Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кој ги слуша молитвите?

Кој ги слуша молитвите?

Кој ги слуша молитвите?

АКО постои некој што ги слуша молитвите, тоа мора да биде нашиот Творец. Кој друг освен Оној што го создал човечкиот мозок може да ги чита мислите? Кој друг може да ги услиши молитвите и да им помогне на луѓето? Сепак, можеби се прашуваш: ‚Дали е разумно да се верува во Творец?‘

Многу луѓе мислат дека верата во Творец бара да се отфрлат доказите што ги дава современата наука. Но, претпоставката дека верата во Бог нема ништо заедничко со науката едноставно не е точна. Размисли за следново.

▪ Една неодамнешна анкета спроведена меѓу 1.646 професори по природни науки од 21 престижен универзитет во Соединетите Држави, откри дека само една третина од испитаниците го изнеле своето гледиште со зборовите: „Јас не верувам во Бог“.

Значи, прилично голем број научници веруваат дека Бог постои.

Докази дека постои Творец

Дали мора слепо да го прифатиме фактот дека постои некој што ги слуша молитвите? Не. Сосема е погрешна претставата дека верата значи да се верува без докази. Библијата ја дефинира верата како „доказ за она што е вистинско, иако не се гледа“ (Евреите 11:1). На пример, не можеш да ги видиш радио-брановите, но твојот мобилен телефон е јасен доказ дека има невидливи бранови што го пренесуваат гласот. Затоа, го прифаќаш фактот дека такви бранови навистина постојат. Слично на тоа, иако не можеме да го видиме оној што ги слуша молитвите, можеме да ги разгледаме доказите кои ќе нѐ уверат дека тој сигурно постои.

Каде можеме да најдеме докази дека Бог постои? Треба само да погледнеме околу себе. Во Библијата го читаме следново: „Секоја куќа некој ја изградил, а Бог е оној што изградил сѐ“ (Евреите 3:4). Се согласуваш ли со оваа логична изјава? Можеби кога ќе размислиш за редот што владее во вселената, за потеклото на животот или, пак, за тоа како е осмислено најсложеното нешто што постои на планетава — човечкиот мозок — ќе дојдеш до заклучок дека мора да постои облик на живот што е повисок од човечкиот. *

Но, она што можеме да го дознаеме за Бог од природата е ограничено. Само да ги набљудуваш доказите од природата е исто како да ги слушаш чекорите на некој што се приближува зад затворена врата. Сфаќаш дека од другата страна има некој, но не знаеш кој. За да дознаеш, треба да ја отвориш вратата. И ние треба да направиме нешто слично за да откриеме кој стои зад сѐ што е создадено.

Библијата е како една врата што ни отвора можност да го запознаеме Бог. Кога ќе ја отвориш таа врата и ќе размислиш за некои од нејзините детални пророштва и нивното исполнување, ќе најдеш докази дека Бог постои. * Што е уште поважно, кога ќе прочиташ како Бог постапувал со луѓето, ќе дознаеш каква личност е оној што ги слуша молитвите.

Каква личност е оној што ги слуша молитвите?

Библијата открива дека оној што ги слуша молитвите не е безлична сила, туку личност што можеш да ја запознаеш. Секако дека само една личност може да те сослуша и да покаже разбирање за тебе. Утешни се следниве зборови кажани за Бог: „Ти си тој што ги слуша молитвите, кај тебе доаѓа секој човек“ (Псалм 65:2). Бог ги слуша оние што се молат со вера. Освен тоа, тој има свое име. Библијата вели: „Јехова е далеку од злите, а ја слуша молитвата на праведните“ (Изреки 15:29).

Јехова има и чувства. Тој е „Богот на љубовта“, а наречен е и „среќниот Бог“ (2. Коринќаните 13:11; 1. Тимотеј 1:11). Во Библијата пишува како се чувствувал кога злото многу се раширило на Земјата: „Го доболи во срцето“ (1. Мојсеева 6:5, 6). Значи, воопшто не е точно дека Бог ги предизвикува страдањата за да ги искуша луѓето. Во Библијата стои: „Не е можно вистинскиот Бог да прави зло“ (Јов 34:10). Сепак, можеби се прашуваш: ‚Ако Бог е семоќен Творец, зошто сѐ уште дозволува да има страдања?‘

Јехова им дал на луѓето слободна волја, а тоа ни кажува нешто за неговата личност. Зар не го цениме тоа што имаме слобода да избереме што ќе правиме со својот живот? За жал, многу луѓе ја злоупотребуваат својата слобода и си предизвикуваат страдања и себеси и на другите. Тоа наметнува едно прашање што заслужува сериозно внимание: ‚Како е можно Бог да им стави крај на страдањата без да им ја одземе на луѓето слободната волја?‘ Одговорот на ова прашање ќе го најдеме во следната статија.

[Фусноти]

^ пас. 8 Подетални докази дека постои Бог можеш да најдеш во брошурата Дали животот е Божје дело? и во книгата Постои ли Творец кој се грижи за тебе? Овие две публикации се издадени од Јеховините сведоци.

^ пас. 10 Брошурата Книга за сите луѓе и книгата Библијата — Реч Божја или човечка? се издадени од Јеховините сведоци за да ти помогнат да разгледаш некои докази дека Библијата е вдахновена од Бог.

[Рамка на страница 5]

Дали религијата ти создава сомнежи?

За жал, токму религијата е причината поради која многу луѓе се сомневаат дека постои една сочувствителна личност што нѐ слуша кога се молиме. Вмешаноста на религијата во војните, тероризмот и нејзиниот толерантен став кон злоупотребата на деца навеле дури и некои побожни луѓе да речат: „Не верувам во Бог“.

Зошто религијата честопати има лошо влијание врз луѓето? Едноставно кажано, затоа што некои лоши луѓе прават лоши работи во името на религијата. Во Библијата било проречено дека христијанските учења ќе бидат извртени и искористени за погрешни цели. Апостол Павле им рекол на христијанските надгледници: „Меѓу вас самите ќе се појават луѓе кои ќе изнесуваат искривени учења за да ги повлечат по себе учениците“ (Дела 20:29, 30).

На Бог му е одвратна лажната религија. Всушност, Божјата Реч, Библијата, покажува дека лажните религии се виновни за ‚крвта на... сите што биле убиени на земјата‘ (Откровение 18:24). Бидејќи не ги поучуваат луѓето за вистинскиот Бог, кој е самата суштина на љубовта, во Божји очи тие се виновни за крв (1. Јованово 4:8).

Оној што ги слуша молитвите сочувствува со жртвите на безмилосната религија. Наскоро, љубовта кон луѓето ќе го поттикне Бог преку Исус да изврши осуда врз сите што лицемерно се прават побожни. Исус рекол: „Мнозина ќе ми речат во оној ден: ‚Господару, Господару, не пророкувавме ли во твое име?‘... Тогаш ќе им речам: Никогаш не сум ве познавал! Бегајте од мене, вие што правите беззаконија!“ (Матеј 7:22, 23).