Дали Бог нѐ казнува?
Дали Бог нѐ казнува?
„Мислам дека ова е тембацу (Божја казна), иако ми е жал за жртвите“, изјави еден јапонски политичар откако во март 2011 год. неговата земја ја погоди земјотрес со јачина од 9 степени по Рихтеровата скала, по кој следеше и цунами.
Кога во јануари 2010 год. повеќе од 220.000 луѓе го загубија животот во земјотресот на Хаити, еден влијателен свештеник тврдеше дека тоа се случило затоа што народот „склучил пакт со Ѓаволот“ и поради тоа требало „да му се врати на Бог“.
„Бог сака да ја разбуди нашата затапена и бесчувствителна совест“, рече еден католички свештеник кога 79 души загинаа во човечко стампедо во Манила (Филипини). Во еден локален весник пишуваше дека „дваесет и еден отсто од возрасното население верува дека Бог го истура својот гнев предизвикувајќи ги лизгањето на земјиштето, тајфуните и другите природни катастрофи“ кои често ја погодуваат оваа земја.
ВЕРУВАЊЕТО дека Бог ги предизвикува катастрофите за да ги казни лошите луѓе не е ништо ново. Во 1755 год., откако Лисабон (Португалија) беше погоден од земјотрес, пожар и цунами кои однесоа околу 60.000 животи, прочуениот филозоф Волтер прашал: „Дали во уништениот Лисабон имаше повеќе пороци отколку во развратниот Париз?“ Всушност, во главата на милиони луѓе се поставува прашањето дали Бог навистина се служи со природни катастрофи за да ги казни луѓето. Во многу земји таквите непогоди дури и се нарекуваат Божје дело.
Со оглед на сето тоа, на место е прашањето: Дали Бог навистина се служи со природни катастрофи за да ги казни луѓето? Дали неодамнешниот бран од катастрофи е казна од Бог?
Како потврда дека Бог е виновен, некои посочуваат на библиските извештаи од кои се гледа дека во минатото Бог го предизвикал уништувањето на некои места користејќи ги природните сили (1. Мојсеева 7:17-22; 18:20; 19:24, 25; 4. Мојсеева 16:31-35). Меѓутоа, ако ги испиташ овие извештаи, ќе видиш дека има три фактори што прават голема разлика. Прво, пред секое уништување било дадено предупредување. Второ, за разлика од денешните катастрофи во кои гинат и добри и лоши луѓе, кога Бог уништувал не било така. Гинеле само оние што биле непоправливо злобни или оние што не сакале да ги послушаат предупредувањата. Трето, Бог кажувал како да се спасат недолжните луѓе (1. Мојсеева 7:1, 23; 19:15-17; 4. Мојсеева 16:23-27).
Значи, Бог не е виновен за безбројните катастрофи кои внеле хаос во животот на милиони луѓе денес. Тогаш, на што се должи сѐ поголемиот број такви непогоди? Што да правиме ако некоја нѐ снајде и нас? Дали ќе дојде време кога повеќе нема да има катастрофи? Одговорот на овие прашања се наоѓа во следните статии.