Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Тајни на семејната среќа

Да се врати изгубената доверба

Да се врати изгубената доверба

Стив *: „Никогаш не помислував дека Џоди ќе направи прељуба. Ја изгубив целата доверба во неа. Не може да се опише со зборови колку ми беше тешко да ѝ простам“.

Џоди: „Јасно ми е зошто Стив ја изгуби довербата во мене. Требаше да поминат многу години за да докажам дека се каам“.

НА ЖРТВИТЕ на прељуба Библијата им дава слобода да одлучат дали да се разведат или не * (Матеј 19:9). Стив, кој е цитиран погоре, решил да не се разведе. И тој и Џоди сакале да си го спасат бракот. Меѓутоа, со време сфатиле дека тоа вклучува многу повеќе отколку само да продолжат да живеат заедно. Зошто? Бидејќи, како што забележа од нивните изјави, неверството на Џоди ја уништило сета доверба меѓу нив. Со оглед на тоа што меѓусебната доверба е многу важна за среќен брак, и двајцата морале да вложат напор за да си ја вратат изгубената доверба.

Ако со својот брачен другар се обидувате да го спасите бракот по една толку сериозна работа како што е прељубата, бидете свесни дека тоа воопшто нема да биде лесно. Првите неколку месеци откако вистината излегла на виделина може да бидат особено тешки. Но, може да се успее! Како да ја вратите изгубената доверба? Во тоа може да ви помогнат мудрите совети од Библијата. Да разгледаме четири од нив.

1. Бидете искрени еден со друг

„Сега кога сте ја отфрлиле лагата, зборувајте ја вистината“, напишал апостол Павле (Ефешаните 4:25). Лагите, полувистините, па дури и молчењето ја поткопуваат довербата. Затоа, треба да бидете отворени и искрени.

На почеток, можеби ќе бидете премногу вознемирени за да разговарате околу неверството. Но, со текот на времето ќе треба отворено да зборувате за тоа што се случило. Можеби нема да разговарате за секој детаљ, но не е мудро сосема да ја избегнувате таа тема. „Во почетокот ми беше ужасно тешко и непријатно да зборувам за она што се случи“, вели Џоди, која е спомната погоре. „Тоа беше нешто за кое многу се каев и сакав што побргу да го тргнам од глава и да го заборавам.“ Меѓутоа, слабата комуникација им донела проблеми. Зошто? Стив вели: „Бидејќи Џоди не сакаше да зборува за неверството, продолжив да се сомневам“. Кога ќе помисли на тоа време, Џоди признава: „Молчењето само го спречи процесот на закрепнување“.

Нема никакво сомневање дека секаква дискусија за неверството ќе биде болна. Деби, чиј сопруг, Пол, ја изневерил со неговата секретарка, вели: „Имав еден куп прашања. Како? Зошто? За што разговарале? Бев на крај со нервите затоа што постојано размислував за неверството и во главата сѐ почесто ми доаѓаа нови и нови прашања“. Пол вели: „Се разбира, понекогаш нашите разговори завршуваа со расправии. Но, на крајот секогаш ќе си речевме ‚извини‘. Таквите искрени разговори нѐ зближија“.

Како да ја намалите напнатоста додека зборувате? Не заборавајте дека вашата главна цел не е да го казните брачниот другар, туку да извлечете поука и да си го зајакнете бракот. На пример, Чул Су и неговата жена, Ми Јен, дискутирале за причините што довеле до прељубата. „Сфатив дека бев преокупиран со лични работи“, вели Чул Су. „Исто така, премногу мислев на тоа да им угодам на другите и да ги исполнам нивните очекувања. Поголемиот дел од времето и вниманието го трошев на други луѓе. Затоа, само малку време поминував со жена ми.“ Заклучоците до кои дошле им помогнале на Чул Су и на Ми Јен да ги направат промените кои, со текот на времето, им го зајакнале бракот.

ПРЕДЛОГ: Ако ти си го извршил неверството, не барај изговори и не префрлај ја вината врз брачниот другар. Преземи ја одговорноста за своите постапки и за болката што си ја предизвикал. Ако ти си брачниот другар што е повреден, немој да му викаш на твојот сопружник или да го навредуваш. Така ќе му олесниш да продолжи отворено да зборува (Ефешаните 4:32).

2. Соработувајте како тим

„Подобро им е на двајца отколку на еден“, пишува во Библијата. Зошто? „Зашто имаат добра плата за својот труд. Зашто, ако падне едниот, другиот ќе го подигне другарот свој“ (Проповедник 4:9, 10). Ова начело особено е од помош кога треба да вложите напор да ја вратите изгубената доверба.

Заедно, ти и твојот брачен другар може да ги растерате сомнежите кои го нарушиле вашиот однос. Сепак, потребно е и двајцата целосно да се посветите на тоа да го спасите бракот. Ако секој се справува на свој начин, може да си создадете уште повеќе проблеми. За да опстане бракот, мора да соработувате.

Стив и Џоди го сфатиле тоа. „Беше потребно време“, вели Џоди, „но и јас и Стив правевме сѐ за да ја зајакнеме брачната врска. Решена сум никогаш повторно да не му предизвикам таква болка. Иако Стив беше повреден, одлучи да не дозволи да ни пропадне бракот. Секој ден барав начини да го уверам дека сум му верна, а и тој постојано ми покажуваше дека ме сака. За ова секогаш ќе му бидам благодарна.“

ПРЕДЛОГ: Бидете решени да соработувате како тим за да ја вратите изгубената доверба во бракот.

3. Старите навики заменете ги со нови

Откако зборувал против прељубата, Исус го дал следниов совет: „Според тоа, ако твоето десно око те наведува на грев, извади го и фрли го од себе“ (Матеј 5:27-29). Ако ти си тој што го извршил неверството, размисли кои постапки или ставови треба да ги ‚извадиш‘ и да ги ‚фрлиш‘ за да си го спасиш бракот.

Јасно, треба да го прекинеш секој контакт со лицето со кое си извршил прељуба * (Изреки 6:32; 1. Коринќаните 15:33). Пол, цитиран погоре, почнал да работи во друга смена и го променил бројот на мобилниот телефон за да нема никакви контакти со другата жена. И покрај сите напори, не успеал во тоа. Меѓутоа, Пол бил толку решен да ја врати довербата кај својата сопруга, што ја напуштил работата. Исто така, веќе не го користел својот мобилен телефон, туку само нејзиниот. Дали тоа вредело? Неговата сопруга, Деби, вели: „Поминаа шест години и понекогаш сѐ уште се плашам дека таа ќе се обиде да дојде до него. Но, сега имам доверба дека Пол нема да му потклекне на искушението“.

Ако ти си оној што направил прељуба, можеби ќе треба да смениш нешто и во својата личност. На пример, можеби си склон да флертуваш или да си фантазираш за романтични врски со други лица. Ако е така, ‚соблечи ја старата личност и нејзините дела‘. Старите навики замени ги со нови навики кои ќе ја зајакнат довербата што твојот сопружник ја има во тебе (Колошаните 3:9, 10). Дали начинот на кој си бил воспитуван ти отежнува да ги покажеш своите емоции? Дури и ако во почетокот тоа не ти е лесно, труди се колку што можеш почесто да ја изразуваш својата љубов кон твојот брачен другар. Стив се сеќава: „Со својот нежен допир, Џоди постојано ме уверуваше во својата љубов, и често ми велеше ‚Те сакам‘“.

Некое време ќе биде добро да бидеш сосема отворен и да кажуваш сѐ што си правел дента. Ми Јен вели: „Чул Су не пропушташе да ми раскаже сѐ што му се случило во текот на денот, па дури и најневажните работи, за да ми покаже дека нема што да скрие од мене“.

ПРЕДЛОГ: Кажете си еден на друг што може да ви помогне да ја вратите изгубената доверба. Запишете го тоа на хартија и применете го. Вклучете во вашата рутина и некои активности што ќе ги правите заедно.

4. Оставете си доволно време

Немојте пребрзо да заклучите дека е време да почнете да се однесувате како ништо да не се случило. Во Изреки 21:5 пишува: „Секој што избрзува, сигурно оди кон немаштија“. Ќе ви треба повеќе време — можеби и години — за потполно да ја вратите довербата.

Ако ти си сопружникот што е изневерен, остави си доволно време за целосно да простиш. Ми Јен се сеќава: „Порано ми беше чудно ако една жена не може да му прости на мажот што ја изневерил. Не можев да разберам како може да држи лутина толку долго. Меѓутоа, откако маж ми ме изневери мене, сфатив зошто е тешко да се прости“. Не може преку ноќ да се прости и да се врати довербата.

Сепак, во Проповедник 3:1-3 пишува дека има „време за лекување“. На почеток, можеби си мислиш дека е најдобро да не му ги покажуваш чувствата на твојот брачен другар. Но, ако продолжиш така, нема да успееш да ја вратиш довербата во него. За да биде вашиот однос како порано, прости му и покажи дека си преминал преку сѐ така што ќе зборуваш за своите мисли и чувства. Поттикни го и тој да ти кажува што го радува и што го загрижува.

Немој да размислуваш за она што може уште повеќе да ја зголеми твојата огорченост. Со сите сили бори се против неа (Ефешаните 4:32). Од голема помош ќе ти биде ако размислуваш за примерот што ни го дава Јехова Бог. И Него многу го болело кога древните Израелци му го свртеле грбот. Дури и се споредил со изневерен сопружник (Еремија 3:8, 9; 9:2). Но, тој не се ‚гневел довека‘ (Еремија 3:12). Кога луѓето искрено се покајале и му се вратиле, тој им простил.

Со текот на времето, кога ѝ двајцата ќе бидете задоволни од промените што сте ги направиле во вашиот однос, ќе стекнете извесна мера на сигурност. Тогаш, наместо да сте преокупирани главно со тоа да го спасите бракот, може да си поставите и други цели. И покрај тоа, редовно одвојувајте време за да видите како ви оди. Не бидете задоволни со малку. Решавајте ги дури и најмалите несогласувања и постојано покажувајте си колку сте приврзани еден кон друг (Галатите 6:9).

ПРЕДЛОГ: Наместо да се обидувате да ги вратите работите во бракот како што биле претходно, размислувајте како да изградите нов и уште поцврст однос.

Можете да успеете

Во моментите кога ќе ви се чини дека нема да успеете, не заборавајте дека Бог е оној што го основал бракот (Матеј 19:4-6). Со негова помош, можете да го зачувате. Сите брачни парови кои беа спомнати во оваа статија ги примениле мудрите совети од Библијата и успеале да си го спасат бракот.

Поминале повеќе од 20 години откако Стив и Џоди имале брачна криза. Стив кажува како ја пребродиле: „Работите значително се подобрија откако почнавме да ја проучуваме Библијата со Јеховините сведоци. Помошта што ја добивме беше скапоцена и ни даде сили да не се предадеме кога беше најтешко“. Џоди додава: „Многу сум среќна што го издржавме тој ужасен период. Бидејќи заедно ја проучуваме Библијата и вложуваме многу труд, сега имаме прекрасен брак“.

^ пас. 3 Имињата се сменети.

^ пас. 5 При донесувањето на ваква одлука можат да ти помогнат изданијата на Разбудете се! од 8 август 1999 стр. 6, и 8 август 1995, стр. 10 и 11.

^ пас. 17 Ако некое време не можат да се избегнат сите контакти (на пример на работа), тие треба да се сведат само на најнеопходните, и тоа во присуство на други луѓе и со знаење на твојот брачен другар.

ПРАШАЈ СЕ...

  • Од кои причини одлучив да го спасам бракот и покрај неверството?

  • Кои убави особини ги гледам сега кај мојот брачен другар?

  • Додека бевме во врска, со кои ситни работи му покажував на мојот сопружник дека го сакам, и како можам и сега да го правам истото?