Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кој може да ги толкува пророштвата?

Кој може да ги толкува пророштвата?

Кој може да ги толкува пророштвата?

Се вели дека Гордиевиот јазол бил најголемата загатка во времето на Александар Велики. Само мудрец и голем освојувач можел да го отплетка тој замрсен јазол. * Легендата вели дека Александар ја решил загатката со еден удар на својот меч.

НИЗ ВЕКОВИТЕ, мудри луѓе се обидувале не само да одврзат сложено заплеткани јазли туку и да решаваат загатки, да толкуваат пророштва, па дури и да ја предвидуваат иднината.

Меѓутоа, овие работи најчесто не биле во нивна моќ. На пример, мудреците во Вавилон не можеле да го откријат значењето на ракописот кој на чуден начин се појавил на ѕидот на палатата на цар Валтазар за време на една богата гозба. Само Даниел — остарениот пророк на Јехова Бог, кој бил познат како човек што ‚размрсува замрсени работи‘ — можел да го објасни значењето на таа пророчка порака (Даниел 5:12). Тоа пророштво за падот на Вавилонското Царство се исполнило истата ноќ! (Даниел 5:1, 4-8, 25-30).

Што е пророштво?

Пророштвото е однапред откриена иднина, настани запишани пред да се случат. Вистинското пророштво е порака од Бог, било напишана било изговорена, преку која тој ја открива својата волја и намера. Во Библијата има пророштва во врска со тоа кога требало да дојде Месијата и кој ќе бил тој, пророштва за „свршетокот на овој поредок“, како и пресуди од Бог (Матеј 24:3; Даниел 9:25).

Денешните „мудреци“ — експертите на полето на науката, економијата, медицината, политиката, животната средина и на многу други полиња — се обидуваат да ја предвидат иднината. Иако за многу нивни предвидувања наголемо се известува во медиумите и јавноста желно ги прифаќа, тие се, во најдобар случај, само стручни претпоставки и лични мислења. Освен тоа, за секое изнесено мислење има безброј спротивни мислења и противаргументи. Навистина е ризично да се предвидува иднината.

Од каде доаѓаат вистинските пророштва

Од каде доаѓаат вистинските пророштва, и кој може да ги протолкува? Апостол Петар напишал: „Ниедно пророштво во Писмото не може да се толкува како кој сака“ (2. Петрово 1:20, Превод на д-р Д. Х. Константинов). Грчкиот збор преведен со „толкува“ има значење „решава, открива“, и ја пренесува мислата дека „она што е разрешено или разврзано, претходно било врзано“. Затоа, во една Библија овој израз е преведен со зборот „разврзува“.

Замисли си еден морнар кој зема јаже и вешто го врзува во комплициран јазол. Обичниот патник може да ги види нишките што се испреплетуваат во јазолот, но не знае да го одврзе. Слично на тоа, луѓето гледаат дека денешните настани водат до голем заплет, но не знаат како ќе заврши сето тоа, односно каква ќе биде разврската.

Пророците од минатото, како што бил Даниел, не ги анализирале настаните што се случувале за да се обидат да разоткријат што сѐ носи иднината и да го кажат тоа како пророштво. Ако се обидувале да наместат настаните да течат како што прорекле, таквото пророкување би било само плод на нивната фантазија, односно човечка претпоставка темелена на погрешна основа. За разлика од тоа, Петар објаснил: „Пророштво никогаш не било изречено по човечка волја, туку луѓето ги кажуваа зборовите што доаѓаа од Бог така како што ги водеше светиот дух“ (2. Петрово 1:21).

‚Бог е тој што толкува‘

Пред околу 3.700 години, двајца луѓе биле ставени во затвор во Египет. Секој од нив сонил загадочен сон. Бидејќи не можеле да дојдат до мудреците на нивната земја, за својата недоумица му кажале на еден друг затвореник, Јосиф: „Секој од нас сони сон, а нема кој да ни ги протолкува“. Јосиф, кој бил Божји слуга, ги замолил да му ги раскажат своите соништа и им рекол: „Зарем не е Бог тој што ги толкува соништата?“ (1. Мојсеева 40:8). Само Јехова Бог може да го открие значењето на пророштвата, исто како што само искусниот морнар може да ги одврзе замрсените јазли. На крајот на краиштата, Бог е тој од кого доаѓаат пророштвата. Затоа, логично е и значењето да го бараме од него. Јосиф бил потполно во право што заслугата за толкувањата му ја припишал на Бог.

Тогаш, како Бог ги толкува пророштвата? На неколку начини. На пример, некои библиски пророштва се запишани заедно со нивното исполнување. Затоа е прилично лесно да се протолкуваат, исто како што некои јазли можат лесно да се одврзат откако морнарот ќе објасни како се прави тоа (1. Мојсеева 18:14; 21:2).

Други пророштва може да се објаснат и да се протолкуваат само ако се земе предвид целиот контекст. Пророкот Даниел имал видение во кое еден овен со два рога бил соборен од еден рунтав јарец што имал голем рог меѓу очите. Контекстот покажува дека овенот со два рога ги претставувал „царевите на Медија и Персија“, а јарецот го претставувал „царот на Грција“ (Даниел 8:3-8, 20-22). Повеќе од 200 години подоцна, „големиот рог“ — Александар Велики — почнал да ја освојува Персија. Еврејскиот историчар Јосиф тврдел дека кога Александар бил во воен поход во близината на Ерусалим му го покажале ова пророштво и тој поверувал дека се однесува на него.

Бог ги толкува пророштвата и на еден друг начин. Воден од светиот дух, Јосиф можел да го разбере значењето на загадочните соништа што му ги раскажале двајцата затвореници (1. Мојсеева 41:38). Кога Божјите слуги денес не се сигурни за значењето на некое пророштво, се молат за Божјиот дух и внимателно ја проучуваат и темелно ја истражуваат вдахновената Божја Реч. Бог ги води да ги пронајдат стиховите што го разјаснуваат значењето на некои пророштва. Толкувањето не доаѓа со чудо преку некој човек, туку доаѓа од Бог затоа што значењето станува јасно само со помош на неговиот свет дух и неговата Реч. Ниеден Божји слуга не дава толкување на своја рака, независно од Библијата (Дела 15:12-21).

Бог ги толкува пророштвата и на тој начин што одредува во кое време неговите верни слуги на Земјата ќе разберат некое пророштво. Значењето може да се разбере пред да се исполни, додека се исполнува или, пак, откако ќе се исполни пророштвото. Бидејќи Бог ги дал пророштвата, тој ќе го открие нивното значење во свое време.

Јосиф им ги протолкувал соништата на двајцата затвореници три дена пред да се исполнат (1. Мојсеева 40:13, 19). Подоцна, кога бил изведен пред моќниот фараон за да ги протолкува и неговите соништа, допрва требало да започнат седум години на изобилство. Со помош на Божјиот дух, Јосиф му го кажал на фараонот значењето на соништата за потоа да може да се собере родот од проречените богати жетви (1. Мојсеева 41:29, 39, 40).

За некои пророштва, Божјите слуги стекнуваат целосно разбирање дури по нивното исполнување. Многу настани од животот на Исус биле проречени со векови пред неговото раѓање, но неговите ученици ги разбрале потполно дури по неговото воскресение (Псалм 22:18; 34:20; Јован 19:24, 36). А како што пишува во Даниел 12:4, некои пророштва требало да останат ‚запечатени‘ „до времето на крајот“, кога, како што рекол Даниел, „вистинското знаење ќе се умножи“. Ние живееме во времето кога овие пророштва се исполнуваат пред наши очи. *

Библиските пророштва и ти

Јосиф и Даниел стоеле пред владетелите од нивно време и им пренеле пророчки пораки кои ја одредиле иднината на цели народи и царства. Христијаните во првиот век оделе кај луѓето како претставници на Јехова, Богот кој ја прорекува иднината. Оние што ја прифатиле нивната порака имале голема корист.

Денес, и Јеховините сведоци низ целиот свет објавуваат една пророчка порака — добрата вест за Божјето Царство — и им кажуваат на луѓето дека се исполнува Исусовото пророштво за „свршетокот на овој поредок“ (Матеј 24:3, 14). Знаеш ли кое е тоа пророштво и каква врска има со тебе? Јеховините сведоци со задоволство ќе ти помогнат да разбереш едно од најпрекрасните библиски пророштва, чие исполнување можеш да го доживееш и ти.

[Фусноти]

^ Според грчката легенда, Гордиј, основачот на главниот град на Фригија, ја врзал својата бојна кола за кол со многу замрсен јазол, кој ќе можел да го одврзе само идниот освојувач на Азија.

^ Види ги уводните статии од изданието од 1 мај 2011, кое носи наслов „Шест библиски пророштва што се исполнуваат пред твои очи“.

[Слики на страници 12 и 13]

Јосиф и Даниел му ја припишале на Бог заслугата за толкувањето на пророштвата