Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приближи му се на Бог

„Јас, Јехова, твојот Бог, те држам за десницата“

„Јас, Јехова, твојот Бог, те држам за десницата“

„ФАТИ МЕ за рака“, му вели таткото на своето синче пред да преминат една прометна улица. Кога со прстенцата цврсто ја држи татковата силна рака, детето се чувствува сигурно и не се плаши од ништо. Дали некогаш и ти си посакал некој да те фати за рака и да те води низ секоја неизвесност што ја носи животот? Тогаш, сигурно ќе те утешат зборовите што ги запишал Исаија. (Прочитај Исаија 41:10, 13.)

Исаија им ги упатил овие зборови на Израелците. Иако Бог ги сметал за своја ‚најмила сопственост‘, тие биле опкружени со непријатели од сите страни (2. Мојсеева 19:5). Дали Израелците имале причина да се плашат? Преку пророкот Исаија, Јехова им пренел една утешна порака. Да ги разгледаме тие зборови и да видиме што значат и за нас денес (Римјаните 15:4).

„Не плаши се“, ги охрабрил Јехова (стих 10). Ова не биле само празни зборови. Јехова објаснил зошто неговиот народ не требало да се плаши: „Зашто јас сум со тебе“. Тој не е некоја далечна личност која ветува дека ќе пристигне навреме за да помогне само кога некој е во мака. Сака неговите слуги да знаат дека тој е со нив постојано — како да стои до нив — спремен да ги охрабри во секој момент. Зар тоа не е утешно?

За уште повеќе да ги охрабри своите слуги, Јехова рекол: „Не свртувај се плашливо“ (стих 10). Хебрејскиот глагол што е употребен овде може да се однесува на оние што „се вртат во сите правци за да проверат дали им се заканува некаква опасност“. Јехова објаснил зошто немало потреба неговиот народ исплашено да гледа околу себе: „Зашто јас сум твојот Бог“. Има ли поутешна мисла од оваа? Јехова е ‚Севишен‘ и ‚Семоќен‘ (Псалм 91:1). Зар требало да се плашат кога семоќниот Јехова бил нивни Бог?

Што можат да очекуваат оние што го сакаат Јехова? Тој ветува: „Ќе те потпрам со мојата праведна десница“ (стих 10). Потоа вели: „Јас, Јехова, твојот Бог, те држам за десницата“ (стих 13). На што помислуваш кога ќе ги чуеш овие зборови? „Овие два стиха ни доловуваат прекрасна слика на еден родител и дете“, пишува во една книга. „[Таткото] не е само во близина на детето за да го брани ако затреба туку дословно го држи за рака и нема да дозволи ништо да го оттргне од него.“ Замисли си — Јехова нема да дозволи некој или нешто да го одвои од оние што му служат, дури ни во најтешките моменти од нивниот живот (Евреите 13:5, 6).

Денес, Јеховините слуги можат да најдат огромна утеха во зборовите што ги запишал Исаија. Во овие „особено тешки времиња“, можеби понекогаш ќе се чувствуваме како од сите страни да нѐ притискаат проблеми (2. Тимотеј 3:1). Но, не мора да минуваме низ проблемите сами. Јехова е спремен да нѐ фати за рака. Како едно детенце својот татко, и ние можеме да ја држиме неговата цврста рака, уверени дека ќе нѐ води во исправен правец и дека ќе ни помага секогаш кога ќе ни биде потребно (Псалм 63:7, 8).

Читање на Библијата во Јануари:

Исаија 24-42