Дали сте знаеле?
Дали сте знаеле?
Каков бил ‚светлоцрвениот материјал‘ што често се спомнува во 2. Мојсеева?
▪ Според библискиот извештај, парчињата шаторско платно од кои биле направени ѕидовите и влезот на светиот шатор во кој сиот израелски народ доаѓал да му се поклони на Бог, се изработувале од „сина преѓа, од црвеникаво-виолетова волна, од светлоцрвен материјал и од фино испреден лен“ (2. Мојсеева 26:1; 38:18). И ‚светата одежда‘ на свештениците требало да се направи од „светлоцрвен материјал“ (2. Мојсеева 28:1-6).
Светлоцрвената боја, позната и како кермес, содржела во себе нијанси на црвена, односно скерлетна боја. Таа се добивала од телата на женките од инсектите на фамилијата на штитни вошки. Овие инсекти немаат крилја и живеат на дрвјата наречени Кермес даб (Quercus coccifera), кои растат на Блискиот Исток и на брегот на Средоземното Море. Скерлетната боја се наоѓа во јајцата што женката ги носи во своето тело. Во таа фаза од развојот, овој инсект личи на топче со големина на зрно грашок кое е прикачено на листовите и гранчињата на ова дрво. Откако внимателно ќе се одберат и ќе се смачкаат, овие инсекти испуштаат изразито црвена боја, која се раствора во вода и може да се користи за бојадисување на ткаенините. Римскиот историчар Плиниј Постариот ја вброил светлоцрвената боја меѓу боите што најмногу се ценеле во негово време.
Кои од писателите на Христијанските грчки списи биле присутни на Педесетница 33 год. од н.е.?
▪ Можно е од осумте мажи кои го напишале овој дел од Светото писмо на настанот да присуствувале шестмина.
Според извештајот од Дела, Исус им заповедал на своите ученици: „Не заминувајте од Ерусалим, туку чекајте го она што го вети Таткото“ (Дела 1:4). Истиот извештај ни открива дека Матеј, Јован и Петар, кои подоцна напишале делови од Библијата, ја послушале оваа заповед и се собрале „на исто место“ со другите ученици. Таму биле и полубраќата на Исус (Дела 1:12-14; 2:1-4). Двајца од нив, Јаков и Јуда, подоцна напишале две библиски книги кои ги носат нивните имиња (Матеј 13:55; Јаков 1:1; Јуда 1).
Во своето евангелие, Марко зборува за еден млад човек кој побегнал ноќта кога бил уапсен Исус. По сѐ изгледа тоа бил самиот тој, бидејќи сите други ученици веќе го напуштиле Исус (Марко 14:50-52). Според тоа, Марко најверојатно бил еден од првите ученици и бил присутен на Педесетница.
Другите двајца писатели на Христијанските грчки списи биле Павле и Лука. На Педесетница 33 год. од н.е., Павле сѐ уште не бил ученик на Христос (Галатите 1:17, 18). Изгледа дека не бил присутен ни Лука, бидејќи не се вброил себеси меѓу оние што биле „очевидци“ на настаните од Исусовата служба (Лука 1:1-3).
[Слика на страница 22]
Инсектите од кои се добива бојата
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на SDC Colour Experience (www.sdc.org.uk)
[Слика на страница 22]
Говорот на Петар на педесетница 33 год. од н.е.