Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зближи се со тој што ги слуша молитвите

Зближи се со тој што ги слуша молитвите

Зближи се со тој што ги слуша молитвите

МНОЗИНА од оние што велат дека веруваат во Бог не можат да објаснат зошто веруваат во него. Не можат да објаснат ниту зошто религијата честопати има лошо влијание или зошто Бог ги допушта страдањата. Во најдобар случај, тие само се молат на еден Бог за кој не знаат речиси ништо.

Но, не мора да е така и со тебе. Ти можеш да бидеш близок со Бог. Можеш да стекнеш вера во него ако го запознаеш, а тоа ќе те поттикне да го засакаш и да го цениш. Вистинската вера се темели на докази (Евреите 11:1). Ако ја дознаеш вистината за Бог, ќе го запознаеш како пријател и ќе можеш слободно да зборуваш со него. Прочитај што имаат да кажат некои лица што се молеле, иако се сомневале дека Бог постои.

Патриша, спомната во првата статија. „Еден ден бев заедно со десетина пријатели и се отвори дискусија за религијата. Јас реков дека тој ден излегов од дома за да го избегнам разговорот меѓу татко ми, кој беше атеист, и еден Јеховин сведок што дојде на нашата врата. ‚Можеби Јеховините сведоци се во право‘, рече еден од моите пријатели.

‚Ајде да појдеме на еден од нивните состаноци за да видиме дали е така‘, предложи друг. Тоа и го сторивме. Иако имавме многу сомнежи, некои од нас продолжија да одат на состаноците само затоа што Сведоците беа фини.

Меѓутоа, еден ден слушнав нешто кое сосема го промени мојот став. Говорникот објасни зошто има толку страдања. Никогаш немав чуено дека човекот во почетокот бил создаден како совршено суштество и дека гревот и смртта преку еден човек му биле пренесени на целото човештво. Говорникот објасни и зошто Исус морал да умре за да можат луѓето пак да го добијат она што го изгубил првиот човек * (Римјаните 5:12, 18, 19). Во еден миг сѐ ми се разјасни. ‚Навистина постои Бог кој нѐ сака‘, си помислив. Продолжив да ја проучувам Библијата и наскоро, за првпат во животот, сфатив дека можам да му се молам на некој што навистина постои.“

Ален, исто така спомнат во уводната статија. „Еден ден на нашата врата дојдоа Јеховини сведоци, и жена ми ги покани внатре бидејќи ја интересираше зошто веруваат дека можеме да живееме вечно на Земјата. Јас се налутив. Затоа, ја тргнав насамо во кујната и ѝ реков: ‚Не биди глупава. Зар ќе поверуваш во нешто такво?‘

‚Ако е така, седни со нив и докажи дека грешат‘, ми одговори таа.

Се разбира, не успеав ништо да докажам. Но, тие беа многу љубезни и ми дадоа книга во која се зборуваше за тоа дали животот настанал со создавање или со еволуција. Она што го прочитав во неа беше многу логично и поткрепено со толку јасни докази, што решив да дознаам нешто повеќе за Бог. Почнав да ја проучувам Библијата со Сведоците, и по кратко време сфатив дека тоа што го пишува во неа е сосема различно од она што го знаев за религијата. Како што учев сѐ повеќе за Јехова, почнав да го молам за поконкретни работи. Имав некои погрешни ставови, па затоа го молев да ми помогне да ги променам. Сигурен сум дека Јехова одговори на моите молитви.“

Ендру од Англија. „Иако имав цврсти ставови и многу се интересирав за науката, верував во теоријата на еволуција само затоа што другите тврдеа дека е докажана. Не сакав да верувам во Бог поради сите лоши работи што се случуваа.

Сепак, понекогаш си велев: ‚Ако постои Бог, сакам да знам која е смислата на животот. Зошто има толкав криминал и толку војни?‘ Кога ќе се најдев во неволја, понекогаш се молев за помош, но не знаев на кого му зборувам.

Еднаш некој ѝ дал на жена ми трактат издаден од Јеховините сведоци, со наслов Ќе преживее ли овој свет? Токму за тоа прашање честопати размислував! Трактатот ме натера да се запрашам: ‚Дали вреди да ги побарам во Библијата одговорите на моите прашања?‘ Подоцна, додека бев на одмор, некој ми ја даде книгата Библијата — Реч Божја или човечка? * Кога увидов дека Библијата не е во судир со науката, решив да дознаам нешто повеќе за неа. Затоа, кога еден Јеховин сведок се понуди да ја проучува Библијата со мене, јас се согласив. Кога сфатив каква намера има Јехова со луѓето, имав чувство дека го познавам како вистинска личност, како некој со кого можам слободно да зборувам во молитва.“

Џан, која израснала како протестант во Лондон. „Лицемерството во црквите и големите страдања во светот ме наведоа да се откажам од религијата. Исто така, престанав да одам на колеџ, а почнав да пеам и да свирам на гитара за пари. Тогаш го запознав Пет. Тој израснал во семејство на католици и, исто како мене, престанал да верува во Бог.

Живеевме во една напуштена куќа заедно со уште неколкумина што го прекинале школувањето и се интересираа за источните религии. До доцна навечер, со часови водевме длабоки дискусии за смислата на животот. Иако јас и Пет не верувавме во Бог, сметавме дека сепак мора да постои некоја ‚виша сила‘.

Откако се преселивме во северна Англија за да најдеме работа како музичари, се роди нашиот син. Една ноќ тој се разболе и јас му се помолив на Бог, иако не верував во него. Кратко потоа, односот помеѓу мене и Пет се влоши, па затоа го зедов бебето и си заминав. Повторно почнав да се молам за помош, надевајќи се дека постои некој што ќе ме чуе. Без да знам, и Пет го правел истото.

Подоцна тој ден, двајца Јеховини сведоци тропнале на вратата на Пет и од Библијата му прочитале неколку совети што би ни користеле. Пет ми се јави и ме праша дали би сакала да ја проучуваме Библијата со Јеховините сведоци. Наскоро дознавме дека, за да му угодиме на Бог, ќе мора да се венчаме. Со оглед на проблемите во нашата врска, тоа барање изгледаше претешко.

Сакавме да дознаеме нешто повеќе за исполнувањето на библиските пророштва, зошто има толку страдања и што е Божјето Царство. Малку по малку, ни стана јасно дека Бог навистина се грижи за луѓето, и сакавме да постапуваме како што бара тој. Затоа се венчавме. Мудроста од Божјата Реч ни помогна во воспитувањето на нашите три деца. Уверени сме дека Јехова ги слушна нашите молитви.“

Испитај ги доказите

Како и милиони други, овие лица не дозволиле да бидат измамени од лажната религија и дознале зошто Бог ги допушта страдањата. Дали забележа дека тоа што точно ја разбрале Библијата ги уверило дека Јехова навистина ги слуша молитвите?

Дали би сакал да ги испиташ доказите дека постои Бог? На Јеховините сведоци ќе им биде мило да ти помогнат да ја дознаеш вистината за Јехова и за тоа како можеш да станеш поблизок со „тој што ги слуша молитвите“ (Псалм 65:2).

[Фусноти]

^ пас. 6 Нешто повеќе за откупната вредност на Исусовата смрт можеш да прочиташ во 5. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.

^ пас. 12 Издадена од Јеховините сведоци.

[Истакната мисла на страница 10]

„Кога сфатив каква намера има Јехова со луѓето, имав чувство дека го познавам како вистинска личност, како некој со кого можам слободно да зборувам во молитва“

[Слика на страница 9]

За да имаме вистинска вера потребни се докази и желба да се дознае вистината за Бог