Како нѐ штитат Божјите закони?
Учи од Божјата Реч
Како нѐ штитат Божјите закони?
Во оваа статија се разгледани прашања за кои можеби си размислувал. Таа ќе ти покаже каде можеш да го најдеш одговорот во твојата Библија. На Јеховините сведоци ќе им биде мило да разговараат со тебе за овие прашања.
1. Зошто треба да го слушаме Бог?
Бог е тој што нѐ создал — затоа е логично да му бидеме послушни. Дури и Исус секогаш му бил послушен на Бог (Јован 6:38; Откровение 4:11). Божјите закони ни даваат можност да покажеме дека го сакаме. (Прочитај 1. Јованово 5:3.)
Сите закони што ги дал Јехова Бог се за наше добро. Тие ни покажуваат кој е најдобриот начин на живот сега и како можеме да имаме вечен живот во иднина. (Прочитај Псалм 19:7, 11; Исаија 48:17, 18.)
2. Какви користи во поглед на здравјето имаме од Божјите закони?
Божјиот закон против пијанството нѐ штити од смртоносни болести и од несреќи. Прекумерното пиење создава зависност и води до неразумно однесување (Изреки 23:20, 29, 30). Јехова ни дозволува да пиеме алкохол, но во умерени количини. (Прочитај Псалм 104:15; 1. Коринќаните 6:10.)
Исто така, Јехова нѐ предупредува да не бидеме љубоморни, да се совладуваме кога сме лути и да не покажуваме други лоши особини. Колку повеќе ги применуваме неговите совети толку подобро здравје ќе имаме. (Прочитај Изреки 14:30; 22:24, 25.)
3. Како може да нѐ заштити Божјиот закон?
Божјиот закон забранува полови односи надвор од бракот (Евреите 13:4). Брачните парови што живеат според овој закон се чувствуваат посигурни и создаваат здрава семејна средина за своите деца. Од друга страна, половите односи надвор од бракот често може да водат до болести, разводи, насилство, емоционални трауми и семејства со еден родител. (Прочитај Изреки 5:1-9.)
Ако ги избегнуваме ситуациите кои може да доведат до вонбрачни полови односи, ќе си го зачуваме пријателството со Бог. Исто така, нема да им наштетиме на другите. (Прочитај 1. Солуњаните 4:3-6.)
4. Како нѐ штити тоа што го цениме животот?
Луѓето што го ценат животот како дар од Бог си го чуваат здравјето со тоа што ги оставаат штетните навики, како што е пушењето (2. Коринќаните 7:1). За Бог е скапоцен и животот на едно неродено бебе (2. Мојсеева 21:22, 23). Затоа, не смееме намерно да го прекинеме животот на нероденото дете. Исто така, оние што го ценат животот како дар од Бог, ги преземаат сите потребни мерки на безбедност на работното место, дома и во автомобилот (5. Мојсеева 22:8). Освен тоа, не учествуваат во спортови кои им го загрозуваат животот. (Прочитај Псалм 36:9.)
5. Како ни користи тоа што ја сметаме крвта за света?
Крвта е света затоа што Бог рекол дека таа го претставува животот, или душата, на едно суштество (1. Мојсеева 9:3, 4). Според Божјиот закон, крвта има еднаква вредност како животот. Врз основа на тој закон, Бог овозможил да ни бидат простени гревовите. (Прочитај 3. Мојсеева 17:11-13; Евреите 9:22.)
Како го направил тоа? Го испратил својот Син на Земјата за да нѐ откупи со својата крв. Крвта на Исус има посебна вредност затоа што тој бил совршен. Исус му ја принел на Бог својата крв, која го претставувала неговиот живот (Евреите 9:12). Неговата пролеана крв ни овозможува да живееме вечно. (Прочитај Матеј 26:28; Јован 3:16.)
Нешто повеќе можеш да прочиташ во 12. и 13. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци