Тајни на семејната среќа
Кога детето се сомнева во твоите верувања
Како што растат, многу млади одлучуваат да ја прифатат религијата на своите родители (2. Тимотеј 3:14). Меѓутоа, некои одлучуваат да не ја прифатат. Што ако твоето дете почне да се сомнева во твоите верувања? Во оваа статија ќе разгледаме како Јеховините сведоци се справуваат со ваквиот предизвик.
„Не сакам повеќе да живеам според религијата на моите родители. Ми доаѓа да се откажам“ (Кора, 18). *
УВЕРЕН СИ дека твојата религија ја кажува вистината за Бог. Сигурен си дека Библијата го покажува најдобриот начин на живот. Затоа, сосема е на место да се обидеш да им ги пренесеш на своите деца твоите мерила и вредности (5. Мојсеева 6:6, 7). Но, што ако, додека расте, твоето дете почнува да губи интерес за духовни теми? Што ако почне да се сомнева во религијата која радосно ја прифаќаше додека беше помало? (Галатите 5:7).
Ако се случува тоа, немој да дојдеш до заклучок дека не си добар родител. Како што ќе видиме, можеби се вклучени и други фактори. Меѓутоа, имај го на ум следново: Од начинот на кој ќе се справиш со сомнежите на твоето дете може многу да зависи дали тоа ќе биде привлечено кон твојата религија или ќе биде одвратено од неа. Ако почнеш да се расправаш со детето околу верата, започнуваш една тешка битка — битка во која речиси сигурно ќе претрпиш пораз (Колошаните 3:21).
Многу подобро ќе биде да ја послушаш опомената што ја дал апостол Павле. „Робот на Господарот не смее да се кара“, напишал тој, „туку треба да биде благ кон сите, оспособен да поучува, да се совладува“ (2. Тимотеј 2:24). Кога кај твоето дете ќе почнат да се јавуваат сомневања околу тоа дали твојата вера е исправна, како можеш да покажеш дека си ‚оспособен да поучуваш‘?
Биди прониклив
Прво, обиди се да согледаш кои фактори можеби придонеле за гледиштето на твоето дете. На пример:
Дали се чувствува осамено и нема пријатели во христијанското собрание? „Бидејќи сакав да имам пријатели, се зближив со неколку деца од училиште, па затоа мојот духовен напредок со години одеше бавно. Изгубив интерес за духовните работи најмногу затоа што имав лошо друштво, и сега многу се каам поради тоа“ (Ленор, 19).
Дали му недостига самодоверба, па затоа му е тешко да зборува со другите за својата вера? „Кога одев на училиште, не сакав да зборувам со другите за моите верувања. Се плашев дека ќе ме сметаат за чуден или дека ќе ме нарекуваат ‚библијаш‘. Сите деца што во нешто се разликуваа од другите не беа прифатени, па не сакав истото да се случи и со мене“ (Рамон, 23).
Дали се чувствува притиснато од одговорноста да живее според христијанските мерила? „Имам чувство како библиското ветување за вечен живот да е на врвот на едни долги скали, а јас не само што не сум стапнал ни на првото скалило туку сум далеку од нив. Толку се плашам да почнам да се искачувам што помислувам да се откажам од мојата вера“ (Рене, 16).
Зборувај отворено
Со кои проблеми што не ги гледаш можеби се соочува твоето дете? Најдобро ќе биде да го прашаш! Но, внимавај разговорот да не премине во расправија. Наместо тоа, следи го советот од Јаков 1:19: „Секој човек треба да биде брз на слушање, а бавен на зборување и бавен на гнев“. Биди стрплив со детето. Покажувај ‚стрпливост и вештина во поучувањето‘, исто како што би постапувал со некој што не е од твоето семејство (2. Тимотеј 4:2).
На пример, ако син ти или ќерка ти не сакаат да одат на христијанските состаноци, обиди се да откриеш која е вистинската причина. Но, притоа биди стрплив. Нема да постигнеш ништо ако разговараш како родителот во следниов дијалог.
Синот: Повеќе не ми се оди на состанок.
Таткото: [со непријателски тон] Како тоа не ти се оди на состанок?
Синот: Така. Досадно ми е таму!
Таткото: Што? Досадно ти е да учиш за Бог? Тоа си е твој проблем! Додека живееш под мојот покрив, мора да одиш на состанок — сакал или не сакал.
Бог бара родителите да ги поучуваат своите деца за него, а децата да ги слушаат родителите (Ефешаните 6:1). Меѓутоа, ти сигурно не сакаш твоето дете само слепо да ја следи твојата духовна рутина и со тешко срце да оди на христијанските состаноци. Ако е можно, би сакал детето да биде таму и со умот и со срцето.
Поголеми се шансите да успееш во тоа ако сфатиш кои работи придонесуваат за неговиот став. Имајќи го ова на ум, размисли дали не би било подобро претходниот разговор да течеше вака:
Синот: Повеќе не ми се оди на состанок.
Таткото: [смирено] Зошто?
Синот: Така. Досадно ми е таму!
Таткото: Сфаќам, не е лесно да седиш на едно место толку време. А што ти е толку досадно?
Синот: Не знам. Едноставно повеќе сакам да сум на друго место.
Таткото: И на твоите другари им е досадно?
Синот: Па, во тоа е работата! Немам другари — барем не повеќе. Откако се пресели мојот најдобар другар, немам со кого два збора да прозборам! Секој со некого си прави муабет, а јас како да не постојам!
Со тоа што му олеснува на своето дете отворено да зборува, таткото во вториот дијалог не само што доаѓа до коренот на проблемот — во овој случај осаменоста — туку гради доверба кај своето дете и со тоа остава простор за натамошни разговори. (Види ја рамката „Биди стрплив!“)
Со текот на времето, многу млади сфаќаат дека, ако успеат да ја надминат пречката што го кочи нивниот духовен напредок, обично ќе имаат подобро мислење и за себе и за својата вера. Размисли за Рамон, младичот кој на училиште се плашеше да каже дека е Јеховин сведок. По некое време сфатил дека не е толку страшно да зборува отворено за својата вера — дури и ако му се потсмеваат. Тој раскажува:
„Еднаш, едно дете на училиште ме исмејуваше заради мојата религија. Многу се изнервирав. Но, сфатив дека нѐ слуша целиот клас. Тогаш одлучив да го сменам текот на разговорот и јас да го прашувам него за неговата вера. На мое големо изненадување, тој се изнервира повеќе од мене! Тогаш сфатив дека многу млади имаат некакви верувања, ама не ги разбираат. Јас барем можам да ги објаснам моите верувања. Всушност, кога треба да се зборува за верата, треба да им биде незгодно на моите соученици, а не мене!“
ПРЕДЛОГ: Пробај преку прашања да извлечеш од своето дете што мисли за тоа што е Јеховин сведок. Зошто е добро да се биде Јеховин сведок? Какви жртви повлекува тоа? Дали користите се поголеми од жртвите? Ако е така, во кој поглед? (Марко 10:29, 30). Нека ги запише своите размислувања на лист хартија во две колони — во левата колона може да ги наведе жртвите, а во десната користите. Кога ќе ги спореди двете колони, полесно ќе увиди што му претставува проблем и како да најде решение.
Како размислува тинејџерот
Родителите и стручњаците забележале дека има значајни разлики меѓу начинот на кој размислуваат децата и тинејџерите (1. Коринќаните 13:11). Додека малите деца обично гледаат сѐ црно-бело, тинејџерите размислуваат поапстрактно. На пример, едно дете ќе биде задоволно и само ако му кажеш дека Бог создал сѐ (1. Мојсеева 1:1). Меѓутоа, еден тинејџер можеби го измачуваат прашања како што се: ‚Од каде да знам дека постои Бог? Зошто еден Бог на љубовта го дозволува злото? Како е можно Бог да постои отсекогаш?‘ (Псалм 90:2).
Можеби мислиш дека ваквите прашања ќе значат чекор назад во верата на твоето дете. Но, точно е токму спротивното — со нив може да се постигне чекор напред. Всушност, поставувањето прашања може да биде многу важен фактор во духовниот раст на еден христијанин (Дела 17:2, 3).
Освен тоа, твојот тинејџер учи да го користи својот разум (Римјаните 12:1, 2). Затоа може да ја сфати „ширината и должината и височината и длабочината“ на христијанската вера на начин што како дете не можел (Ефешаните 3:18). Повеќе од кога и да е порано, сега е време да му помогнеш да размислува за своите верувања за да биде цврсто убеден дека тие се вистински (Изреки 14:15; Дела 17:11).
ПРЕДЛОГ: Вратете се на некои основни работи и повторно разгледајте ги темите за кои ти — и твојот тинејџер — можеби мислите дека не треба додатни објаснувања. На пример, поттикни го да размисли за следниве прашања: ‚Што ме уверува мене дека постои Бог? Кои работи ми покажуваат мене лично дека Бог ме сака? Зошто мислам дека секогаш е за мое добро да ги слушам Божјите закони?‘ Внимавај да не му ги наметнуваш твоите гледишта. Наместо тоа, помогни му да стекне свои лични убедувања. Така ќе му биде полесно да се увери дека неговата религија е вистинска.
„Си се уверил“
Во Библијата се спомнува младиот Тимотеј кој „од рано детство“ ги знаел светите списи. Сепак, апостол Павле го поттикнал Тимотеј: „Остани во она што си го научил и во кое си се уверил“ (2. Тимотеј 3:14, 15). Како што било случај со Тимотеј, можеби и ти си го поучувал твојот тинејџер за библиските мерила уште од раѓање. Но, сега треба да му помогнеш лично да се увери дека она што си му го кажувал е вистина.
Во книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1, пишува: „Додека твоето дете живее со тебе, имаш право да бараш од него да се придржува за твојот распоред на духовни активности. Меѓутоа, твојата цел е да всадиш во него љубов кон Бог, а не само да изнудиш од него да ги прави работите механички“. Со тоа што ќе ја имаш на ум таа цел, можеш да му помогнеш на детето да биде ‚цврсто во верата‘ и таа да стане негов начин на живот — а не само твој * (1. Петрово 5:9).
^ пас. 4 Имињата во оваа статија се сменети.
^ пас. 40 Нешто повеќе можеш да прочиташ во Стражарска кула од 1 мај 2009, на страници 10-12, и во книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1, на страници 315-318.
ПРАШАЈ СЕ...
Како реагирам кога моето дете ги доведува во прашање моите верувања?
Како може да ми помогне оваа статија да научам подобро да реагирам во тие моменти?