Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приближи му се на Бог

„Она што беше порано нема да доаѓа во сеќавање“

„Она што беше порано нема да доаѓа во сеќавање“

СПОМЕНИТЕ можат да бидат нешто многу пријатно. Кога ќе се потсетиме на убавите мигови поминати со нашите најмили, нѐ облеваат пријатни чувства. Но, понекогаш спомените може да бидат многу непријатни. Дали те измачуваат сеќавања од лошите работи што ти се случиле во минатото? Ако е така, можеби се прашуваш: ‚Дали овие болни спомени некогаш ќе исчезнат од мојот ум‘? Утешен одговор можеме да најдеме во зборовите на пророкот Исаија. (Прочитај Исаија 65:17.)

Јехова има намера да отстрани сѐ што би можело да ни предизвика болни спомени. Како? Така што ќе го уништи овој злобен свет во кој има толку многу страдања и ќе го замени со еден многу подобар свет. Преку Исаија, Јехова ветил: „Јас создавам нови небеса и нова земја“. Ова ветување може да ги исполни нашите срца со надеж.

Што претставуваат новите небеса? Библијата ни открива две работи кои ни помагаат да го дознаеме одговорот. Прво, изразот „нови небеса“ го спомнуваат уште двајца писатели на Библијата. И во двата случаја, овој израз е поврзан со темелни промени на Земјата (2. Петрово 3:13; Откровение 21:1-4). Второ, во Библијата зборот „небеса“ може да се однесува на влада (Исаија 14:4, 12; Даниел 4:25, 26). Значи, новите небеса претставуваат една нова влада, која на Земјата ќе донесе правда. Тоа може да го постигне само Божјето Царство, небесната влада за која Исус рекол да се молиме. Кога ќе владее тоа Царство, низ целата Земја ќе се врши Божјата праведна волја (Матеј 6:9, 10).

Што претставува новата земја? Да спомнеме две работи од Библијата што ќе ни помогнат да дојдеме до точниот заклучок. Прво, во Библијата зборот „земја“ понекогаш се однесува на луѓето, а не на нашата планета (Псалм 96:1). Второ, во Библијата е проречено дека под Божјата власт верните луѓе низ целата Земја ќе се учат на праведност (Исаија 26:9). Значи, новата земја се однесува на луѓето кои ќе му се подложат на Бог и ќе живеат според неговите праведни мерила.

Дали сега ти е појасно како Јехова ќе стави крај на сѐ што може да предизвика болни сеќавања? Наскоро, Јехова ќе го исполни своето ветување за нови небеса и нова земја, и ќе донесе еден праведен нов свет. * Во тој нов свет, сите физички, психички и емоционални страдања што ни оставаат лоши спомени ќе бидат минато. Верните луѓе ќе имаат исполнет живот и ќе уживаат во пријатните спомени од секој изминат ден.

Но, што е со болката која ни тежи на срце сега? Преку пророкот Исаија, Јехова ветил: „Она што беше порано нема да доаѓа во сеќавање, ниту ќе се јавува во срцето“. Болните сеќавања од сѐ што сме доживеале во овој стар свет постепено ќе исчезнат. Дали се радуваш кога ќе помислиш на тоа? Ако да, дознај како можеш да станеш поблизок со Бог, кој ни ветува ваква убава иднина.

Читање на Библијата во март:

Исаија 63-66 Еремија 1-16

[Фуснота]

^ пас. 5 Нешто повеќе за Божјето Царство и што ќе постигне тоа наскоро, можеш да прочиташ во поглавја 3, 8 и 9 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.

[Истакната мисла на страница 19]

Јехова има намера да отстрани сѐ што би можело да ни предизвика болни спомени