Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Зошто во библиски времиња се користел битумен како малтер?

Во Библијата пишува дека луѓето што ја граделе Вавилонската кула ‚наместо камен, користеле тули, а наместо малтер, земјена смола‘, односно „битумен“ (1. Мојсеева 11:3, фуснота).

Создавањето на битуменот е природен процес. Тој настанува од нафтата и многу го има во Месопотамија, каде што извира од земјата и потоа се стврднува. Неговото својство да лепи било забележано уште во библиски времиња. Битуменот бил „погоден за градби направени од печени тули“, пишува во една стручна книга.

Во една статија од списанието Archaeology е опишана една неодамнешна посета на урнатините на еден зигурат во древниот град Ур во Месопотамија. „Меѓу зачадените тули сѐ уште може да се види малтерот од битумен, кој бил меѓу првите работи што почнале да се добиваат од огромните нафтени полиња на јужен Ирак“, вели авторот. „Оваа леплива црна материја, која денес е причина за политичката нестабилност и насилството во тој регион, некогаш буквално ја сврзувала оваа цивилизација. Употребата на битуменот како малтер и во поплочувањето на патиштата помагала ронливите тули од кал што ги изработувале Сумерите да бидат заштитени од водата. Затоа, тие градби можеле да опстанат со илјадници години.“

Каква била „хартијата“ што се користела во библиски времиња?

Ова прашање се појавува поради зборовите на библискиот писател Јован: „Иако имам многу да ви пишувам, не сакам да го правам тоа на хартија и со мастило“ (2. Јованово 12).

Грчкиот збор хар’тес, кој овде е преведен со зборот „хартија“, се однесува на хартија направена од папирус, кој е едно водно растение. Во една стручна книга е објаснето каква техника се користела за да се направат листови за пишување од стебленцата на ова растение: „Стеблата, кои понекогаш биле долги 3 метри, се лупеле и се сечеле на тенки ленти, кои потоа се ределе една до друга. Врз нив се редел друг слој со ленти поставени во обратен правец. Потоа се удирале со дрвен чекан за да се добие лист, кој на крајот се мазнел со стругало“.

Археолозите пронашле многу древни папируси во Египет и во околината на Мртвото Море. Некои од тие папируси со библиски текстови датираат од времето на Исус, па дури и порано. Најверојатно на таков материјал биле напишани писмата што ги содржи Библијата, како што се писмата на апостолите.

[Извори на слики на страница 11]

Spectrumphotofile/ photographersdirect.com

© FLPA/David Hosking/age fotostock