Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Библијата менува животи

Библијата менува животи

Библијата менува животи

ШТО ѝ помогнало на една жена од Филипините да прекине со прекумерното пиење и да си го подобри семејниот живот? Зошто еден каратист од Австралија станал мирољубив проповедник? Прочитај што имаат да ни кажат тие.

„Промените не дојдоа прекуноќ“ — КАРМЕН АЛЕГРЕ

РОДЕНА: 1949

ЗЕМЈА: ФИЛИПИНИТЕ

НЕКОГАШ: МНОГУ ПИЕЛА

МОЕТО МИНАТО: Родена сум во Сан Фернандо, град во провинцијата Камаринес Сур. Но, поголемиот дел од својот живот го поминав во Антиполо, во провинцијата Рисал. Сместено во планински и шумски предел, Антиполо беше мало, мирно гратче кога отидов да живеам во него. Ретко можеше да се види некој на улица откако ќе се стемнеше. Меѓутоа, сега Антиполо е голем град со многу жители.

Кратко откако се преселив во Антиполо, се запознав со Бенџамин. По некое време се венчавме. Брачниот живот ми беше потежок отколку што очекував. За да избегам од проблемите, почнав многу да пијам. Станав проблематична личност, што можеше лесно да се види од мојот однос со маж ми и децата. Не покажував речиси никакво самосовладување ниту стрпливост и немав никаква почит кон маж ми. Сето тоа лошо се одрази врз целото семејство.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Золва ми, Едита, е Јеховин сведок, и таа нѐ посоветува мене и Бенџамин да почнеме да ја проучуваме Библијата. Се согласивме, надевајќи се дека така ќе ни се подобри семејниот живот.

Додека ја проучувавме Библијата, дознавме многу убави работи. Особено ме допреа зборовите од Откровение 21:4, каде што се зборува за оние кои ќе живеат во рајот на Земјата под власта на Божјето Царство. Тој стих кажува дека Бог „ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“. Јас сакав да бидам меѓу луѓето што ќе го доживеат тоа.

Сфатив дека ќе треба да направам големи промени во моите ставови и навики. Но, промените не дојдоа прекуноќ. Ми требаше време за да се ослободам од алкохолот. Исто така, научив да бидам љубезна и стрплива во односите со моето семејство. Освен тоа, научив да го почитувам својот сопруг и да го поддржувам додека презема водство во семејството.

Кога почнавме да одиме на состаноците на Јеховините сведоци, она што го видовме многу нѐ одушеви. Кај Сведоците нема коцкање, пијанство ниту пристрасност. Кон секого се однесуваат со достоинство и почит. Бевме уверени дека ја пронајдовме вистинската религија (Јован 13:34, 35).

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Животот во нашето семејство многу се промени. Јас и Бенџамин сега имаме среќен брак. Исто така, радосно им помагаме и на другите да ги дознаат вистините од Библијата. И нашите два сина со сопругите почнаа да ја проучуваат Библијата. Се надеваме дека еден ден и тие ќе му служат на Јехова заедно со нас. Тоа навистина е најдобриот начин на живот.

„Мислев дека сум непобедлив“ — МАЈКЛ БЛУНСДЕН

РОДЕН: 1967

ЗЕМЈА: АВСТРАЛИЈА

НЕКОГАШ: КАРАТИСТ

МОЕТО МИНАТО: Пораснав во Олбери, еден многу убав и богат град во Нов Јужен Велс. Но, како и во повеќето градови, и во него има криминал. Сепак, општо земено Олбери е познат како безбедно место за живеење.

Детството ми беше многу убаво. Иако моите родители се разведоа кога имав седум години, тие добро се грижеа за мене, за брат ми и за моите две сестри. Стекнав солидно образование во најдоброто приватно училиште во нашето место. Татко ми сакаше да почнам свој бизнис кога ќе завршам со школувањето. Меѓутоа, мене повеќе ме интересираше спортот, особено велосипедизмот и каратето. На крајот, се вработив во еден автосервис бидејќи само така ми остануваше повеќе време за да му се посветам на спортот.

Бев горд што се одржував во добра физичка кондиција. Понекогаш мислев дека сум непобедлив. Лесно можев да ја употребам силата за да го добијам од другите тоа што го сакам. Но, мојот карате-инструктор, кој знаеше дека водам внатрешна борба да не ја злоупотребам својата сила, ме научи на строга дисциплина и морална етика. Постојано ми нагласуваше колку е важно да се биде послушен и лојален.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Кога почнав да ја проучувам Библијата, дознав дека Јехова го мрази насилството (Псалм 11:5). Во почетокот си мислев дека каратето не е насилен спорт бидејќи движењата се изведуваат на безбеден начин. Мислев дека доблестите и високите вредности што ги застапува каратето се во склад со она што го вели и Библијата. Јеховините сведоци што проучуваа со мене беа многу стрпливи. Тие никогаш не ми рекоа дека треба да се откажам од боречките вештини, туку едноставно ме поучуваа за библиските вистини.

Кога научив многу работи од Библијата и станав поблизок со Јехова, почнав да гледам на сѐ од поинаков агол. Бев восхитен од примерот што го оставил Јеховиниот Син, Исус. Иако бил многу силен, Исус никогаш не применил физичко насилство. Неговите зборови запишани во Матеј 26:52 длабоко ме погодија: „Сите што ќе се фатат за меч, од меч ќе загинат“.

Колку повеќе учев за Јехова, толку повеќе растеше мојата љубов и почит кон него. Длабоко ме допре мислата дека нашиот Творец, кој е толку мудар и моќен, се грижи за мене лично. Бев трогнат кога дознав дека, дури и кога го разочарував Јехова или си мислев дека е премногу тешко да се сменам и затоа ми доаѓаше да кренам раце од сѐ, тој никогаш нема да се откаже од мене ако продолжам упорно да се трудам. Многу ме утеши следново негово ветување: „Јас, Јехова, твојот Бог, те држам за десницата и ти велам: ‚Не плаши се! Јас ќе ти помогнам‘“ (Исаија 41:13). Кога сфатив колкава љубов покажал Бог кон мене, не сакав да ја изгубам.

Знаев дека најтешкото нешто во животот ќе ми биде да се откажам од каратето. Но, знаев и дека тоа ќе му биде многу мило на Јехова. Бев сигурен дека вреди да направам секаква жртва за да му служам. Мислам дека пресуден фактор да се променам беа Исусовите зборови од Матеј 6:24, каде што пишува: „Никој не може да им робува на двајца господари“. Сфатив дека ќе биде невозможно да му служам на Јехова со цело срце и да продолжам со каратето, бидејќи каратето пак ќе ми станеше поважно. Дојде време да го изберам својот господар.

Не ми беше лесно да престанам да вежбам карате. Во мене имаше измешани чувства. Бев среќен кога ќе помислев на тоа дека го радувам Јехова. Но, во исто време имав чувство дека го изневерувам мојот инструктор. Оние што вежбаат боречки вештини сметаат дека е непростлив грев да изневериш некого. Некои дури и се решаваат на самоубиство наместо да се соочат со тој срам.

Не можев да соберам храброст да му објаснам на инструкторот зошто го оставам каратето. Затоа едноставно си заминав, прекинувајќи секаков контакт со него и со другите каратисти. Знаев дека постапив исправно со тоа што го оставив каратето. Сепак, во исто време се чувствував виновен што не им објаснив кои се моите нови верски убедувања и така пропуштив прилика да зборувам за мојата вера. Се чувствував како да го разочарав Јехова уште пред да почнам да му служам. Многу се измачував. Честопати се обидував да му се молам на Јехова во врска со тоа, но секогаш почнував да плачам од голема болка.

Сигурно Јехова видел нешто добро во мене бидејќи ги поттикна браќата и сестрите во собранието да ми дадат поддршка. Тие покажаа неопислива љубов, утеха и пријателство. Ме тешеше и библискиот извештај за Давид и Витсавеа. Иако Давид направил сериозни гревови, Јехова му простил откако искрено се покајал. Колку повеќе размислував за овој извештај, толку поисправно гледав на моите пропусти.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Пред да ја проучувам Библијата, не ми беше гајле за никого и мислев дека сѐ во животот се врти околу мене. Но, со помош на Јехова и на мојата прекрасна сопруга со која сум во брак седум години, научив да покажувам поголемо сочувство кон другите. Се радуваме што ја проучувавме Библијата со неколку души, меѓу кои имаше и лица што доживеале големи трагедии. Тоа што гледам дека Јеховината љубов влијае толку длабоко врз животот на луѓето ми носи поголемо задоволство од она што ќе го чувствував ако станев карате-шампион.

[Истакната мисла на страница 14]

„Длабоко ме допира мислата дека нашиот Творец, кој е толку мудар и моќен, се грижи за мене лично“

[Рамка/слика на страница 15]

„Ви благодарам за оваа прекрасна рубрика!“

Уживаше ли додека ги читаше овие искуства? Тоа се само 2 од преку 50-те такви извештаи издадени во Стражарска кула почнувајќи од август 2008 год. Рубриката „Библијата менува животи“ им стана омилена на нашите читатели. Зошто толку им се допаѓа?

Лицата за кои се зборува во овие статии потекнуваат од најразлични средини. Пред да го запознаат Јехова Бог, некои од нив биле прилично успешни луѓе, но немале вистинска смисла во животот. Други требало да се изборат со големи пороци и лоши навики, како што е насилниот карактер или злоупотребата на дрога и алкохол. Трети, пак, пораснале во семејства на Јеховини сведоци, но извесно време престанале да му служат на Јехова. Сите овие искуства покажуваат дека е возможно човек да се промени за да му угоди на Бог. Освен тоа, тие промени секогаш се за доброто на оној што ги прави. Како им користат овие статии на нашите читатели?

Една читателка објаснува како статијата од 1 февруари 2009 год. им помогнала на некои затворенички во еден женски затвор.

▪ „Многу затворенички се соживеаја со личностите што се спомнуваат во статијата“, вели таа. „Особено силен впечаток им оставија сликите ‚пред‘ и ‚потоа‘, како и кратката биографија на секое лице. Многу од затвореничките имале сличен живот. Откако ги прочитаа овие статии, две затворенички почнаа да ја проучуваат Библијата“ (С. В.).

Некои од читателите биле трогнати до дното на душата од искуствата во оваа рубрика. На пример, во изданието од 1 април 2011 год., беше објавено искуството на Гвадалупе Виљареал, кој престанал со хомосексуалниот начин на живот за да му служи на Јехова. Еве само две од многуте писма што ги добивме од нашите читатели во врска со неговото искуство.

▪ „Многу ме трогна животот на Гвадалупе. Прекрасно е да се види како љубовта кон Јехова и кон неговата Реч можат да сменат од корен еден човек!“ (Л. Ф.).

▪ „Во минатото се трудев да им зборувам за мојата вера на сите, вклучувајќи ги и хомосексуалците. Но, по некое време сфатив дека почнав да ги одминувам таквите лица, па дури и потполно да ги избегнувам. Оваа статија беше токму тоа што ми требаше. Ми помогна на тие луѓе да гледам онака како што гледа Јехова — дека еден ден можеби ќе почнат да му служат“ (М. К.).

Друго искуство што особено им се допадна на многу читатели беше искуството на Викторија Тонг, објавено во изданието од 1 август 2011 год. Викторија раскажа за своето тешко детство и за тоа дека, дури и со години откако почнала да му служи на Јехова, не можела да ја почувствува неговата љубов. Исто така, раскажа што ѝ помогнало да го прифати фактот дека Јехова ја сака. Прочитај што рекоа некои читатели за нејзиното искуство.

▪ „Искуството на Викторија како да беше напишано за мене. И јас имам доживеано многу трагедии во животот. Постојано се борам со негативни мисли — дури и многу години откако станав Јеховин сведок. Но, искуството на Викторија ме охрабри уште повеќе да се трудам да гледам на себе онака како што гледа Јехова“ (М. М.).

▪ „Кога бев млад, станав зависник од порнографија. Неодамна повторно ѝ подлегнав на таа слабост. Побарав помош од христијанските старешини и полека успеав да го надминам овој проблем. Старешините ме уверија во Божјата љубов и милост. Сепак, понекогаш сѐ уште се чувствувам безвредно, како да е невозможно Јехова да ме сака. Искуството на Викторија многу ми помогна. Сега сфаќам дека, кога ќе помислам дека не е можно Бог да ми прости, тоа е исто како да велам дека жртвата на неговиот Син не е доволна за да ги покрие моите гревови. Си ја издвоив оваа статија за да можам да ја читам и да размислувам за неа секогаш кога ќе ме преплават чувства на безвредност. Ви благодарам за оваа прекрасна рубрика!“ (Л. К.).