Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Кој бил персискиот цар Ахасвер што се спомнува во библиската книга Естира?

Според книгата Естира, Ахасвер ја избрал за кралица младата Еврејка Естира, а таа го спасила својот народ од масовно истребување. Долго време постоеја најразлични мислења околу тоа кој персиски цар бил Ахасвер. Но, изгледа дека проблемот се реши кога беа дешифрирани тројазичните натписи на некои персиски споменици. Нема простор за сомневање дека Ахасвер бил Ксеркс I, син на Дариј Велики (Хистасп). Обликот во кој се појавува името Ксеркс во персиските натписи, кога ќе се транслитерира на хебрејски јазик, речиси сосема одговара на обликот на кој се појавува во хебрејскиот текст на книгата Естира.

Сѐ што е кажано за Ахасвер во книгата Естира потврдува дека станува збор за таа личност. Од главниот град Суза во Елам, овој персиски цар владеел и над Медија, а неговото царство се протегало од Индија до островите на Средоземното Море (Естира 1:2, 3; 8:9; 10:1). „Ова се однесува само на Ксеркс и на ниту еден друг персиски владетел“, вели професорот Луис Бејлс Патон. „И карактерот на Ахасвер што е опишан во книгата Естира потполно се совпаѓа со карактерот на Ксеркс, за кој пишувале Херодот и други грчки историчари.“

Какви докази постојат дека во древниот Египет се правеле тули?

Ви библиската книга 2. Мојсеева пишува дека Египќаните ги терале еврејските робови да прават тули. Секој ден морале да направат одреден број тули, користејќи малтер од глина и слама (2. Мојсеева 1:14; 5:10-14).

Во библиски времиња, во долината на реката Нил било вообичаено да се изработуваат тули сушени на сонце. Во Египет сѐ уште постојат древни градби направени од ваков материјал. Еден цртеж на ѕидот од гробницата на Рехмир од 15 век пр.н.е., кој покажува како се одвивала изработката на тули, е направен речиси во исто време кога се одиграле и настаните раскажани во библиската книга 2. Мојсеева.

Една енциклопедија го опишува она што е прикажано на овој цртеж со следниве зборови: „Се носела вода од резервоар, потоа со мотика се мешала калта и се носела на место што било погодно за изработка на тули. Тој што ги правел тулите ја набивал калта во дрвен калап ставен на земја. Потоа го вадел калапот, а оформената тула ја оставал да се суши на сонце. Биле правени многу редови тули кои, откако ќе се исушеле, се ределе во купови, спремни за употреба. До ден-денес, на Блискиот Исток сѐ уште се прават тули на овој начин“ (The International Standard Bible Encyclopedia).

И во различни папирусни документи од вториот милениум пр.н.е. се спомнува дека имало робови што правеле тули, дека за тоа користеле слама и малтер од глина и дека имале дневна норма што требало да ја исполнат.

[Слика на страница 22]

Релјеф издлабен врз камен со Ксеркс (застанат) и Дариј Велики (седнат)

[Извор на слика]

Werner Forman/Art Resource, NY

[Слика на страница 22]

Детаљ од цртежот на еден ѕид од гробницата на Рехмир

[Извор на слика]

Erich Lessing/Art Resource, NY