Да ја исполниме нашата должност кон Бог
Приближи му се на Бог
Да ја исполниме нашата должност кон Бог
СИ СЕ ПРАШАЛ ЛИ некогаш која е смислата на животот? Јехова не само што ни дал способност да размислуваме за ова прашање туку ни дал и длабока внатрешна потреба да го дознаеме одговорот. За среќа, нашиот љубезен Бог ни овозможил да го најдеме одговорот, кој се наоѓа во неговата Реч, Библијата. Размисли за зборовите на цар Соломон, запишани во Проповедник 12:13.
Соломон бил во добра положба да ги напише тие зборови. Со право можел да каже што ќе нѐ направи среќни и која е смислата на животот. Бидејќи бил неизмерно мудар, имал огромно богатство и царска власт, можел да ги набљудува луѓето и да забележи околу што им се врти животот и колку им е важно да стекнат богатство и углед (Проповедник 2:4-9; 4:4). Потоа, вдахновен од Бог, го запишал она што го увидел: „Заклучокот на сето она што го чу е: бој се од вистинскиот Бог и држи ги неговите заповеди. Зашто, тоа е целата должност на човекот“. Овие зборови покажуваат што му дава најголема вредност и смисла на животот.
„Бој се од вистинскиот Бог.“ Можеби на прв поглед идејата да се плашиш од Бог баш и не ти изгледа привлечна. Но, стравот од Бог е корисен. Тоа не е страв каков што чувствува еден роб кој е преплашен да не го разлути својот суров господар, туку страв каков што чувствува едно дете кое не сака да го разочара својот татко. Една книга вели дека стравот од Бог е „страхопочит што неговиот народ ја покажува затоа што го сака и затоа што ја почитува неговата моќ и доброта“. Таа страхопочит нѐ поттикнува да живееме според Божјите барања затоа што го сакаме и затоа што знаеме дека и тој нѐ сака нас. Ваквиот страв не е само чувство, туку се покажува со дела. Како?
„Држи ги неговите заповеди.“ Стравот од Бог нѐ поттикнува да му бидеме послушни. И логично е да му бидеме послушни. Бидејќи тој нѐ создал, знае кој е најдобриот начин на живот за нас, исто како што еден производител најдобро знае како треба да се користи неговиот производ. Освен тоа, Јехова ни го мисли најдоброто. Тој сака да бидеме среќни, и она што го бара од нас е за наше добро (Исаија 48:17). Како што рекол апостол Јован: „Љубовта кон Бог значи да се држат неговите заповеди, а неговите заповеди не се тешки“ (1. Јованово 5:3). Кога сме му послушни на Бог, покажуваме дека го сакаме, а заповедите што ни ги дал ни покажуваат дека и тој нѐ сака нас.
„Тоа е целата должност на човекот.“ Овие зборови откриваат една важна причина зошто да се плашиме од Бог и да му бидеме послушни. Тоа е наша обврска. Јехова е нашиот Творец, што значи дека постоиме благодарение на него (Псалм 36:9). Освен тоа, должни сме да му бидеме послушни. Кога живееме онака како што тој бара од нас, само си ја исполнуваме должноста.
Значи, која е смислата на животот? Едноставно кажано, постоиме за да ја вршиме Божјата волја. Ништо друго нема да му даде вистинска смисла на нашиот живот. Зошто не дознаеш нешто повеќе за Јеховината волја и за тоа како да живееш во склад со неа? Јеховините сведоци со задоволство ќе ти помогнат во тоа.
Читање на Библијата во ноември:
◼ Изреки 22—31; Проповедник 1-12 — Песна над песните 1—8