Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Каде што границите не значат ништо

Каде што границите не значат ништо

Каде што границите не значат ништо

Јеховините сведоци се трудат да ги премостат бариерите што ги делат луѓето од различни народи. Тие го следат начелото што стои зад она што Исус им го рекол на своите ученици: „Сите вие сте браќа“ (Матеј 23:8). Добар пример за ова се два верски објекта на Јеховините сведоци. Едниот се наоѓа во Португалија, а другиот во Шпанија.

УТВРДЕНИОТ град Веланса ду Мињо, во северна Португалија, бил изграден во опасни времиња. Неговите пушкарници гледаат на реката Мињо, која ги дели Шпанија и Португалија. На другата страна од реката се наоѓа шпанскиот град Туј, во кој има една катедрала што личи на тврдина. Главните тврдини на Туј и Веланса датираат од 17 век, кога се водела војна меѓу Шпанија и Португалија.

Во 1995 год., граничните стражи и царинските контроли меѓу овие две земји-членки на Европската унија беа укинати. Но, за да се обединат луѓето потребно е нешто повеќе од укинување на граничните контроли. Треба да се промени нешто и во ставовите и срцата на луѓето. Во Веланса има еден мал, впечатлив објект што покажува како можат да се надминат бариерите што ги делат луѓето. Тоа е верски објект — Сала на Царството во која одржуваат состаноци Јеховини сведоци и од Шпанија и од Португалија.

Сѐ започна во 2001 год., кога на Сведоците во Туј им затреба нова Сала на Царството. Тие мораа да го напуштат најмениот објект, но немаа доволно пари за да си изградат своја сала. Им беше тешко да ја плаќаат киријата дури и за најмениот објект бидејќи собранието немаше многу објавители. Затоа, Сведоците од Шпанија ги прашаа своите браќа од португалскиот град Веланса дали може да одржуваат состаноци во нивната сала, која се наоѓа на само неколку километри од центарот на Туј.

„Во декември 2001 год., имавме состанок на кој го разгледувавме предлогот“, раскажува Едуардо Вила, кој припаѓа на шпанското собрание во Туј. „Кога завршивме со состанокот, ми беше јасно дека Јехова ги допре срцата на браќата од Португалија. Тие имаа направено големи жртви за да си изградат убава Сала на Царството, и тоа што беа спремни да ја делат со нас ни ја зајакна верата.“

„Ни беше мило што ќе користиме иста Сала со нашите браќа од Шпанија“, рече Америко Алмеида, сведок од Португалија кој присуствуваше на истиот состанок. „Имавме доверба дека Јехова ќе го благослови тоа решение и едногласно ја донесовме одлуката.“ Сведоците од двете страни на границата добро се сложуваат. „Можеби звучи неверојатно, но воопшто и не забележуваме дека сме од различни земји. Важно е дека сме духовни браќа“, вели Паоло од Веланса.

Првото нешто што им паѓа в очи на оние што доаѓаат во Салата се двата исти часовника закачени на ѕидот, кои покажуваат различно време. Шпанија е една часовна зона понапред од Португалија, па тој еден час е единствената разлика меѓу браќата од овие две земји. Кога требаше да се реновира Салата, Регионалниот одбор за изградба со седиште во Шпанија ја надгледуваше работата на вредните доброволци од двете собранија. „Дојдоа многу мајстори од Шпанија за да ни помогнат. Некои од нив поминаа дури и повеќе од 160 километри“, се сеќава Паоло. „Овој проект ја зајакна љубовта меѓу двете собранија.“

Да спомнеме уште еден пример кога границата не претставувала проблем.

Единство во една поделена долина

Пуигсерда е шпански град кој се наоѓа на границата со Франција. Сместен е во срцето на една плодна долина опкружена со високите врвови на Пиринеите. Целата долина, позната како Сердања, порано беше дел од Шпанија. Но, во 1659 год., со заедничката спогодба позната како Пиринејски договор, Шпанија ѝ отстапи на Франција половина од долината.

Денес, Французите пазаруваат во Пуигсерда, најголемиот град во долината. А од 1997 год., и Јеховините сведоци во Пуигсерда ги отворија вратите на својата Сала на Царството за своите соверници од Франција. Таа година Сведоците од Франција мораа да си заминат од изнајмениот објект. Најблиската Сала на Царството во Франција беше оддалечена еден час возење, а во зимските месеци високиот планински премин што мора да го поминат патниците честопати е завеан во снег.

Кога Сведоците од Франција им објаснија на Сведоците во Шпанија колку итно им треба место за состаноци, тие веднаш им ја понудија својата Сала на Царството. „Браќата од Шпанија се радуваа што ќе ја делиме Салата со браќата од Франција“, раскажува Прем, кој припаѓа на шпанското собрание. „Се разбира, желбата да си помагаме е резултат на библиските поуки што ги добиваме сите овие години. По неколку седмици почнавме заедно да ја користиме салата, и сѐ уште ја користиме и денес, по 13 години.“

„Пуигсерда најмногу ни одговараше како место за Сала на Царството“, објаснува Ерик, старешина во француското собрание. „Сѐ уште се сеќавам колку срдечно нѐ дочекаа нашите браќа од шпанското собрание. Салата ја имаа украсено со еден голем букет цвеќе и натпис: ‚Добредојдовте, мили браќа и сестри!‘“

„Луѓето си мислеа дека затворањето на нашата Сала на Царството значи дека собранието престана да постои“, додава Ерик. „Но, тоа што продолживме да проповедаме во нашето место — и делевме покани за состаноците кои ги одржувавме во Шпанија — за кратко време ги увери во спротивното. На оние што се заинтересирани убаво им е да дојдат во Салата во Шпанија. А тоа што сме во иста Сала со браќата од Шпанија нѐ зближи уште повеќе. Порано знаевме дека од другата страна на границата има шпанско собрание, но немавме многу контакти. Откако почнавме редовно да се гледаме, не се чувствуваме толку изолирани во оваа зафрлена планинска долина.

Дали доаѓа до некакви проблеми поради културните разлики? „Кога дознав дека состаноците ќе ги одржуваме од другата страна на границата, во Шпанија, се загрижив“, отворено вели една жена од Франција, која има повеќе од 80 години. „Но, бидејќи браќата во Пуигсерда толку срдечно нѐ примија, промената не предизвика никакви проблеми. Напротив, таа ни даде можност да покажеме дека Јеховините сведоци од целиот свет се навистина обединет народ.“

Темелот за поголемо единство

Основачите на Европската унија изјавија дека земјите-членки се „решени да постават темел за уште поголемо единство меѓу европските народи“. Укинувањето на граничните контроли во 1980-тите и 1990-тите имаше за цел да го забрза овој процес. Но, мора да се урнат и бариерите што се во мислите на луѓето.

Јеховините сведоци се трудат да ги искоренат предрасудите и недовербата. Сфаќаат дека е убаво тоа што браќата имаат различно потекло и дека „Бог не е пристрасен“ (Дела 10:34). На нивните меѓународни конгреси и во нивните Сали на Царството може да се види „колку е добро и колку е мило кога браќата живеат заедно во единство!“ (Псалм 133:1). Единството меѓу Сведоците од Веланса и Пуигсерда и нивните браќа од соседните земји е жив доказ за тоа.

[Истакната мисла на страница 13]

„Можеби звучи неверојатно, но воопшто и не забележуваме дека сме од различни земји. Важно е дека сме духовни браќа“

[Истакната мисла на страница 14]

„Овој проект ја зајакна љубовта меѓу двете собранија“

[Истакната мисла на страница 15]

„Колку е добро и колку е мило кога браќата живеат заедно во единство!“ (ПСАЛМ 133:1)

[Слика на страници 12 и 13]

Поглед на Туј и реката Мињо од ѕидините на градот Веланса ду Мињо

[Слика на страница 14]

Реновирање на Салата на Царството

[Слика на страница 15]

Пиринеите и долината Сердања

[Слика на страница 15]

Двајца старешини од двете собранија — едното шпанско, а другото француско — кои одржуваат состаноци во Салата на Царството во Пуигсерда