Дали сте знаеле?
Дали сте знаеле?
Што сакал да каже Исус кога рекол да се изоди уште една милја?
▪ Во својата прочуена Проповед на гората, Исус рекол: „Ако некој што има власт те присили да одиш една милја, оди со него две“ (Матеј 5:41). Присутните веројатно сфатиле дека Исус мислел на принудната работа, која некој што бил на власт можел да ја побара од граѓаните.
Во првиот век од н.е., Израел бил под власта на Римјаните. Тие имале обичај да ги тераат луѓето или животните да работат за нив или сосила да одземат нешто ако било потребно за побрзо да се изврши некоја јавна служба. На пример, римските војници му наредиле на Симон од Киринија да го однесе маченичкиот столб на Исус до местото на погубување (Матеј 27:32). Со таквата присилна работа Евреите биле угнетувани, па затоа воопшто не ја сакале и ја извршувале со длабока огорченост.
Не е познато до колкаво растојание граѓаните можеле да бидат присилени да носат некој товар. Во секој случај, незамисливо е дека би направиле нешто повеќе од она што се барало. Затоа, кога Исус ги поттикнал присутните да изодат уште една милја, тој, на некој начин, сакал да им каже без никаква огорченост да ги извршуваат службите што властите ги барале од нив (Марко 12:17).
Кој бил Ана што се спомнува во евангелијата?
▪ Во Библијата пишува дека Ана (Анан) бил ‚главен свештеник‘, кој служел на таа положба и за време на Исусовото судење (Лука 3:2; Јован 18:13; Дела 4:6). Всушност, тој му бил тест на Кајафа, кој бил првосвештеник на Израел, а и самиот Ана бил првосвештеник некаде од 6 или 7 год. од н.е. па сѐ до 15 год. од н.е., кога римскиот управител Валериј Гратус го тргнал од таа положба. Сепак, како поранешен првосвештеник, Ана сѐ уште бил многу влијателен во Израел. И пет негови синови, како и зет му, биле на положба на првосвештеник.
Сѐ додека Израелците биле независен народ, првосвештеникот ја извршувал таа служба до крајот на животот (4. Мојсеева 35:25). Но, откако Израел потпаднал под власта на Римјаните, работите се смениле. Кој ќе служел и колку долго ќе служел како првосвештеник одредувале римските владетели или царевите што ги поставувал Рим. Историчарот Јосиф Флавиј известил дека Квириниј, римскиот управител на Сирија, го тргнал Јоазар од положба на првосвештеник некаде околу 6 или 7 год. од н.е. и на негово место го поставил Ана. Сепак, изгледа дека овие пагански владетели воделе сметка новиот првосвештеник да биде од редовите на свештениците.
Роднините на Ана биле познати како многу алчни и богати. Изгледа дека богатството го стекнале со тоа што држеле монопол над сѐ што се продавало во дворовите на храмот, како гулаби, овци, масло и вино, а се користело за принесување на жртви. Јосиф напишал дека Анан (Ананија), синот на Ана, имал „слуги кои биле крајно расипани и кои со сила им ги одземале десетоците на свештениците, а неретко и ги тепале оние што одбивале да им ги дадат“.