Како да имаш среќна иднина?
Како да имаш среќна иднина?
КАКО да бидеш вистински среќен во животот? Еден начин е ако ја користиш својата извонредна способност да ги предвидиш далекосежните последици што можеш да ги имаш од одлуките кои ги носиш.
Се разбира, не е секогаш лесно да донесеш одлука што ќе ти користи за цел живот. Зошто? Затоа што на многу луѓе им е поважно да им биде убаво во моментот отколку да мислат што ќе биде добро за нив на долги патеки. На пример, можеби ти е јасно дека, ако ги применуваш советите од Библијата, ќе се подобрат односите во твоето семејство (Ефешаните 5:22 — 6:4). Но, за да биде така, мора редовно да одвојуваш време за своето семејство и да одолееш на притисокот да се преокупираш со работата или да трошиш премногу време на разонода. Како што е случај и со многу други работи во животот, мора да бираш меѓу моменталното задоволство и трајната среќа. Како да собереш сили за да направиш исправен избор? Преземи ги следниве четири чекори.
1. Предвиди го исходот од одлуките
Кога мора да донесеш одлука, потруди се колку што можеш пообјективно да го предвидиш исходот. Библијата го дава следниов совет: „Паметниот човек го гледа злото и се трга“ (Изреки 22:3). Ако реално ги согледаш последиците, најверојатно ќе собереш сили да не направиш нешто што може да ти наштети. Од друга страна, ако си претставиш колку убави резултати ќе имаш на долги патеки, може да собереш сили да спроведеш една одлука што е мудра.
Прашај се: ‚Каков исход ќе има оваа одлука по една, по десет или по дваесет години? Како ќе влијае врз моето психичко и физичко здравје? Како ќе се одрази на семејството и на другите што ми се блиски?‘ Што е најважно, прашај се: ‚Дали мојата одлука ќе го израдува Бог? Како ќе се одрази на моето пријателство со Него?‘ Бидејќи Библијата е напишана под водство на Бог, може да ти помогне да согледаш кои работи му се допаѓаат и да те предупреди на замките за кои можеби не си свесен (Изреки 14:12; 2. Тимотеј 3:16).
2. Направи личен избор
Наместо да донесат своја одлука, мнозина едноставно го прават она што го прават и сите други. Но, не значи дека нешто е паметно само затоа што сите го прифаќаат. Затоа, направи личен избор. Да ја земеме за пример Натали. * Таа раскажува: „Сакав да имам убав брак. Но, ми беше јасно дека, со начинот на кој живеев, никогаш нема да имам таков брак. Сите мои пријатели од факултет беа интелигентни луѓе. Па сепак, постојано носеа лоши одлуки во животот. Често ги менуваа дечковците или девојките. И јас сменив неколку дечковци. Таквиот живот ми задаваше голема емоционална болка“.
Натали почнала да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Таа вели: „Кај Сведоците видов среќни млади луѓе и цврсти бракови. Не беше лесно,
но полека-полека стекнав поинакви вредности и го сменив начинот на живот“. Каков бил исходот? Натали продолжува: „Отсекогаш сакав да бидам во брак со некој што длабоко ќе го почитувам. По некое време се омажив за човек со кого имав исти верски убедувања. Бог ми даде брак каков што не можев ни да си замислам“.3. Гледај далеку
За да не размислуваш само на кратки патеки, мора да имаш јасна слика каква иднина сакаш и план како да ја оствариш (Изреки 21:5). Не се ограничувај само на еден просечен човечки живот од 70-80 години. Наместо тоа, замисли се себеси во прекрасната иднина што е опишана во Библијата.
Библијата објаснува дека преку откупната жртва на Исус Христос, Бог им дал можност на луѓето да живеат вечно (Матеј 20:28; Римјаните 6:23). Тој ветува дека наскоро ќе ја исполни својата намера со Земјата и со луѓето. Оние што го сакаат Бог ќе можат да живеат засекогаш во прекрасен рај на Земјата (Псалм 37:11; Откровение 21:3-5). Тоа можеш да го доживееш и ти, ако одлучиш да гледаш далеку.
4. Вложи труд за да ги оствариш целите
Кои конкретни чекори можеш да ги преземеш за да го дочекаш прекрасното време што доаѓа? Почни така што ќе учиш за Бог (Јован 17:3). Ако добро ја запознаеш Библијата, ќе стекнеш доверба дека ветувањата во врска со нашата иднина ќе се исполнат. Тоа ќе ти даде сила да ги направиш сите промени што се потребни за да се зближиш со Бог.
Да го земеме за пример Мајкл. Тој раскажува: „Почнав да пијам и да користам дрога на 12 години. Бев член на банда и не очекував дека ќе доживеам повеќе од 30 години. Од гнев и разочараност неколкупати се обидов да се самоубијам. Копнеев мојот живот да има некаква смисла, но никако не можев да ја пронајдам“. Кога Мајкл бил во средно училиште, еден од членовите на бандата почнал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. По некое време, истото го сторил и Мајкл.
Она што го научил од неа му го сменило гледиштето за иднината. „Дознав дека Земјата ќе стане рај и дека луѓето ќе живеат мирно, без стресови и проблеми. Сакав да го доживеам тоа време. Затоа си поставив за цел да изградам близок однос со Јехова. Но, не ми одеше секогаш лесно. И покрај тоа што ја проучував Библијата, неколкупати се опив. Еднаш дури и спиев со една девојка“.
Како успеал да ги надмине пречките и да сврти нов лист во животот? Мајкл вели: „Човекот со кој што ја проучував Библијата ме поттикна да ја читам секој ден и да се дружам со луѓе што живеат како што бара Бог. Сфатив дека другарите од бандата сѐ уште ми влијаеја. Иако бевме блиски како браќа, му ставив крај на пријателството со нив“.
Мајкл си поставил краткорочни цели што му помогнале да ја оствари својата крајна цел — да живее според Божјите мерила. И ти можеш да го направиш истото. Запиши ја твојата крајна цел, а запиши ги и чекорите што ќе ти помогнат да ја оствариш. Кажи им ја твојата цел на луѓето што знаеш дека ќе ти бидат поддршка и замоли ги да те прашуваат до каде си.
Без одложување почни да учиш за Бог и да ги применуваш неговите совети. Преземи чекори што ќе ти помогнат да го засакаш Бог и неговата Реч, Библијата. За оној што живее според Божјите мерила, Библијата вели: „Во сѐ што прави, ќе биде успешен“ (Псалм 1:1-3).
[Фуснота]
^ пас. 8 Имињата во оваа статија се сменети.