци имаат направено веродостоен библиски превод познат како Свето писмо — превод Нов свет. Меѓутоа, ако не си Јеховин сведок, можеби повеќе сакаш да користиш и други преводи кога разработуваш различни библиски теми. Во оваа статија се цитирани неколку преводи на Библијата.

c Неовавилонското Царство почнало со царувањето на Набополасар, кој му бил татко на Навуходоносор, а завршило со царувањето на Набонид. Овој временски период е од интерес за научниците бидејќи ги опфаќа речиси сите 70 години во кои Ерусалим бил опустошен.

 [Рамка/слики на страница 28]

ЗНАЧАЈНА ГОДИНА ВО ИСТОРИЈАТА

Годината кога Кир II го освоил Вавилон, 539 пр.н.е., е пресметана на темел на:

Древните историски извори и глинените плочки со клинесто писмо: Диодориј од Сицилија (о. 80-20 пр.н.е.) напишал дека Кир станал цар на Персија „во годината кога започнала педесет и петтата олимпијада“. (Historical Library, книга IX, 21.) Тоа било 560 год. пр.н.е. Грчкиот историчар Херодот (о. 485-425 пр.н.е.) рекол дека Кир бил убиен „откако царувал дваесет и девет години“, што значи дека умрел во својата 30-тата година од своето владеење, 530 год. пр.н.е. (Histories, книга I, Clio, 214) Глинените плочки со клинесто писмо покажуваат дека Кир владеел со Вавилон девет години, сѐ до својата смрт. Значи, девет години пред неговата смрт е 530 год. пр.н.е. Така доаѓаме до сознанието дека Кир го освоил Вавилон во 539 год. пр.н.е.

Потврда од една глинена плочка со клинесто писмо: Една вавилонска астрономска глинена плочка (BM 33066) потврдува дека Кир умрел во 530 год. пр.н.е. Иако оваа глинена плочка содржи некои грешки во врска со положбите на небесните тела, таа содржи и описи на две затемнувања на Месечината, за кои на неа пишува дека се случиле во седмата година од владеењето на Камбис II, синот и наследникот на Кир. Утврдено е дека тие затемнувања на Месечината биле видливи во Вавилон на 16 јули 523 год. пр.н.е. и на 10 јануари 522 год. пр.н.е., што укажува на пролетта 523 год. пр.н.е. како почеток на седмата година од владеењето на Камбис. Тоа покажува дека првата година од неговото царување е 529 пр.н.е. Оттаму произлегува дека последната година е 530 пр.н.е., што значи дека почнал да владее со Вавилон во 539 пр.н.е.

[Извор на слика]

Плочка: © The Trustees of the British Museum

[Рамка на страница 31]

КРАТКО РЕЗИМЕ

▪ Световните историчари обично велат дека Ерусалим бил уништен во 587 год. пр.н.е.

▪ Библиската хронологија јасно покажува дека Ерусалим бил уништен во 607 год. пр.н.е.

▪ Световните историчари главно ги темелат своите заклучоци на списите од историчарите од класичниот период и на канонот на Птолемеј.

▪ Списите на историчарите од класичниот период содржат големи грешки и не се секогаш доследни со записите на глинените плочки.

[Рамка на страница 31]

Белешки

1. Babyloniaca (Chaldaeorum Historiae), книга I, 1.1.

2. Studies in Ancient Near Eastern World View and Society, страница 295.

3. The Babyloniaca of Berossus, страница 8.

4. Almagest, III, 7, преведена од Г. Џ. Томер, во Ptolemy’s Almagest, издадена 1998, страница 166. Птолемеј знаел дека вавилонските астрономи со помош на математички систем успеале да пресметаат кога имало во минатото и кога во иднина ќе дојде до затемнување, бидејќи откриле дека истите затемнувања се појауваваат на секои 18 години (Almagest, IV, 2).

5. Mesopotamia and Iran in the Persian Period, страници 17-18.

6. Journal of Cuneiform Studies, том 47, 1995, страници 106-107.

7. Клинестото писмо е начин на пишување во кој писарот со помош на зашилен клин втиснувал разни знаци на површината од мека глинена плочка.

8. Син-шара-ишкун владеел седум години. Од првата година па се до седмата година од неговото владеење датираат 57 економски глинени плочки. Види во Journal of Cuneiform Studies, том 35, 1983, страници 54-59.

9. Економската глинена плочка C.B.M. 2152 датира од четвртата година од владеењето на Ашур-етел-илани. (Legal and Commercial Transactions Dated in the Assyrian, Neo-Babylonian and Persian Periods—Chiefly From Nippur, од A.T. Clay, 1908, страница 74.) Исто така, и записите на Набонид од Харан, (H1B), колона 1, ред 30, го вбројуваат Ашур-етел-илани пред Набополасар. (Anatolian Studies, Vol. VIII, 1958, pages 35, 47.) За периодот кога немало цареви, види го вториот Летопис, ред 14, од Assyrian and Babylonian Chronicles, страници 87-88.

10. Некои изучувачи тврдат дека одредени цареви биле испуштени од Птолемеј — кој наводно ги набројал само царевите на Вавилон — бидејќи биле нарекувани со титулата „Цар на Асирија“. Меѓутоа, како што можеш да видиш во рамката на страница 30, и некои цареви кои се вклучени во канонот на Птолемеј ја носат титулата „Цар на Асирија“. Економските глинени плочки, извештаите со клинесто писмо и записите јасно ни покажуваат дека царевите Ашур-етел-илани, Син-шуми-лишур и Син-шара-ишкун владееле со Вавилонија.

 [Табела/слика на страница 29]

(Види во публикацијата)

НЕОВАВИЛОНСКИТЕ ЦАРЕВИ

Ако може да им се верува на овие историчари, зошто си противречат во некои работи?

Цареви

Набополасар

ВЕРОЗУС о. 350-270 ПР.Н.Е. (21)

ПОЛИХИСТОР 105-? ПР.Н.Е. (20)

ЈОСИФ 37-?100 Н.Е. (—)

ПТОЛЕМЕЈ о. 100-170 Н.Е. (21)

Навуходоносор II

ВЕРОЗУС о. 350-270 ПР.Н.Е. (43)

ПОЛИХИСТОР 105-? ПР.Н.Е. (43)

ЈОСИФ 37-?100 Н.Е. (43)

ПТОЛЕМЕЈ о. 100-170 Н.Е. (43)

Амел-Мардук

 ВЕРОЗУС о. 350-270 ПР.Н.Е. (2)

ПОЛИХИСТОР 105-? ПР.Н.Е. (12)

ЈОСИФ 37-?100 Н.Е. (18)

ПТОЛЕМЕЈ о. 100-170 Н.Е. (2)

Нериглисар

ВЕРОЗУС о. 350-270 ПР.Н.Е. (4)

ПОЛИХИСТОР 105-? ПР.Н.Е. (4)

ЈОСИФ 37-?100 Н.Е. (40)

ПТОЛЕМЕЈ о. 100-170 Н.Е. (4)

Лабаши-Мардук

ВЕРОЗУС о. 350-270 ПР.Н.Е. (9 месеци)

ПОЛИХИСТОР 105-? ПР.Н.Е. (—)

ЈОСИФ 37-?100 Н.Е. (9 месеци)

ПТОЛЕМЕЈ о. 100-170 Н.Е. (—)

Набонид

ВЕРОЗУС о. 350-270 ПР.Н.Е. (17)

ПОЛИХИСТОР 105-? ПР.Н.Е. (17)

ЈОСИФ 37-?100 Н.Е. (17)

ПТОЛЕМЕЈ о. 100-170 Н.Е. (17)

(#) = Должина на владеење на царевите (во години) според историчарите од класичниот период

[Извор на слика]

Фотографија направена со љубезна дозвола на British Museum

[Табела/слики на страница 30]

(Види во публикацијата)

КАНОНОТ НА ПТОЛЕМЕЈ И ДРЕВНИТЕ ГЛИНЕНИ ПЛОЧКИ

Птолемеј не спомнува некои цареви. Зошто?

КАНОНОТ НА ПТОЛЕМЕЈ

Набонасар

Набу-надин-зери (Надину)

Мукин-зери и Пул

Улулају (Салманасар V) „асирскиот цар“

Меродах-Валадан

Саргон II „асирскиот цар“

Прв период без цареви

Бел-ибни

Ашур-надин-шуми

Нергал-ушезиб

Мушезиб-Мардук

Втор период без цареви

Есар-Адон „асирскиот цар“

Шамаш-шум-укин

Кандалану

Набополасар

Навуходоносор

Амел-Мардук

Нериглисар

Набонид

Кир

Камбис

СПИСОКОТ НА ЦАР УРУК, ИСПИШАН НА ДРЕВНИ ГЛИНЕНИ ПЛОЧКИ

Кандалану

Син-шуму-лишир

Син-шара-ишкун

Набополасар

Навуходоносор

Амел-Мардук

Нериглисар

Лабаши-Мардук

Набонид

[Слика]

Вавилонската хроника е дел од документите со клинесто писмо, кои ни помагаат да ја утврдиме точноста на канонот на Птолемеј

[Извор на слика]

Фотографија направена со љубезна дозвола на British Museum

[Извор на слика на страница 31]

Фотографија направена со љубезна дозвола на British Museum