Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Божјето име и желбата на Алфонсо де Замора за точен текст на Библијата

Божјето име и желбата на Алфонсо де Замора за точен текст на Библијата

Божјето име и желбата на Алфонсо де Замора за точен текст на Библијата

ВО 1492 год., Фердинанд и Изабела, кои владееле со Шпанија, го издале следниов проглас: „Наредуваме сите Евреи и Еврејки... до крајот на јули оваа година да го напуштат нашето царство и сите негови територии заедно со своите синови и ќерки, слуги и слугинки, како и еврејски роднини без оглед на нивната положба и возраст, и да не се осмелат да се вратат“.

Кога била издадена ваквата наредба за протерување, на секое еврејско семејство во Шпанија му бил даден избор или да ја напушти земјата или да се откаже од својата вера. Рабинот Хуан де Замора веројатно сметал дека ќе биде подобро да се преобрати во католицизмот и да остане во Шпанија, каде што со генерации живееле неговите предци. Можеби поради своето еврејско потекло, Хуан го пратил својот син Алфонсо во прочуеното училиште за изучување на хебрејски јазик во градот Замора. Подоцна, Алфонсо научил и латински, грчки и арамејски. Откако завршил со студиите, почнал да предава хебрејски на Универзитетот во Саламанка. По кратко време, неговото познавање на странски јазици можеле добро да го искористат библиските изучувачи низ цела Европа.

Во 1512 год., новиот универзитет во Алкала де Хенарес го избрал Алфонсо де Замора за професор на катедрата по хебрејски студии. Бидејќи Замора бил еден од најистакнатите учени луѓе во тоа време, кардиналот Хименез де Сиснерос, кој бил основач на универзитетот, побарал од него помош во подготовката на монументалното дело Complutensian Polyglot. Оваа Библија во шест тома го содржи светиот текст на хебрејски, грчки и латински јазик, како и делови на арамејски јазик. *

Во врска со овој проект, библискиот изучувач Мариано Ревиља Рико вели: „Од тројцата еврејски преобратеници кои работеле на делото на кардиналот [Сиснерос], најмногу се истакнува Алфонсо де Замора — граматичар, филозоф и одличен познавач на Талмудот, а освен тоа знаел и латински, грчки, хебрејски и арамејски јазик“. Додека студирал, Замора сфатил дека, за да се направи точен превод на Библијата, треба темелно да се познаваат изворните јазици. Всушност, тој бил во првите редови на оние што се залагале за будење на интересот на луѓето за читање и изучување на Библијата — движење кое почнало да зема замав во почетокот на 16 век.

Сепак, Замора живеел во опасно време и на опасно место за подигање на свесноста на луѓето за вредноста на Библијата. Шпанската инквизиција била во полн ек, а Католичката црква ја признавала само латинската Вулгата како „одобрен“ превод на Библијата. Меѓутоа, уште во Средниот век, католичките изучувачи забележале дека латинскиот текст на Вулгатата бил далеку од совршен. Во почетокот на 16 век, Алфонсо де Замора и други изучувачи решиле да направат нешто во врска со тоа.

Превод потребен за спасение

Од проектите на кои работел Замора, без сомнение најзначајно било хебрејското издание на таканаречениот Стар завет, како и неговиот соодветен превод на латински јазик. Веројатно Замора имал намера тие обемно да се користат за делото Complutensian Polyglot, кое било во план. Еден од ракописите на Замора се наоѓа во библиотеката Ел Ескоријал во близината на Мадрид. Заведен во каталогот како G-I-4, тој ја содржи комплетната книга 1. Мојсеева на хебрејски јазик, како и интерлинеарен, односно буквален превод на латински.

Во предговорот стои следново: „За да се спаси народот потребно е Светото писмо да се преведе на други јазици... Сфативме дека е... неопходно верниците да имаат буквален превод на Библијата, во кој за секој хебрејски збор ќе има соодветен латински збор“. Бидејќи Алфонсо де Замора бил признат стручњак по хебрејски јазик, тој бил вистинскиот човек за да направи еден таков нов превод на латински.

‚Не можам да најдам мирно место за душата‘

Во извесни аспекти, Шпанија во 16 век била идеално место за изучувачите како Замора. Во Средниот век таа станала центар на еврејската култура. Во една енциклопедија пишува: „Со своето многубројно муслиманско и еврејско население, средновековна Шпанија била единствената земја во западна Европа во која живееле луѓе од многу народи и религии. На ова се должи голем дел од развојот на шпанската цивилизација на полето на религијата, литературата, уметноста и архитектурата кон крајот на Средниот век“ (Encyclopædia Britannica).

Бидејќи во Шпанија имало многу Евреи, лесно можело да се дојде до хебрејски ракописи на Библијата. Еврејските книжници во многу делови на Шпанија макотрпно ги препишувале тие ракописи за да се користат за јавно читање на Светото писмо во синагогите. Во една своја книга, Л. Голдшмит пишува дека „меѓу еврејските изучувачи биле високо ценети како точни не само шпанско-португалските примероци на петте Мојсееви книги туку и ракописите од кои биле препишани тие и повеќејазичните Библии што се користеле на универзитетите“ (The Earliest Editions of the Hebrew Bible).

Меѓутоа, и покрај тоа што во Шпанија владеела поволна клима за некои дејности, врз идните преведувачи на Библијата демнела голема опасност од противење. Во 1492 год., католичките војски на цар Фердинанд и царицата Изабела ја освоиле и последната маварска територија во Шпанија. Како што веќе спомнавме, истата година овие двајца владетели наредиле да бидат протерани од Шпанија сите што немало да се откажат од еврејската религија. Со сличен проглас биле протерани и муслиманите десет години подоцна. Оттогаш, во Шпанија католицизмот станал државна религија и била забранета секоја друга вера.

Како овие нови струења во религијата се одразиле врз преведувањето на Библијата? Тоа се гледа од она што се случило со Алфонсо де Замора. Иако овој образован Евреин станал католик, шпанските верски водачи не сакале да преминат преку неговото потекло. Некои противници го критикувале кардиналот Сиснерос што ја користел стручноста на еврејските преобратеници додека ја подготвувал својата Повеќејазична Библија. Ваквиот отпор му задавал многу јадови на Замора. Во еден коментар од еден негов ракопис кој се наоѓа во Универзитетот во Мадрид, Замора се жали: „Јас... напуштен и омразен од сите мои пријатели — кои ми станаа непријатели — не можам да најдам мирно место ниту за душата ниту за телото“.

Еден од неговите најголеми непријатели бил Хуан Тавера, надбискупот на Толедо, кој подоцна бил поставен на положба на главен инквизитор. Замора паднал во толкав очај од нападите на Тавера што дури му се обратил на папата. Во своето писмо, меѓу другото, напишал: „Ја молиме и ја преколнуваме Вашата Светост да ни помогне... и да нѐ зачува од нашиот непријател, бискупот од Толедо, Дон Хуан Тавера. Секој ден, без исклучок, тој ни задава многубројни непријатности... Многу ни е тешко бидејќи во негови очи сме како животни за во кланица... Ако Вашата Светост ја уважи оваа молба, ‚Јахве ќе биде вашата поткрепа и нема да дозволи вашата нога да се сопне‘ (Изр. 3:23).“ *

Што оставил зад себе Алфонсо де Замора

И покрај ваквите напади, Замора продолжил со работа и успеал во своето дело, од кое подоцна имале корист многу луѓе што ја проучувале Библијата. Иако никогаш не го превел Светото писмо на некој од јазиците што ги зборувал обичниот народ во тоа време, тој им направил непроценлива услуга на други преведувачи. За да сфатиме колкав е неговиот придонес, треба да имаме на ум дека преведувањето на Библијата секогаш зависи од два типа стручни лица. Прво, некои изучувачи треба темелно да ги простудираат оригиналните примероци на библискиот текст на изворните јазици — хебрејскиот, арамејскиот и грчкиот — за да направат еден осовременет и точен текст на тие јазици. Потоа, преведувачот може да го користи тој текст како основа за превод на јазик на кој зборува народот.

Алфонсо де Замора бил главниот изучувач кој го подготвувал и осовременувал хебрејскиот текст, кој подоцна бил објавен во делото Complutensian Polygot издадено во 1522 год. (Работата на преведувачите многу ја олесниле и неговиот хебрејско-латински речник и хебрејската граматика, кои биле објавени во состав на истото дело.) Еразмо, кој му бил современик на Замора, го направил истото со Христијанските грчки списи, наречени и Нов завет. Штом биле на располагање тие осовременети текстови на хебрејски и на грчки јазик, другите преведувачи можеле да почнат со својата многу важна работа — да ја преведат Библијата на јазикот на обичниот народ. Кога ја преведувал Библијата на англиски, Вилијам Тиндејл бил еден од првите преведувачи што го користел хебрејскиот текст од Complutensian Polygot.

Тоа што денес Библијата е толку раширена е соодветна награда за луѓето како Замора, кои го посветиле својот живот за да можеме и ние да го продлабочиме нашето познавање на Светото писмо. Како што сфатил и самиот Замора, луѓето ќе се спасат само ако ја разберат Божјата Реч и ако живеат според неа (Јован 17:3). Затоа, Библијата треба да биде преведена на разбирлив јазик, бидејќи само така нејзината порака ќе го допре срцето и умот на милиони луѓе.

[Фусноти]

^ Нешто повеќе за значењето на делото Complutensian Polyglot можеш да прочиташ во Стражарска кула од 15 април 2004, на страници 28-31.

^ Интересно е тоа што, кога му пишал на папата во Рим, Замора го употребил Божјето име, а не некоја титула. Во еден шпански превод на молбата на Замора, името гласи „Јахвех“. Не е сигурно во кој облик било напишано на оригиналниот латински јазик. Нешто повеќе за тоа дека Замора го користел Божјето име можеш да прочиташ во рамката „Го превел Божјето име“, на страница 19.

[Рамка/слики на страница 19]

Го превел Божјето име

Од посебно значење е тоа што Алфонсо де Замора, кој бил образован човек со еврејско потекло, го транскрибирал Божјето име. Како што се гледа на оваа фотографија, една белешка на маргините во неговиот хебрејско-латински интерлинеарен превод на 1. Мојсеева го содржи Божјето име во обликот „јеховах“.

Очигледно е дека Замора го прифатил овој превод на Божјето име на латински јазик. Во 16 век, кога Библијата била преведувана на главните европски јазици, многу преведувачи го прифатиле овој или еден многу сличен облик. Некои од тие преведувачи биле Вилијам Тиндејл (англиски, 1530), Себастијан Минстер (латински, 1534), Пјер-Робер Оливетан (француски, 1535) и Касиодоро де Реина (шпански, 1569).

Значи, Замора станал еден од првите изучувачи на Библијата во 16 век кои помогнале да се обелодени Божјето име. Божјето име почнало да паѓа во заборав кога Евреите престанале да го изговараат од суеверие. Под влијание на ваквата еврејска традиција, библиските преведувачи од христијанскиот свет — како што бил Ероним, кој ја превел латинската Вулгата — го замениле Божјето име со термини како „Господ“ или „Бог“.

[Слика]

Зголемена снимка на хебрејскиот тетраграм, кој Замора го превел како „Јеховах“

[Слика на страница 18]

Прогласот што го издале кралот и кралицата на Шпанија, 1492

[Извор на слика]

Проглас: Со љубезна дозвола на Archivo Histórico Provincial Ávila Spain

[Слика на страница 18]

Универзитетот Алкала де Хенарес

[Слика на страница 21]

Внатрешната страна од корицата на интерлинеарниот превод на Замора