Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто тој што ги слуша молитвите ги допушта страдањата?

Зошто тој што ги слуша молитвите ги допушта страдањата?

Зошто тој што ги слуша молитвите ги допушта страдањата?

ИАКО некои луѓе се молат, сепак се сомневаат дека постои Бог. Зошто? Можеби затоа што гледаат дека во светот има многу страдања. Си се прашал ли некогаш зошто Бог ги допушта страдањата?

Дали Бог навистина ги создал луѓето онакви какви што се денес — несовршени и подложни на страдања? Тешко дека би почитувале еден бог чија намера била луѓето да страдаат. Но, замисли го следново: додека со восхит разгледуваш една многу убава нова кола, забележуваш дека на едната страна е удрена. Ќе претпоставиш ли дека производителот ја направил со фабричка грешка? Се разбира дека не! Јасно е дека производителот ја направил „совршено“, а штетата ја предизвикал некој друг или нешто друго.

Слично е и кога им се восхитуваме на неверојатниот ред и дизајн на творбите во природата и кога го гледаме хаосот и расипаноста кои го довеле човечкото семејство до дното. До каков заклучок доаѓаме? Во Библијата пишува дека првите луѓе што ги создал Бог биле совршени, но подоцна самите си нанеле штета (5. Мојсеева 32:4, 5). Добра вест е тоа што Бог ветува дека ќе ја поправи целата штета — луѓето што му се послушни, еден ден повторно ќе станат совршени. Меѓутоа, зошто чека толку долго?

Зошто чека толку долго?

Причината за тоа е да се даде одговор на прашањето кој треба да владее со човештвото. Јехова немал намера човек да владее над друг човек. Тој требало да биде нивен Владетел. Во Библијата пишува: „Човекот кој оди не може да управува со своите чекори“ (Еремија 10:23). За жал, првиот брачен пар одлучил да се побуни против владеењето на Бог. Ова непочитување на Божјата заповед ги направило грешници (1. Јованово 3:4). Како последица од тоа, го изгубиле совршенството и си нанеле штета себеси и на своите потомци.

Илјадници години, Јехова им дозволува на луѓето да владеат сами, но историјата потврдила дека нема човек што е способен да владее со другите. Таа покажува дека сите човечки влади предизвикуваат страдања. Ниту една влада не успеала да ги отстрани војните, криминалот, неправдите или болестите.

Како Бог ќе ја поправи штетата?

Во Библијата е запишано ветувањето дека Бог наскоро ќе воспостави еден праведен нов свет (2. Петрово 3:13). Во него ќе живеат само оние што по своја волја избрале да покажуваат љубов едни кон други и кон Бог (5. Мојсеева 30:15, 16, 19, 20).

Освен тоа, Библијата вели дека во „денот на судот“ кој се приближува, Бог ќе му стави крај на сето страдање и ќе ги уништи оние што го предизвикуваат (2. Петрово 3:7). Потоа, Царот што е поставен од Бог, Исус Христос, ќе владее над послушните луѓе (Даниел 7:13, 14). Што ќе постигне тоа владеење? Во Библијата пишува: „Кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:11).

Како небесен Цар, Исус ќе ја поправи сета штета — како што се болестите, стареењето и смртта — која е последица на тоа што луѓето се побуниле против Јехова, „изворот на животот“ (Псалм 36:9). Исус ќе ги излекува сите што ќе го прифатат неговото владеење. Под негова власт ќе се исполнат следниве библиски ветувања:

▪ „Никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘. На народот што живее таму ќе му биде простен неговиот престап“ (Исаија 33:24).

▪ „[Бог] ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина“ (Откровение 21:4).

Зар нѐ е утешно да знаеме дека Бог наскоро ќе го исполни своето ветување дека ќе му стави крај на сето страдање? Во меѓувреме, и покрај тоа што Бог сѐ уште ги допушта страдањата, не треба да изгубиме доверба дека ги слуша нашите молитви.

Бог постои. Тој може да ги чуе твоите молитви, дури и кога му ја искажуваш својата болка и тага. Бог многу сака и ти да го доживееш времето кога сите твои сомнежи и болката што ја чувствуваш ќе бидат минато.