Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Библијата менува животи

Библијата менува животи

Библијата менува животи

ШТО мотивирало еден коцкар и провалник да прекине со своите пороци и да се промени? Прочитај што има да ни раскаже тој.

„Тркачките коњи ми беа голема страст“ — РИЧАРД СТЈУАРД

РОДЕН: 1965

ЗЕМЈА: ЈАМАЈКА

НЕКОГАШ: КОЦКАР И КРИМИНАЛЕЦ

МОЕТО МИНАТО: Пораснав во еден сиромашен и густо населен дел на Кингстон, главниот град на Јамајка. Владееше голема невработеност и висока стапка на криминал. Луѓето живееја во страв од многуте банди. Речиси секој ден слушав истрели од огнено оружје.

Мојата вредна мајка правеше сѐ за мене и за моите помали брат и сестра. Се потруди да стекнеме добро образование. Учењето не ме влечеше многу, ама тркачките коњи ми беа голема страст. Бегав од часови за да гледам трки со коњи. Научив и да јавам.

Набргу почнав да се обложувам на трките, и тоа ми стана зависност. Живеев неморално и спиев со многу жени. Пушев марихуана и крадев за да дојдам до пари. Имав многу пиштоли, но сега сум среќен што никој не беше убиен во безбројните грабежи во кои учествував.

По некое време, полицијата ме фати и ме пикна в затвор. Откако бев пуштен на слобода, едноставно продолжив онаму каде што застанав. Всушност, станав уште полош од порано. Иако изгледав наивно, бев своеглав, избувлив и суров. Не ми беше гајле за никого освен за себе.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Во текот на овој бурен период од мојот живот, мајка ми почна да ја проучува Библијата и стана Јеховин сведок. Видов убави промени во нејзината личност, и тоа ја разбуди мојата љубопитност. Решив да дознаам зошто толку се смени, па почнав да разговарам со Сведоците за Библијата.

Увидов дека Јеховините сведоци имаат поинакви учења од другите религии и дека сите свои верувања ги темелат на Библијата. Тие беа единствените луѓе за кои знаев дека проповедаат од куќа до куќа, како што правеле и христијаните во првиот век (Матеј 28:19; Дела 20:20). Видов дека покажуваат искрена љубов еден кон друг, и тоа ме увери дека ја пронајдов вистинската религија (Јован 13:35).

Додека ја проучував Библијата, сфатив дека треба да направам крупни промени во животот. Дознав дека Јехова Бог го мрази блудот и дека, ако сакам да му угодам, ќе мора да ги оставам навиките што го валкаат моето тело (2. Коринќаните 7:1; Евреите 13:4). Ме трогна фактот дека Јехова има чувства и дека моите постапки можат или да го повредат или да го израдуваат (Изреки 27:11). Затоа решив да престанам да пушам марихуана и да чувам оружје, како и да направам промени во мојот карактер. Најтешко ми беше да расчистам со неморалот и со коцкањето.

Отпрвин не сакав моите пријатели да знаат дека ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци. Но, тоа се смени кога ги прочитав зборовите од Матеј 10:33, каде што Исус рекол: „Кој ќе се одрече од мене пред луѓето, и јас ќе се одречам од него пред мојот Татко кој е на небесата“. Овие зборови ме поттикнаа да им кажам на пријателите дека проучувам со Сведоците. Тие беа шокирани. Не можеа да поверуваат дека некој како мене би сакал да стане христијанин. Исто така, им кажав и дека веќе расчистив со мојот поранешен начин на живот.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Мајка ми беше пресреќна кога виде дека почнав да живеам според библиските начела. Повеќе не се плаши дека ќе правам лоши работи. Сега често си зборуваме за она што многу нѐ поврзува — нашата љубов кон Јехова. Понекогаш, кога ќе се сетам каков бев, не можам да поверувам какви промени успеав да направам со Божја помош. Потполно исчезна онаа силна желба да водам неморален и материјалистички начин на живот.

Да не ја прифатев библиската вистина, досега или ќе бев мртов или ќе завршев зад решетки. За разлика од тоа, сега имам прекрасно, среќно семејство. Радосен сум што му служам на Јехова Бог заедно со мојата мила сопруга и послушна ќерка. Му благодарам на Јехова што сум меѓу луѓе кои искрено се сакаат, како вистински христијани. А од срце сум благодарен и што некој беше спремен да вложи труд за да ме поучи за Библијата. Затоа, сега и јас ја користам секоја можност да им помагам на другите да дознаат што пишува во Библијата. Неизмерно сум му благодарен на Јехова Бог за тоа што ме привлече кон себе.

[Истакната мисла на страница 11]

„Ме трогна фактот дека Јехова има чувства и дека моите постапки можат или да го повредат или да го израдуваат“

[Слика на страница 11]

Со жена ми и ќерка ми

[Слика на страница 11]

Кај мајка ми видов убави промени