Учи од Божјата Реч
Како влијаат врз нас духовните суштества?
Во оваа статија се разгледани прашања за кои можеби си размислувал. Таа ќе ти покаже каде можеш да го најдеш одговорот во твојата Библија. На Јеховините сведоци ќе им биде мило да разговараат со тебе за овие прашања.
1. Што се ангелите?
Ангелите се духовни суштества што живеат на небото. Тие се повисок облик на живот од луѓето. Вистинскиот Бог, кој и самиот е духовно суштество, ги создал уште пред да ја создаде Земјата (Јов 38:4, 7; Матеј 18:10). Јехова е опкружен со милиони верни ангели. (Прочитај Псалм 103:20, 21; Даниел 7:9, 10.)
2. Дали ангелите им помагаат на луѓето?
Ангелите му помогнале на праведниот човек Лот. Тој живеел во еден град кој Бог решил да го уништи затоа што луѓето во него биле многу злобни. Двајца ангели ги предупредиле Лот и неговото семејство да избегаат. Некои луѓе си мислеле дека тоа е шега и затоа не обрнале внимание. Но, Лот и неговите ќерки преживеале затоа што го послушале предупредувањето што им го дал Бог преку ангелите. (Прочитај 1. Мојсеева 19:1, 13-17, 26.)
Според Библијата, денес ангелите им помагаат на луѓето на тој начин што ги водат оние кои верно ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство (Матеј 24:14). Таа добра вест вклучува и едно предупредување. Исто како во времето на Лот, таквото предупредување не е шега. Тоа доаѓа од Бог, кој го пренесува преку ангелите. (Прочитај Откровение 1:1; 14:6, 7.)
Преку ангелите, Бог може да ни дава сила кога се соочуваме со тешкотии. Јехова употребил ангел за да го зајакне Исус. (Прочитај Лука 22:41-43.)
Наскоро Бог ќе ги употреби ангелите на еден поинаков начин — за да ги уништи злобните кои ги предизвикуваат страдањата. Тогаш луѓето ќе бидат многу радосни. (Прочитај 2. Солуњаните 1:6-8.)
3. Како влијаат врз нас демоните?
Исто како што многу луѓе на Земјата постапуваат лошо со тоа што не го слушаат Бог, така и на небото многу ангели се побуниле против Бог (2. Петрово 2:4). Непослушните ангели се наречени демони. Најистакнат од нив е Сатана, Ѓаволот. Тој и неговите демони ги заведуваат луѓето. (Прочитај Откровение 12:9.)
Сатана ги користи расипаниот бизнис, човечките влади и лажните религии за да влијае врз луѓето и да ги оддалечи од Бог. Значи, Сатана стои зад неправдите, насилството и страдањата што го измачуваат човештвото. (Прочитај 1. Јованово 5:19.)
4. Како демоните ги заведуваат луѓето?
Сатана завел многу луѓе со учењето дека умрените стануваат духови што можат да комуницираат со живите. Меѓутоа, Библијата вели дека мртвите не можат да направат ништо (Проповедник 9:5). Но, демоните често ги заведуваат луѓето на тој начин што го имитираат гласот на починатото лице (Исаија 8:19). Демоните ги доведуваат другите во заблуда преку спиритистички медиуми, гатачи и астролози. Божјата Реч нѐ опоменува да немаме ништо со такви работи. Затоа, од својот дом треба да фрлиме сѐ што е поврзано со демони и спиритизам. (Прочитај 5. Мојсеева 18:10, 11; Дела 19:19.)
Ако го сакаме Јехова, нема потреба да се плашиме од демоните. Кога ја проучуваме Божјата Реч и правиме како што пишува во неа, му се спротивставуваме на Ѓаволот и се зближуваме со Бог. Јехова е посилен од демоните. Неговите верни ангели можат да нѐ зајакнат кога ќе ни биде потребно. (Прочитај Псалм 34:7; Јаков 4:7, 8.)
Нешто повеќе можеш да прочиташ во 10. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци