Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Поучете ги своите деца

‚Цврсто се држел за Јехова‘

‚Цврсто се држел за Јехова‘

ДАЛИ некогаш ти рекле цврсто да се држиш за некого? * Тоа значи да си постојано до него, никогаш да не го оставаш. Сега ќе кажеме нешто за еден човек за кој Библијата вели дека ‚цврсто се држел за Јехова‘, вистинскиот Бог. Се викал Езекија. Да видиме што можеме да научиме од неговиот пример.

Езекија немал среќно детство. Неговиот татко, Ахаз, царот на Јуда, престанал да му служи на Јехова. Почнал да обожава лажни богови уште кога Езекија бил дете. Во чест на еден лажен бог, Ахаз убил и жртвувал барем еден од своите синови, кој му бил брат на Езекија!

Иако Ахаз правел лоши работи, Езекија му бил послушен на Јехова. Мислиш ли дека тоа му било лесно?— Сигурно дека не. Но, Езекија не се откажал! Да видиме што му помогнало цврсто да се држи за Јехова, и како можеме и ние да бидеме како него.

Езекија слушнал и за други луѓе што цврсто се држеле за Јехова. Еден од нив бил Давид. Иако Давид живеел стотици години пред него, Езекија можел да чита за него во Светото писмо. „И да ме остават татко ми и мајка ми, Јехова ќе ме прифати“, напишал Давид.

Гледаш ли што му помогнало на Давид да му биде послушен на Јехова?— Неговата вера! Давид бил сигурен дека, ако му е послушен на Јехова, тој ќе му помага. Ни малку не се сомневал дека е така! Тоа што размислувал за Давид, сигурно му дало сила на Езекија цврсто да се држи за Јехова така што му бил послушен. И ти можеш да бидеш сигурен дека Јехова ќе ти помага ако цврсто се држиш за него така што ќе му бидеш послушен.

Но, што ако татко ти или мајка ти не му служат на Јехова?— Бог вели дека децата треба да им бидат послушни на родителите. Тоа значи дека и ти треба да ги слушаш твоите родители. Но, ако тие ти речат да направиш нешто што Бог не го одобрува, објасни им зошто нема да постапиш така. Не треба да лажеш, да крадеш или да правиш што и да е друго за кое Бог вели дека е погрешно, без разлика кој ќе ти рече да го направиш тоа. Треба да го слушаш само Бог!

И ние денеска имаме добри примери. На Езекија му бил пример не само Давид туку и неговиот дедо, Јотам. Иако Јотам умрел уште пред Езекија да се роди, Езекија можел да дознае многу работи за него, исто како што можеме и ние денес ако ја читаме Библијата. Можеш ли да се сетиш и на други добри примери?

Точно е дека во Библијата можеме да прочитаме и за некои грешки што ги направиле Езекија, Давид, Јотам и други несовршени луѓе. Но, тие го сакале Јехова, си ги признале грешките и се труделе да го прават она што е исправно. Не заборавај дека само Божјиот Син, Исус, бил совршен. Научи колку што можеш повеќе за него и труди се да го следиш неговиот пример.

^ пас. 3 Ако читаш со деца долгата црта значи дека треба да запреш и да ги пуштиш децата да одговорат на прашањето.